Споменикот на Мајка Тереза на плоштадот во Скопје сè уште се гради

Споменикот почна да се гради во октомври 2015 година и требаше да заврши за 18 месеци (март 2017) Фото: Принтскрин

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на 02.05.2015 година, во својот говор на 15-от партиски Конгрес во Куманово, вети дека тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ  ќе го гради споменикот на Мајка Тереза на градскиот плоштад во Скопје.

Во врска со Скопје 2014 можеби наша грешка е што сакавме да направиме сè одеднаш што е пропуштено. Овој проект за среќа има многу повеќе поддржувачи отколку противници, но сепак се чини дека премногу се завлече. Во делот на спомениците ни остана уште споменикот на Мајка Тереза кој ќе се финансира со буџетски средства.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на споменик на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ во Скопје, е делумно исполнето ветување на ВМРО-ДПМНЕ, кое во мај 2015 година  го најави  партискиот лидер Никола Груевски. Зборувајќи на  15-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски тогаш, како што пренесоа медиумите,  меѓу другото, рече дека „проектот Скопје 2014 ќе заврши со споменик на Мајка Тереза “.

Според тендерот кој го објави Министерството за култура во септември 2015 година, рокот за завршување на споменикот беше 18 месеци. Имајќи предвид дека неговата изградба почна во октомрви 2015 година, тој требаше да биде завршен до март 2017 година, сепак тоа досега (01.08.2017) не се случи.

Изградба на споменикот на Мајка тереза, инаку,  не е дел од предизброната програма на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори 2014-2018 година, насловена како „Проверено“ од причина што споменикот требаше да биде донација, односно да го гради индискиот бизнисмен Субрата Рој. Но, бидејќи тој беше осуден на казна затвор во својата земја, а со тоа и оневозможен да го реализира проектот, тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, преку Министерството за култура, го презема овој проект.

На 03.09.2015 година беше објавена информацијата дека, согласно  тендерот, преку Министерство за култура, од државниот буџет ќе се одвојат  5,5 милиони евра  за споменикот на Мајка Тереза.

За споменикот на Мајка Тереза, Министерството за култура ќе потроши 5,5 милиони евра. Откако пропадна донацијата на Субрата Рој кој заврши во затвор во Индија, македонската влада преку Министерството за култура ќе го финансира овој споменик. Според податоците од Бирото за јавни набавки, тендерот за изградба го добила градежната компанија „Бетон“ Скопје, со која пред два дена, Министерството склучило договор за градба. Во договорот пишува дека објектот треба да биде изграден во рок од 18 месеци (март 2017 г. н.з.).

На 02.10.2015 година, медиумите информираа дека почнала изградбата на споменикот на Мајка Тереза.

Тивко, преку ноќ и без стандардната церемонија со лопати и говори, фирмата „Бетон“ со ангажман од Министерството за култура ја почна изградбата на споменикот на Мајка Тереза. За потребите на новото споменична целина за скопјанката Агнеза Гонџа Бојаџиу, вредна близу 5,6 милиони евра, на градежната парцела веќе се исечени и последните 8-9 костени што со децении опстојуваа на централниот скопски плоштад „Македонија“

Имајќи го предвид рокот наведен во договорот за изградба – 18 месеци, и времето кога почнал да се гради споменикот – октомври 2015 година, тоа би значело дека проектот требало да се заврши до март 2017 година.

На 03.01.2017 година, порталот Билд јави дека израснала бетонската конструкција за споменикот на Мајка Тереза.

Политичката криза во земјава не предизвика проблеми во изградбата на спомен-обележјето на Мајка Тереза на скопскиот плоштад „Македонија“. По 15 месеци од почетокот на изградбата, градежната оператива на „Бетон“ од Скопје ја привршува бетонската конструкција на идниот објект висок дури 32 метри. Издигнувањето на конструкцијата е првата и најтешка фаза од овој проект, по која ќе следува обликувањето на сето она што е замислено да наликува на Мајка Тереза од страна на Министерството за култура. За парцелата со површина од 621 метри квадратни досега се потрошија 5,6 милиони евра од државниот буџет.Таканаречениот „објект со скулптурална композиција“ треба да биде завршен во текот на 2017 година.

На 24.05.2017 година, беше објавено дека почнало поставувањето на релјефите за споменикот на Мајка Тереза.

Споменикот на Mајка Тереза, вреден 5,5 милиони евра, кој го гради Министерството за култура во срцето на Скопје, го добива својот финален изглед. Армирано-бетонските и изолаторските работи се речиси готови. Од работите на терен може да се забележи дека моментално се работи на обложувањето со мермер и се поставуваат релјефите.

ВМРО-ДПМНЕ го вметна овој проект   и во својата предизборна програма за предвремените парламентарни избори 2017-2020, насловена како „Реално“ (стр. 431). Рокот за реализација на проектот наведен во оваа програма е јуни 2017 година.

Продолжуваме со реализацијата на Проектот со кој ќе се оддаде почит кон ликот и делото на познатата скопјанка Св. Мајка Тереза. Носител: Министерство за култура. Буџет: 343.000.000 денари. Рок: јуни 2017 година

Но, партијата на Никола Груевски, не ја доби довербата на последните парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година и поради тоа, рокот за реализација на проектот останува март 2017 година.

Досега (01.08.2017) во медиумите не е објавена информација дека споменикот на Мајка Тереза е изграден целосно и дека е завршен. Она што екипата на „Вистиномер“ можеше да го забележи на терен е дека објектот сè уште е ограден и сè уште се работи на неговата реализација.

Со смената на власта, новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, на 29.05.2017 година, најави дека проектот „Скопје 2014“ ќе биде стопиран и преиспитан.

Скопје 2014 мораме веднаш да го запреме затоа што како од Пандорина кутија, секојдневно, во глуво доба и во црн мрак излегуваат нови кичести споменици, скулптури, пасажи, колонади коишто никому не му требаат, а кои прескапо ни ги наплаќаат“, вели Алаѓозовски за агенцијата Макфакс, пренесе Дојче веле.

На 28.07.2017 година, Алаѓозовски формираше Работна група за изработка на Анализа за реализацијата и последиците од т.н. проект Скопје 2014.

Останува незивесно што ќе се случи со споменикот на Мајка Тереза и дали и кога ќе заврши неговата изградба. Одговор на ова прашање побаравме во Министерството за култура, но не добивме.

Имајќи го предвид фактот дека во првичното ветување , рокот за реализација на проектот е март 2017 година, како и тоа дека голем дел од споменикот веќе е изграден и сè уште се работи на него, може да се заклучи дека ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на споменик на Мајка Тереза на плоштадот во Скопје, е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција