Споменикот во Валандово нема никаква врска со сатанизмот, туку со земјотресот од 1931 г.

Фото: Политика, архива, Wikipedia

Споменикот поставен во центарот на Валандово е составен од обелиск и пентаграм, но тој нема никаква врска со сатанизмот. Тој е поставен во 1931 година, во чест на жртвите од катастрофалниот земјотрес што го зафатил гратчето истата година. Во тој период, Валандово било под српска власт, која помогнала за возобновување на гратчето, и во тој контекст била и посетата на кралот Александар Караѓорѓевиќ…

Споменикот поставен во центарот на Валандово е составен од обелиск и пентаграм, но тој нема никаква врска со сатанизмот. Тој е поставен во 1931 година, во чест на жртвите од катастрофалниот земјотрес што го зафатил гратчето истата година. Во тој период, Валандово било под српска власт, која помогнала за возобновување на гратчето, и во тој контекст била и посетата на кралот Александар Караѓорѓевиќ…

 

Пост на Фејсбук тврди дека споменикот во центарот на Валандово, содржи сатански симболи. Ова не е точно.

Обелиск (сатански знак )
Највисоките овакви споменици се наоѓаат во Ватикан, Лондон, Вашингтон кои означуваат држави.

Петокрака-сатански знак
Присутен на челото од сатанскиот бог молох и во сатанските обреди.
Ова слика е на локација Македонија, Валандово.

Обелискот и петокраката ѕвезда (пентаграм) немаат никаква врска со сатанизмот.

Постојат неколку толкувања и верувања за значењето на овие два симбола.

Обелиск (грчки збор за монета или шајка или зашилен столб), е висок, тесен, четиристран споменик, со пирамидион на врвот. Во минатото, обелисците се правеле од едно парче камен и првично биле издлабени во древниот Египет пред повеќе од 3.000 години.

Многу древни култури го почитувале дизајнот на обелиск како почит на божествата поврзани со Сонцето.

Овие заострени монолитни столбови првично биле изградени во парови и се наоѓале на влезовите на древните египетски храмови. Првиот се појавил во Старото Кралство Египет околу 2.300 п.н.е.

Се сметало дека обелисците се претстава на египетскиот Бог на сонцето, Ра, бидејќи тие го следеле движењето на патувањето на Сонцето. Ра (Сонцето) ќе се појави наутро, ќе се движи по небото и повторно ќе исчезне во темнината со зајдисонцето.

Следејќи го патувањето на Ра преку небото, обелисците служеле како сончев часовник, а времето од денот било означено со движењето на сенките на спомениците. Значи, обелисците имале практична цел – тие во суштина биле начин да се одреди времето со читање на сенката што ја правеле.

Постојат неколку толкувања на симболичкото значење на обелисците, од кои повеќето се поврзани со религијата, бидејќи потекнуваат од египетските храмови.

Како што може да се види, употребата на спомениците во вид на обелиск датираат многу пред појавата на монотеистичките религии (христајнството, исламот…), односно се настанати во периодот на политеистичките (многубожните) религии, кои не го познаваат зборот „Сатана“, па дури ни концептот за сатаната (ѓаволот) како таков. Тој не се спомнува ниту во Стариот Завет во таква форма, така што не може да се каже дека обелискот има било каква врска со сатаната, зашто е користен со илјадници години претходно.

 

Пентаграмот е петокрака ѕвезда на овој обелиск

Што се однесува до пентаграмот, како што пишува на страницата на Енциклопедијата Британика  тој се користи илјадници години. Во античко време бил прикажан во гробниците и печатите на Египет и Месопотамија и монетите на Грција. Пентаграмот бил симбол на грчкиот математичар и филозоф Питагора и на неговите ученици, веројатно, делумно како начин следбениците да се препознаат едни со други. Некои извори велат дека Питагорејците го сметале за симбол на здравје и знаење, а во некои прикази на неговите точки се поставени грчките букви за зборот „здравје“. Можеби го користеле и Грците и другите генерално како симбол за да се одбрани од злото, а се гледал и во керамиката од античкото кралство Јудеја, можеби како знак на собирачите на даноци.

Во средниот век во Европа, пентаграмите се користеле како симбол на петте витешки доблести. Пентаграмите се користеле и за одбрана од вештерки, зли духови и демони.

Пентаграмите се користеле и во различни религиозни контексти. Меѓу муслиманите, пентаграмот е познат како Соломоновиот печат, а неговите пет точки се сметаат во барем една традиција како претставуваат љубов, вистина, мир, слобода и правда, соодветно. Тој е, исто така, официјален симбол на верата Бахаи, иако не и најраспространет. Кај Бахаи и бахаизмот пентаграмот понекогаш се нарекува хајкал, што на арапски значи „храм“ или „тело“.

Меѓу христијаните пентаграмот ги симболизира петте Христови рани – неговите раце и стапала повредени од Распетието и неговата страна прободена со копје на војник – како и Витлеемската ѕвезда и самиот Христос.

Во модерните времиња, пентаграмот најчесто се поврзува со неопаганските религии, особено со Вика. Често е прикажан затворен во круг, симбол познат како петакула. Во овие традиции, петте точки често ги претставуваат петте елементи на воздух, оган, вода, земја и дух.

За Виканците, пентаграмот може да симболизира и машки и женски, или Тројната божица (три точки) и Роговиден бог (две точки). Многу неопагани го сметаат пентаграмот за симбол на заштита и може да го користат за повикување или протерување духови.

Понекогаш, превртената фигура на пентаграмот, со две точки свртени нагоре и една надолу, се поврзува со негативна или „црна“ магија и обожавање на ѓаволот.

Но ваквите толкувања, според некои пишувања, се дезинформации. Што се однесува до симболите на Викан, пентаграмот не е претстава на доброто наспроти злото. Тоа е симбол на верата, симбол на 5-те елементи дух, воздух, земја, вода и оган (по еден за секоја точка), а кругот (универзумот) ги содржи и ги поврзува сите.

Во секој случај, пентаграмот (ѕвездата) на обелискот во Валандово, не содржи две точки свртени нагоре и една надолу, туку станува збор за петокрака ѕвезда, користена во социјалистичките земји и во овој случај претставува печат на времето (периодот на социјализмот) кога е поставена на обелискот. И пентаграмот, како и обелискот, како што може да се види, исто така, настанал многу пред појавата на зборот и концептот на „Сатана“, како и обелискот и тоа е една од причините зошто не може да биде „сатански знак“.

 

Споменикот во Валандово оригинално немал петокрака

Тој е поставен во 1931 година, во чест на жртвите од катастрофалниот земјотрес што го зафатил гратчето истата година. Во тој период, Валандово било под српска власт, која помогнала за возобновување на гратчето, и во тој контекст била и посетата на кралот Александар Караѓорѓевиќ… По посетата, е поставен споменикот на чиј врв бил српскиот симбол – двоглав орел. По започнувањето на Втората Светска Војна, на власт во Валандово доаѓаат Бугарите, и тогаш, еден познат валандовчанец со пушка го урива српскиот орел. По ослободувањето, во 1945 година, во Титова Југославија, на врвот од споменикот е поставена ѕвездата петокрака, во знак на победата над фашизмот.

На споменикот пишува:

Споменикот е подигнат во знак на сеќавање на катастрофалниот земјотрес што го зафати овој град и околните села на 8 март 1931 година.

Од сето ова можеме да заклучиме дека тврдењата изнесени во постот се базирани на прозиволно толкување и се погрешни. Според тоа, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција