Според научните факти вакцината е најефикасното средство за заштита од Ковид-19
Иако е објаснето безброј пати, со научни факти, дека во моментов вакцината е најефикасното средство за заштита од Ковид-19 на социјалните мрежи продолжува дезинформациската кампањата против вакцинацијата. Конкретен пример е содржината што ја рецензираме, која за само кратко време откако беше споделена на социјалните мрежи предизвика бурна реакција. Загрижувачки е и револтот против вакцината и научниците што се забележува во коментарите на луѓето изманипулирани со лажни вести, пишува Порталб.мк.
Иако е објаснето безброј пати, со научни факти, дека во моментов вакцината е најефикасното средство за заштита од Ковид-19 на социјалните мрежи продолжува дезинформациската кампањата против вакцинацијата. Конкретен пример е содржината што ја рецензираме, која за само кратко време откако беше споделена на социјалните мрежи предизвика бурна реакција. Загрижувачки е и револтот против вакцината и научниците што се забележува во коментарите на луѓето изманипулирани со лажни вести, пишува Порталб.мк.
Германските лекари алармираат: ,,Разбудете се, реагирајте! Не прифаќајте да се вакцинирате, еве што се крие..!” е насловот на содржината која дезинформира. За само 3 дена објавата добила 610 допаѓања, ја коментирале над 180 луѓе и на Фејсбук ја споделиле уште 400 други корисници. Доста вознемирува и нивото на интеракцијата што оваа објава ја има на социјалните мрежи, и острите коментари за вакцинацијата и научниците. Исто толку колку и насловот, сензационалистичка е и содржината што ја рецензираме. Таа на читателот не му нуди научни факти или информации засновани на релевантни извори, туку само претпоставки и тврдења на еден непознат автор.
Во првиот пасус, во содржината се тврди дека во светот има голем број на експерти на кои медиумите не им даваат простор, но на читателот не му е понудено ниту едно име на овие „многубројни експерти“, наводно игнорирани од медиумите. Во вториот пасус се тврди дека вакцината ќе предизвика промени на ДНК. На нејасен начин се вели дека вакцината „нема да биде штетна само за 700 илјади случаи, туку многу пати повеќе од случаите што ги наброја Гејтс“!
Во продолжение авторот на содржината раскажува за двајца експерти кои не се двоумат отворено да зборуваат против вакцината, но се споменува само името на германскиот лекар Волфганг Водарг.
„Еве двајца експерти кои не се двоумат отворено да зборуваат против вакцината:
Д-р Волфганг Водарг е специјалист за бели дробови, долги години во Германија како раководител на Одделот за јавно здравје, пратеник во германскиот Бундестаг од 1994 до 2009 година, долги години претседател на Комисијата за здравство во германскиот Бундестаг, иницијатор на Комитетот за истражување на свинскиот грип. Како лекар и како политичар за здравствени прашања вели:
„Оваа вакцина генетски го модифицира вакцинираниот. Загрижени сме за генетски модифицираните растенија, дури и за модифицираните животни. Сега, на ред сме ние луѓето, кои треба да бидеме генетски модифицирани од оваа вакцина“.
Kако функционира вакцината во човечкото тело?
Со оглед на големиот број на дезинформации за вакцинацијата, Светската здравствена организација постојано работи на објаснување на тоа каква функција всушност имаат вакцините. Во една нова серија на објаснувања за јавноста СЗО објавила еден нов информативен материјал.
Микробите се насекаде околу нас, и во нашата околина и во нашето тело. Кога човек е чувствителен и наидува на штетен организам, тоа може да доведе до болест и смрт. Телото има многу начини да се заштити од патогени (организми кои предизвикуваат болести). Кожата, мукозните мембрани и цилиите (микроскопски влакна кои ги отстрануваат остатоците од белите дробови), функционираат како физички бариери за да ги спречат патогените да влезат во телото. Кога патогенот го инфицира телото, одбраната на нашето тело, наречена имунолошки систем, се активира и патогенот е нападнат, при што се уништува. Патоген е бактерија, вирус, паразит или габа која има способност да предизвика болест во телото.
Како помага вакцината во случаи кога нашето тело нема заштитни антитела?
Вакцините содржат ослабени или неактивни делови од одреден организам (антигени) кои предизвикуваат имунолошки одговор во телото. Поновите вакцини содржат план за производство на антигенот (или ДНК), а не самиот антиген. Без разлика дали вакцината се состои од самиот антиген или од планот за производство на антигените, оваа ослабена верзија нема да предизвика болест кај лицето што ја прима вакцината, туку ќе го стимулира неговиот имунолошки систем да реагира колку што е можно повеќе.
Некои вакцини се применуваат во повеќекратни дози, кои се аплицираат со недели или месеци разлика. Ова понекогаш е потребно за да се овозможи производство на долготрајни антитела и развој на мемориски клетки. На овој начин, телото се тренира да се бори со специфичниот организам што ја предизвикува болеста, градејќи ја меморијата за патогенот со цел брзо да се бори со него доколку и кога ќе биде изложен во иднина.
Дали вакцините можат да предизвикаат генетска модификација?
Научниците велат дека тврдењето дека вакцината против ковид 19 предизвикува генетска модификација кај луѓето е невистинито. Овие вакцини се дизајнирани да ги стимулираат протеините за да создадат имунолошки одговор против ковид 19, користејќи ги притоа гените на вирусот. За Ројтерс светски експерти изјавиле дека теоријата за која станува збор е мит, што се шири низ светот од антиваксерите кои имаат за цел да создадат конфузија кај јавноста:
„Со генетската модификација би се вршело намерно вметнување на туѓа ДНК во јадрото на човечката клетка, а тоа не се прави со вакцините. Вакцините функционираат така што го тренираат имунолошкиот систем да препознае еден патоген кога се обидува да го зарази телото – ова главно се прави со инјектирање на вирусни антигени или слаби живи вируси кои стимулираат имунолошки одговор преку производството на антитела. ДНК [во ДНК вакцините] не се интегрира во клеточното јадро, така што ова не е генетска модификација“, изјавил Марк Линас од групата Алијанса за наука на Универзитетот Корнел.
Кој е германскиот лекар Волфганг Водарг?
Вистина е дека Волфганг Водарг е лекар и политичар кој медицинската пракса ја напуштил уште од 1994 година, и е личност која е доста присутна по медиумите. Тој стана посебно познат за време на јавната дебата за Ковид 19 кога тврдеше дека Сарс КоВ 2 е само еден од многуте безопасни вируси кој предизвикува сезонски респираторни инфекции. Поголемо внимание во јавноста, Волфганг Водарг, со еден поранешен работник на компанијата Фајзер, предизвикаа во декември минатата година, кога ја пласираа теоријата според која вакцините против ковид 19, предизвикуваат неплодност кај жените. Оваа теорија беше негирана од други научници, но овие коментари влијаеа кај голем број на луѓе кои потоа се плашеа да се вакцинираат. Сега по речиси една година, со реални факти оваа шпекулативна теорија е побиена, има голем број на жени кои забремениле и родиле откако биле вакцинирани.
Волфганг Водарг е познат и по други контроверзни коментари во врска со пандемијата со ковид 19, кои беа остро критикувани од научната фела, политичарите и медиумите. Според критичарите, тврдењата на Водарг се косат со потврдените факти. Некои од неговите изјави беа неосновани и честопати фактите презентирани од Водарг немаа никаква поврзаност едни со други.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар