Спорните гласачи ги виде ДИК
Аналитичарот Сотир Костов, правник по вокација, а во моментот претседател на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти на Република Македонија, во изјава објавена денеска (28.07.2016) вели дека во Избирачкиот список нема спорни или фантомски гласачи, туку само проблематизирани гласачи од страна на Зоран Заев.
Во Избирачкиот список нема никакви спорни или фантомски гласачи. Овие гласачи се проблематизирани единствено од Зоран Заев и од СДСМ, смета Сотир Костов, политички аналитичар.
[Извор: Телеграф Датум: 28.07.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Наспроти изјавата на Костов стојат неколку факти, што ќе бидат образложени подолу. Неспорен производ на спротивставувањето на двете страни е заклучокот дека изјавата што тој ја даде е невистинита.
Прво, Државната изборна комисија (ДИК), на својата 48-седница донесе заклучок дека постојат спорни записи, односно, како што стои во заклучокот , утврдено е „несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список“, како резултат на „административните и теренските проверки спроведени согласно Правилникот за методологија за водење и ажурирање на избирачкиот список заснована на проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки и други соодветни признати методи на проверки“ .
Значи, ДИК како тело задолжено за успешно спроведување на изборите, односно за водење на избирачкиот список, што е ноторен факт, утврдила спорни записи за гласачи. Со тоа врвниот авторитет на 25 овој месец, односно три дена пред денешната изјава на Костов, ја негира тезата што тој ја изнесува – дека спорни гласачи има само според лидерот на СДСМ.
За волја на вистината, бројката на гласачи посочени како спорни произлезе од Пржино 3, односно договорот што четирите најголеми политички партии го постигнаа на 20 овој месец. Но, токму тој договор ја одглави политичката ситуација во земјата, односно го отвори патот за решавање на спорните прашања помеѓу четирите најголеми, од кои СДСМ, чиј претседател, Зоран Заев, кого Костов го апострофира во тезата, е само еден фактор.
Како и да е, договорот од 20 јули годинава во однос на спорните гласачи, сепак, се повикува на извештај на ДИК, како што е наведено во точката 3 од главата Избирачки список од договорот.
Во согласност со анексот Б, подготвен од ДИК, а кој се однесува на вкрстената проверка на запишаните избирачи, имињата на 39.502 лица ќе бидат објавени од страна на ДИК во рок од три дена по изгласувањето на измените на Законот за избори.
Спорниот список, ДИК го објави на својот веб-сајт.
Но, аргументацијата за оспорување на тезата на Сотир Костов не завршува тука. Увертира на трите договори од преговорите на четирите најголеми политички партии минатата и оваа година, беше актуелната политичка криза, која ја одбележаа и бројните протести. Таа, пак, започна минатата година со објавувањето на снимките од прислушуваните разговори, кои изнесоа, според опозицијата, бројни потврди дека гласањата во неколку изборни циклуси се одбележани со бројни нерегуларности. Еден пример е разговорот на, како што тврди СДСМ, Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски, во кој се споменуваат и 50 гласачи на една адреса, што не би било можно доколку Избирачкиот список бил в ред.
КБ: Не знам дали се печати сега нешто во меѓувреме. Ова картиве сите се испечатени.
ГЈ: Види, знаеш….Да, да, да.
КБ: Колку што знам.
ГЈ: Тие им се испечатени, луѓево си ги имаат. Има една ризична работа, ама таа ја знаевме ние и затоа инсистиравме да дадат повеќе адреси Комитетиве. Како што знаеш, имаме по 50 души у стан од 40 квадрати. Е сега, тоа е.
КБ: Добро, ама тоа е. Они може да го видат сега тоа како адреса?
ГЈ: Може, тоа го пишува во избирачки список.
Потврда наоѓаме и во уште еден разговор од истиот сет, воден помеѓу Јанкулоска и соговорничка. Во интерес на просторот, не може да објавиме повеќе, но има поприлично крупна бројка на прислушувани разговори поврзани со изборите, кои може да се чујат и прочитаат тука.
С: Набрзински. Значи, вака стои ситуацијата. Проверките се негативни, знаете. Значи, со оглед на тоа што ги пријавиле 42 во една куќа, 44 во друга куќа и тоа во села со жители од 40 вкупно гласачи. 44 на една куќа ги ставаат, негде 19, негде 22, негде 42. И сега, единствено што може да се направи, а од друга страна се плашиме, нели све излезе по медиуми. Таа е раководител на управни служби била комуњарка. И сега единствено зборев со Наде, може да побараме ние уште еднаш да пуштиме проверки демек да се обрата управните служби уште еднаш проверете овие лица дали се на наведените адреси.
ГЈ: Да де, да.
С: Нели по реакција на барателот.
ГЈ: Да.
С: Меѓутоа, не знам пак, да речеме од 44, барем 10 да ги направиме позитивно.
ГЈ: Е, така. Тоа сакав да ти кажам. Значи, ако ептен не може сите 40.
Постигнатиот политички договор, што го склучија четирите најголеми партии, на сознанијата од „бомбите“, но пред сѐ, на заклучоците на ДИК, говорат дека постојат утврдени спорни гласачи, на број 39.503. Поради тоа изјавата на Сотир Костов ја оценуваме како невистинита.
ИЗВОРИ
- (28.07.2016) Телеграф – СОТИР КОСТОВ: Во списокот нема спорни, туку проблематизирани гласачи само од Заев [Пристапено на: 28.07.2016]
- (25.07.2016) ДИК – Заклучоци од 48-та седница [Пристапено на: 28.07.2016]
- (25.07.2016) ДИК – Заклучоци од 48-та седница (Целосно) [Пристапено на: 28.07.2016]
- ДИК – Мисија и визија на Државната изборна комисија [Пристапено на: 28.07.2016]
- (21.07.2016) Вистиномер – Договорот меѓу четирите политички партии од 20 јули 2016 година [Пристапено на: 28.07.2016]
- (20.07.2016) Делегација на Европската унија во поранешна Југословенска Република Македонија – Agreement between the four political parties 20 July 2016 (20/07/2016) [Пристапено на: 28.07.2016]
- (25.07.2016) ДИК – СПИСОК на граѓани чии што записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните предмет на проверки во Избирачкиот список [Пристапено на: 28.07.2016]
- (28.01.2016) Вистиномер – Прислушувани разговори – сет 7: Лажни гласачи, притисоци и закани кон граѓани и фирми [Пристапено на: 28.07.2016]
- (23.02.2016) Вистиномер – Сите прислушувани разговори објавени од опозицијата (видео/аудио/транскрипти) [Пристапено на: 28.07.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар