Споро се гради пругата Куманово-Бељаковце
ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПРУГАТА НА ДЕЛНИЦАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦИ
Проектот предвидува изградба и реконструкција на пруга во должина од 30,8 км преку подобрување на техничките карактеристики на пругата, замена на старите и дотраени прагови со замена на нови прагови и замена на шините, положување на нов толчаник, поправање на темелните стопи и лежиштата, обновување на изолацијата и дренажата, изградба на нов мост на реката Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање на кабелски водови и огради, поставување безбедносни бариери и заштита од бука и вибрации, поставување на нови сигнално – сигурносни уреди ETCS ниво 1, изградба на три железнички станици Куманово Ново, Шупљи Камен и Беља- ковце како и 6 стојалишта во Лопате, Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клечовце и Довезанце, како и изградба на нови надвозници и подвозници. Средствата за реализација на проектот се обезбедени од ЕБОР.(Буџет: 39.800.000 евра за градежни работи Рок: 2014-2016 Година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Проектот „Изградба и реконструкција на пругата Куманово-Бељаковце“, е ветен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, „Проверено“ (2014-2018) во делот„Инфраструктура“ (Железнички сообраќај и инфраструктура стр.67), со рок на спроведување 2016 година и неговата реализација е во тек. Но, изградбата на оваа пруга оди бавно и тешко дека целата делница ќе може да биде готова во наредните два месеца, кога истекува крајниот термин за нејзиното завршување.
Во март 2014 година почна реализацијата на овој проект и тогаш беше соопштено дека градежните работи ѝ се доверени на германската компанија „Вибе“, дека ревитализацијата на оваа делница ќе чини 46 милиони евра (обезбедни од Европската банка за обнова и развој), како и тоа дека пругата треба да биде готова за три години.
Во октомври 2015 година Билд пренесе информација од терен дека:
Процентот на реализација на работите е на минимално ниво, иако крајниот рок за целосно завршување на делницата од Куманово до Бељаковце е 2016 година. Градежните работи на терен доцнат во секој поглед. Постоечките надвозници во Куманово не се реконструирани, додека единствената завршена работа е отстранувањето на претходната неупотреблива пруга. Во моментов (октомви 2015 година н.з.) на терен во кумановскиот регион се работи на ридските засеци долж трасата, како и кај селото Лопате на изградба на еден од планираните мостови.
На трети септември оваа година (2016) СДСМ на прес-конференција ја критикуваше владејачката паретија дека
Иако помпезно се најавуваше, за 10 години не се изгради ниту пругата кон Бугарија. Почната е само првата од трите делници, од Куманово до Бељаковце и се реализирани само 5 отсто од работите. (Благој Бочварски, претседател на Комисијата за транспорт и врски во СДСМ)
Истиот ден (03.09.2016) имаше реакција и ВМРО-ДПМНЕ во која е наведено дека е „во тек изградбата на пругата Куманово-Бељаковце во должина од 30,8 км“, но во соопштението нема ништо за тоа до каде се работите.
На 21 септември 2016 година медиумите пренесоа изјава на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, во која тој фактички ја повтори информацијата:
Во тек е изградба на пругата кон Република Бугарија и тоа на потегот од Куманово до Бељаковце, инвестиција од 40 милиони евра…
Но, и Мисајловски не кажува конкретно колку и што е сработено на оваа делница.
На 15.10.2016 година во текстот со наслов: „Железницата веќе не е ниту на слеп колосек!“ на Дојче веле, пренесена е оваа изјава од Благоја Бочварски:
Пругата кон Бугарија е реализирана едвај 5%, односно само 20% од првата делница од Куманово кон Бељаковце која требаше да биде готова во септември. Средствата се обезбедени од ЕБОР, договорот е истечен и сега е потребно дополнително да се ангажира консултант бидејќи и на тој му истече договорот, дополнителен надзорен орган, што се нови трошоци. Секое пролонгирање бара дополнителни средства кои државата ги нема. Тоа доведува до опасност ЕБОР да ги повлече парите, а од друга страна втората делница воопшто не е ниту почната да се гради, туку напротив таму имаме забавена динамика со проектирањето, се доцни со проектот а рокот за избор на фирма која треба да гради истече лани во септември. (Бочварски)
Во врска со овој проект во истиот напис има и реакција од Министерство за транспорт и врски, од каде ја повторуваат истата информација дека е „во тек изградба на пругата од Куманово до Бељаковце, инвестиција од 41 милион евра… “. Меѓутоа и во неа нема одговор на критиките од опозицијата дека „проектот доцни и дека се направени само само 20% делница од Куманово кон Бељаковце.“
Ова ветување се споменува во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија” (стр.87), како еден од проектите чија реализација е во тек.
Имајќи го предвид сето ова, како и фактот што сѐ уште не е истечен рокот наведен во програмата (2016), според методологијата на Вистиномер ова ветување има оценка „во тек“.
ИЗВОРИ:
- Извор: Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018)„Инфраструктура“ (Железнички сообраќај и инфраструктура стр.67) [Пристапено: 01.11.2016]
- Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија (стр.87)” [Пристапено: 01.11.2016]
- Тајм.мк (02.03.2014): Пругата кон Бугарија повторно се гради [Пристапено: 01.11.2016]
- МКД (02.03.2014): Со воз до Бељаковце до 2016 година [Пристапено: 01.11.2016]
- Билд (02.03.2014): До Бељаковце ќе се патува со воз најдоцна до 2016 година [Пристапено: 01.11.2016]
- Билд (04.10.2015): ФОТО ВЕСТ: Наместо ветената пруга, правлив пат кон Бељаковце [Пристапено: 01.11.2016]
- Тајм.мк (03.09.2016): Македонија е железнички изолирана земја [Пристапено: 01.11.2016]
- Мета (03.09.2016): СДСМ: По 143 години Македонија остана без редовните железнички меѓународни линии [Пристапено: 01.11.2016]
- Вести (03.09.2016): ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ за железницата не мрдна со прст [Пристапено: 01.11.2016]
- Прес 24 (03.09.2016): ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ за железницата не мрдна со прст, освен кога требаше да се украдат пари за никогаш направената пруга кон Бугарија [Пристапено: 01.11.2016]
- Курир (21.09.2016): Министерот Мисајловски најави изградба на втората делница на експресниот пат Прилеп – Градско [Пристапено: 01.11.2016]
- Дојче Веле (15.10.2016): Железницата веќе не е ниту на слеп колосек! [Пристапено: 01.11.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар