Срамно, поданичко „новинарство“
Медиумите, барем поголемиот дел од нив и особено оние позначајните, (телевизиите со национален предзнак) покажаа дека и дното имало дно!
Пишува: Веле Митаноски
Во нашата, што би рекол професорот Љубомир Фрчковски, „жална“ Македонија, работите почнаа да се „поправаат“. Ама, само во шегата, во иронијата. Некој беше рекол дека иронијата и сарказмот ќе ни бидат нашата последна татковина! Самиот, пак, тоа го трансформирав како афоризам на денот: Сè е за поправен, кога климоглавците се непоправливи!
Законот за хонорарци оди на поправен! Имал слабости! Така кажа шефот на пратеничката група што го истурка во Собранието, Илија Димоски! Законот за екстерното оценување (државните испити) – оди на доработка! Неприменлив е! Така кажа премиерот Груевски, човекот кој, нели, нема врска со она што тој им го диктира на пратениците, а тие климоглаво го усвојуваат! Премиерот нема врска и со климоглавиот претседател, кој ги парафира законите со своите укази! Професорот, де, кој „размислува“ педагошки, а одлучува „државнички“! Премиерот си игра дрндупка со сите институции, вклучително и со Собранието и со претседателот на државата, со обвинителството, судството, полицијата, синдикатите, универзитетите… Покрај толку климоглавци и не чуди што сè е за поправен! Нема поправка, непоправливи се само климоглавците!!!
НОВИНАРСКО ПРОСТИТУИРАЊЕ
Медиумите, барем поголемиот дел од нив, и особено оние позначајните, (телевизиите со национален предзнак) покажаа дека и дното имало дно! Еден наш постар колега и наш учител, пензионираниот новинар-уредник Бошко Нацевски, состојбата ја дефинира како „новинарско проституирање“, a актерите како блудни пера.
„Кога ќе завладее информативен мрак, настапува вистинското време за новинарско проституирање. Проработуваат сите креативни способности за да се исполнат инструкциите на медиумските босови и штиковите од власта. Задоволство е тогаш да ги гледаш тие јадни души од ешалонот на „седмата сила“ како музицираат по партиски партитури. А уште каква елеганција зрачи од тие, често рахитични суратчиња, додека ги изведуваат пируетите на срамот. Во секој миг се подготвени за прпелкање на зажарен подиум, чиниш факир-мајстори. Искубани пудли скокаат низ огнени јазици. А доаѓа времето кога диригентската палка ќе се подигне за да го отсвират сопственото опело“, напиша Нацевски на својот фејсбук-профил.
Примери за ова има безброј, сите се еклатантни, затоа ќе го елаборираме само временски последниот. Шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, откако со колегите усти раскинаа фалејќи го Законот за хонорарците, се истопори пред камерите на „Сител“, посипан со пепел од ушите до петиците. „Со измените“, вели, „ќе се направи еден добар чекор кој ќе биде во полза на граѓаните на Р. Македонија!“ Димовски, бидејќи е истовремено и шеф на пропагандниот тим во неговата партија, на официјалната веб-страница објави, а дел од медиумите го презедоа со фрапантна некритичност. Која е разликата, ако текстот кај ВМРО- ДПМНЕ и „Курир“, завршува со речиси истоветна порака:
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и во наредниот период ќе биде активно вклучена во подобрување на условите и можностите за сите граѓани на Република Македонија.“
Целата „креативност“ на „Курир“, е малата, ТВ-најава: „Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието на Република Македонија ќе достави предлог за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.“ И толку. Текстот понатаму продолжува со целосното преземање на партиската објава:„Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:“
„После подолги консултации со повеќе надлежни државни институции, но и после длабока анализа на сите аспекти и забелешки на повеќе граѓани, организации и претпријатија, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ подготви предлог со кој би се одговорило позитивно на барањата, но во исто време не би се изгубила главната цел и праведност на претходните измени на Законот.“
Колешката Тамара Чаусидис се исчудува на оваа, како што вели, ароганција:
„Конкретни живи луѓе се отпуштени, изгубија работа, нерви, спокојство заради вашите идиотски решенија што сега, демек, предлагате да ги менувате. Другите цел месец се без плати и уште толку ќе бидат ако овој предлог на владејачката партија влезе во процедура. Разбирате ли дека сега сите работодавци ќе чекаат исход од предложените измени и пак нема да исплаќаат хонорари? А видовме колку долго им треба на институциите да ги следат вашите решенија, и тие, кутрите, заедно со хонорарците што ги преораа скопските улици, се веќе излудени. Направија правилник, па го повлекоа, програмата за пресметка ја спакуваа дури неделава. И сега пак ќе треба да менуваат. „Шалили смо се“, работава. Вака ли ќе го намалувате незадоволството во пресрет на бомбата? Со најава за уште еден месец без плата! Еден добронамерен совет – стопирајте ги измените за придонеси, само стопирајте ги! Веднаш!“
Слична, идентична е реакцијата и со Законот за екстерното оценување (државните испити), кој оди на поправка. Професорката Тања Каракамишева, како што уста раскина фалејќи го, сега „мртва ладна“ ги поздравува промените! Откако така одлучил премиерот. Истите медиуми, истите новинари, повторно ја бркаат за изјава, a никој не ја прашува за тоа што се помрднала –дали само во ставот!?
Петар Попоски, наш, а светски научник од данскиот универзитет во Алборг, еден од најжестоките критичари на законот, вака се помајтапи:
„Штo би рекол Дали Салвадор: Пратениците што гласаа „за“ сега даваат оставки, навредени што некој сака да им ја уништожи индивидуално донесената и обмислена одлука да го гласаат законот.“
ЗЛОУПОТРЕБА НА ДИЈАСПОРАТА
Професорот Попоски, охриѓанец по потекло, е автор на крилатицата дека е можеби потешко да си туѓинец дома, отколку странец во туѓина. Тој особено се ужаснува на (зло)употреба на дијаспората и на блефовите на Македонската информативна агенција (МИА), на нејзината (не)професионална педантност и ревносност, за што цитираниот Нацевски пишува:
„Гротексно прозвучува тенденцијата Македонците во туѓина да се ставаат во функција на властодржната пропагандна машинерија. Веќе видени сцени. Репризирања на епохата кога премиерот Георгиевски, инаку, паднат од градоносни облаци, исто така од вмровска провиниенција, метастазите од неговото шарлатанско и волунтаристичко владеење ги распостилаше меѓу сонародниците во туѓина.
– Последниве 14 години не се поврзав со официјалната македонска заедница во Данска. Испадна дека во право сум бил, тешко ќе се разберевме со вакви соопштенија. Ја замолувам истата заедница да си биде конзистентна со своите ставови и итно да пише протестно писмо на данскиот национален канал ДР1 затоа што недоволно ја фалат нивната премиерка и понекогаш дури и ја критикуваат. Ние од контразаедницава не го осудуваме Заев, повеќе нѐ интересира транспарентноста, како и точните и делумно точните материјали. Кој би рекол дека концептов на „контра-whatever“ ќе биде од некоја корист, чудни се контрапатиштата божји“, напиша професорот Попоски, по повод долгиот памфлет на државната новинска агенција.
Македонскиот медиумски простор деновиве е загадуван и од феноменот на србизација и на булеваризација. Медиуми, портали, докажано соработнички блиски на МВР, но и национални телевизии ги споија своите видеотеки со оние од МВР, од каде дневно позајмуваат (им се дотураат) документи од полициските архиви! Снимката на Заев и на Груевски, во кабинетот на вториов, особено писмото на Заев до Верушевски. Објавувачите не прашуваат дали истекувањето документи од МВР, заедно со формирањето паралелни (паравоени) институции (здруженија), не значат и недоверба во оние официјалните? Се добива впечаток дека дури и самата власт не им верува на своите институции кога формира паралелни – партиски. Ако некој мисли дека е тоа корисна работа, нека се потсети на српските дешавки со Легија и со неговите параполициски единици.
За да биде сè комплетно – како што не треба, се погрижи Мирослав Лазански, коментаторот на „Политика“, весникот со најславна традиција на Балканот, сега сведен на бладањата, предадени во оригинал:
„У ТВ емисији на „Каналу 5” у Скопљу рекао сам шта мислим о проблему сарадње домаћих политичара са страним обавештајним службама. Био сам на једно поподне у Скопљу, звали су ме у ТВ емисију Миленка Неделковског (Нацевски: „Новинарски лоен бас од елитната постава владини музиканти“) на „Каналу 5”. Господин Неделковски је један од тројице најбољих македонских новинара, због његових ставова и емисија западне амбасаде редовно улажу протесте кабинету премијера Македоније.
На здравје: „Господин Неделковски је један од тројице најбољих македонских новинара“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар