Србија не гради ограда на границата со Македонија

Фото: Принтскрин колаж

 

Пишува: Ана Анастасовска

Во дел од српските портали минатата недела, на 10 јуни, излезе вест дека Србија поради мигрантите гради ограда спрема Бугарија и Македонија. Оваа вест се појави на Правда.рс, Наслови.нет, Актуелно.нет и на Директно.рс. Веста е лажна.

Според првичната информација на Правда.рс, изградбата на оградата се вршела во потполна тајност.

Во потполна тајност, криејќи се од медиумите и граѓаните на Србија, режимот на Александар Вучиќ започна со изградба на ограда со цел спречување на влез на мигрантите. Оградата се поставува со панична брзина, од Прешево кон исток, долж границата со Северна Македонија и Бугарија, во вкупна должина од 33 километри со цел веќе наесен да биде завршена, пишува Правда.рс.

Оваа вест, од македонските медиуми, ја пренесе Сител телевизија.

 

ВЕСТ БЕЗ НИКАКВА ПОТВРДА

Она што е интересно е дека за веста нема никаква потврда. Српските медиуми кои ја објавија не побарале одговор од нивните власти дали информацијата е точна, туку таа само е нафрлена користејќи го изразот „дознаваме“. Веста не може да се најде во ниту еден од попознатите српски медиуми.

Дека веста е сомнителна говори и фактот што министрите за надворешни работи на Македонија и Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, имаа официјална средба во Ниш токму денат кога беше пласирана оваа вест, на 10 јуни, а на средбата воопшто не станало збор за подигање на  какви  било огради на границата.

Шефовите на дипломатиите, како што пренесоа дел од медиумите, разговарале за тоа кога може да се очекува целосно нормализирање на патниот сообраќај и комуникацијата меѓу двете земји во пост-ковид периодот.

„Вистиномер“, со цел да ја провери релевантноста на информацијата, се обрати до македонското МНР и до МВР. Од МНР кратко само ни одговорија дека немаат таква информација. Веста ја демантираа од МВР.

Ве известуваме дека од српските надлежни органи немаме добиено официјална информација за подигање на ограда на македонско-српската граница. Во овој момент долж заедничката граница нема подигнато заштитна ограда, ни одговорија од МВР.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, инаку, уште во 2016 година, најави дека Србија нема да гради огради на границите, но и дека нема да биде собиралиште за бегалците.

Министрите Небојша Стефановиќ (за внатрешни работи), Александар Вулин (за труд) и неколкумина други, кои јас доста ги почитувам и коишто се борат за Србија, бараат да поставиме огради. Само јас сум против. Но, Србија сепак нема да биде „паркинг“ за бегалци, изјави тогаш Вучиќ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција