Средното училиште Кочо Рацин сè уште чека нова зграда

На патронатот на училиштето, во декември минатата година, Митровски не ја спомена изградбата на новиот објект Фото: Принтскрин

 

Проект: ИЗГРАДБА НА НОВ УЧИЛИШТЕН ОБЈЕКТ ВО СУГС „КОЧО РАЦИН“

Опис на проектот: Во соработка со Владата на Република Македонија, Градот Скопје ќе почне постапка на изградба на нов училиштен објект на СУГС „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров. ( Рок: 2015-2016 година )

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградба на нов  објект на СУГС „Кочо Рацин“ во Општина Ѓорче Петров, вети градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ (2013 – 2017)  Во Програмата, со која тој излезе на локалните избори во 2013 година,  за овој проект проект ( во делот Образование, стр.33), е наведено дека ќе биде реализиран во периодот 2015-2016 година.

Пред локалните избори во 2013 година изградба на ваков објект вети и  градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, само во неговата  Изборна програма (2013-2017) „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Ѓорче Петров“ ( Образование и наука, стр. 22),  новата зграда СГУС „Кочо Рацин“ се споменува во рамки на проектот: „Изградба и доградба на објекти за основни училишта со средства обезбедени од Владата на Република Македонија“, а предвидениот рок за исполнување на ветувањето е  декември 2013 година. Поточно, во Програмата на Митровски е наведено:

Проектот: „Изградба и доградба на објекти за основни училишта со средства обезбедени од Владата на Република Македонија“

Со помош на централната власт и на локалната самоуправа ќе изградиме ново основно училиште во населба Хром и ќе изградиме нов училиштен објект на СГУС „Кочо Рацин“, со цел да се овозможи квалитетен образовен процес.  (Рок: декември 2013 година)

Па со оглед дека рокот за реализација на проектот посочен во програмата на Митровски (декември 2013) е поминат, а нема изгледи дека тоа ќе се случи до крајот на оваа година (2016), кога е проектираниот рок за негово исполнување наведен во Програмата на Трајановски, ова ветување го оценуваме како нереализирано.

Пребарувањето по интернет  за овој проект не дава резултат, во смисла на тоа дека се направени или се во тек некакви активности за изградба на училиштето. Единствено се добиваат информации од предизборието во 2013 година (кога Трајановски и Митровски бараа од граѓаните  (и добија) трет градоначалнички мандат), во кои се најавува изградба на нов објект за СУГС „Кочо Рацин“.

Па така, на пример, во  напис од 30 март 2013 година, може да се прочита дека  Митровски на една од средбите со жителите на Општината Ѓорче Петров , меѓу другото, вели дека  планира и изградба на ново средно училиште на местото на бараките на гимназијата „Кочо Рацин“. Вакви планови во врска со објектот на СУГС „Кочо Рацин“, искажа и Трајановски на 20 март 2013 година на  Митингот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во Ѓорче Петров :

За наредните 4 години Трајановски ги наведе големиот број на проекти кои ќе се реализираат на територијата на Општина Ѓорче Петров, како што се:

…изградба на нов објект за СУГС “Кочо Рацин”…

Гимназијата со паралелки на економско училиште „Кочо Рацин“ е формирана во 1963 година во монтажна барака од англиски тип, која е изградена како временски објект со помош од странски држави кои помогнале на изградбата на Скопје по катастрофалниот земјотрес. Со реализација на мрежата за насочено образование во 1982/83 година се формираат паралелки од текстилна и кожарска струка. Во 1994/95 година повторно се воведуваат гимназиски паралелки, па денес  има 19 гимназиски и 12 од текстилна струка.

Инаку,  учениците од СУГС „Кочо Рацин“  на 22 декември 2015 го прославија својот патронат и 51 година од постоењето во стариот (постојниот) објект.

На прославата организирана по тој повод, директорката на гимназијата Снежана Малцов му додели благодарница на градоначалникот Митровски , кој исто така е ученик во првите генерации на ова училиште. Тогаш во обраќањето пред присутните  Митровски рече:

Иако гимназиите се во надлежност на градот Скопје, јас како градоначалник на Ѓорче Петров и мојот почитуван градоначалник на градот Скопје Коце Трајановски ќе се залагаме за подобрување на условите за работа на нашата гимназија. Секогаш ќе бидам со вас во решавање на проблемите на кои наидувате во вашето работење затоа што во оваа гимназија учат наши деца. Горд сум што и јас бев ученик во првите генерации во оваа гимназија. Ви благодарам за признанието кое ми го доделивте и бидете сигурни дека во мене имате секогаш вистински пријател и подржувач.

Сепак, во оваа пригода тој воопшто не ја спомена изградбата на новата зграда за гимназијата.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот што во моментот (24.06.2016) нема достапни информации дека се започнати некакви градежни зафати за реализација на проектот: ИЗГРАДБА НА НОВ УЧИЛИШТЕН ОБЈЕКТ ВО СУГС „КОЧО РАЦИН“,  ветувањето го сметаме за  неисполнето.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција