Српска „Политика“ конструирала закани од ЕУ за Србија

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Црногорскиот портал за борба против дезинформациите raskrinkavanje.me се зафати со раскринкување на дезинформација објавена од најстариот српски дневен весник – дека ЕУ ѝ се заканила на Србија поради благодарноста на Кина и Русија за помошта за справување со Ковид-19. Во спорниот текст се наведува дека на почетокот на пандемијата изостанала европската солидарност, дека Србија барала медицинска помош од Кина и дека поради тоа од ЕУ добива дури и „помалку или повеќе скриени закани“.

Текстот се однесува на изјавата на Жозеп Борел, Високиот претставник за надворешна политика и безбедносни прашања на ЕУ, кој изјави дека ЕУ ѝ помогнала на Србија, но не видел билборди со коишто се заблагодарува на ЕУ, алудирајќи на рекламните билборди што ги постави таблоидот „Информер“ за да се заблагодари на претседателот на Кина, Сји Ѓинпинг.

Како што напоменува raskrinkavanje.me, Борел истакнал дека ЕУ за помош на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Србија, издвоила 410 милиони евра, а во ниту една реченица не упатил закана, туку само споменал дека Србија се заблагодарува на Кина, но не и на ЕУ, која помогнала. Во ниту една реченица не ја споменал Русија.
Според тоа, нема закана, како што вели „Политика“, туку само констатирање на фактите, со кои во текстот се манипулира, заклучува raskrinkavanje.me.

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција