Српска „Политика“ опасно го врза „Рекет“ со Преспанскиот договор

Најстариот српски дневен весник „Политика“ вчера (21.08.2019) излезе со спинерски текст насловен: „Рекет“ фрла ново светло врз Преспанскиот договор („Reket” baca novo svetlo na Prespanski sporazum), во кој прави конструкција дека Договорот со Грција за решавање на спорот со името е изгласан со рекетирање

 

 

Најстариот српски дневен весник „Политика“ вчера (21.08.2019) излезе со спинерски текст насловен: „Рекет“ фрла ново светло врз Преспанскиот договор („Reket” baca novo svetlo na Prespanski sporazum), во кој прави конструкција дека Договорот со Грција за решавање на спорот со името е изгласан со рекетирање .

Индикативно е тоа што овој влијателен весник анализирајќи ги случувањата со аферата „Рекет“, влече линкови со кои го врзува споменатиот скандал со Преспанскиот договор и прогнозира дека на повидок се нови афери кои го вклучуваат и овој документ.

Текстот на самиот старт пласира една голема манипулација и невистина, креирајќи опасно искривена слика која треба да го стави под прашалник легитимитетот на Преспанскиот договор. Имено, се тврди дека:

Министерот Димитров објави дека со пратениците се тргувало околу промената на Уставот и името на државата.

Фактички „Политика“ го пласира ова неточно тврдење повикувајќи се на Фејсбук статус на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров , при што наменски користи само еден фрагмент од напишаното:

Бојкотот на референдумот имаше иста цел. Да се факторизираат пратениците, за да се тргува со одговорноста.

Всушност, Димитров деновиве ( 18.08.2019) преку статус на Фејсбук испрати порака со сосема поинаква поента дека расчистувањето на случајот „Рекет“ мора да биде дополнителен мотив во борбата за правда, крстосница на која треба да се одбере патот кој води кон иднината – патот на одговорноста.

Нападот на Собранието, најцрниот ден на македонската демократија, беше за да се избегне одговорност за снимките како индиции за масовна злоупотреба и планина од криминал. Да и’ се избега на правдата. Бојкотот на референдумот имаше иста цел. Да се факторизираат пратениците, за да се тргува со одговорноста. Да и’ се избега на правдата. Дискредитацијата на СЈО преку аферата ,,Рекет” повторно е на истата линија. Да и’ се избега на правдата, напаѓајќи ја институцијата специјално формирана токму да испорача правда. До тука имаме континуитет на политичка агенда на неказнивост или со правен израз – повторување на (не)делото… (Димитров)

Како што може да се види, никаде во објавата на ФБ, Димитров не говори дека „се тргувало со пратениците околу промената на Уставот и името на државата“, како што вели „Политика“, која пак, во прилог на оваа теза ја приложува реакцијата на поранешната министерка за култура Ганка Цветанова, објавена на Твитер :

Дали после признанието на Никола Димитров во кое кажува дека со пратениците се тргувало за промена на името и Уставот на Македонија, истиот ќе биде повикан на распит да даде изјава? Дали ќе има официјална истрага? Дали е ова вовед во поништување на Преспанскиот договор?Дали Катица Јанева е сѐ уште на слобода бидејќи се заканува дека ќе проговори за тоа како со помош на СЈО биле уценувани дел пратениците за да гласаат за промена на името, Уставот и историјата на Република Македонија?

Интересно е што „Политика“  ја претставува Цветанова како актуелна пратеничка, што е погрешно, а, уште тврди и дека: „СЈО ја отфрли нејзината кривична пријава за предметот „ Скопје 2014 година“, во време на гласањето за измена на Уставот и на името на Македонија“. Што, исто така, е неточно.

Веројатно, во текстот се мисли на пратеничката и поранешна министерка за култура Елизабета Канческа Милеска, чијашто кривична пријава за несовесно работење во службата, поднесена од Управата за финансиска полиција е отфрлена во јули, речиси шест месеци по изгласувањето на уставните измени. Итоа така, Канческа-Милевска сѐ уште е обвинета во предмет на СЈО и за него судењето е во тек. Таа е првообвинета во случајот „Тендери“ за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за околу 54 милиони денари.

И, пишуван во манипулативен стил написот завршува со констатацијата дека „Димитров на многу дипломатски начин се оградил од членовите на Владата кои се фотографираа со Бојан Јовановски, вклучително и од премиерот Зоран Заев“. Притоа повикувајќи се на пишувањето на македонските портали, заклучува дека:

Димитров се подготвува за висока дипломатска функција во САД или за технички премиер на владата на Македонија.

А, за ваквите наводни планови на Димитров може да се прочита само на порталите кои важат за блиски до ВМРО-ДПМНЕ .

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција