Српски „Курир“ виде страв и драма за Македонија и НАТО таму каде што нема

Српскиот портал „Курир“ деновиве (09.12.2019) излезе со потсмешлив наслов во кој иронизира со укажувањето на шефот на државата Стево Пендаровски дека „во очи на влезот на НАТО, можеме да бидеме предмет на кампањата на политичка пропаганда и на фејк њуз”

Овој негов став во насловната конструкција на „Курир“ е преточен во нагласено тенденциозна порака, делумно испишана и со големи букви, веројатно, за да го засили манипулативниот впечаток: „ВЛЕГУВААТ ВО НАТО, А СЕ ПЛАШАТ ОД ЛАЖНИ ВЕСТИ: Драматично предупредување на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски “(ULAZE U NATO, A BOJE SE LAŽNIH VESTI: Dramatično upozorenje predsednika Severne Makedonije Steve Pendarovskog!)

Станува збор за фрагмент од интервјуто на Пендаровски за емисијата „Детектор” на телевизијата Сител во кое нема ништо драматично, како што сака да прикаже споменатиот наслов. Претседателот само ги кажува неговите очекувања – претпоставки врз основа на претходното искуство со лажните вести за време на референдумот за Договоот од Преспа и промената на името:

Дали во очи на влез на НАТО, наредниве неколку месеци можеме да бидеме предмет на кампањата на политичка пропаганда, на „фејк њуз” и така натаму, мислам дека можеме да бидеме, како што бевме на пример на врвот со политичката кампања минатата година во септември за време на референдумот. Но, не очекувам дека ќе го достигнеме тоа ниво од септември 2018“

Понатаму Пендаровски говори околу  тоа дека  „НАТО е перципиран како гарант за безбедноста…“

И толку. Во неговиот настап нема ниту драматика, ниту манифестација на некаков паничен страв од било што, па и од лажни вести.

Ама, иако содржинскиот дел на текстот на „Курир“ е сосема коректен, тој е „закитен“ со наслов кој очигледно сакал да нѐ исмее и да се мајтапи. Демек, стануваме дел од најмоќниот воен сојуз во светот, а ете сме се исплашиле од лажни вести!

Во прашање се различни работи, на една страна е реализацијата на нашата долгодишна амбиција – членството во НАТО. А сосема друга работа е феноменот со лажните вести, проблем со кој се соочуваат многу други држави, далеку помоќни од нас.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција