Српски министер дезинформира дека државните термоелектрани не испуштаат ПМ честички

Mickey Mystique, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите „Истиномер“ анализирајќи ги тврдењата на Александар Антиќ, министерот за рударство и енергетика на Србија, дека термоелектраните во земјата не придонеле за енормното загадување на воздухот, утврдил дека тоа што го кажува не соодветствува на вистината.

Антиќ изјавата ја дал на српската „Прва телевизија“ на 22 јануари.

Изјавата „Термоелектраните не дадоа ,свој’ придонес во овој последен бран на загадување што го имавме. Ние во изминатиот период многу инвестиравме – 475 милиони евра се инвестирани во „Електростопанство на Србија“ поврзано со термо-секторот и намалување на загадувањето. Ги решивме електро-филтрите, нема загадување со прав, нема честички“ не одговара на фактите, пишува „Истиномер“, кој презентира неколку факти во поткрепа на својот став.

Така, проверувачите на факти го цитираат „Извештајот за состојбата на животната средина“ од Јавното претпријатие „Електростопанство на Србија“ (ЕСС) од април минатата година, во кои се наведени податоците за термоелектраните „Никола Тесла А“ и „Никола Тесла Б“ за 2018 година, при што е првата испуштила 2.999 тони прашкасти материи, а втората 1.731 тон. Потоа се цитира и истражување на Регулаторниот институт за обновлива енергија и животна средина, кој покажува дека термоелектраните на ЕСС во 2018 година шест пати го пречекориле дозволениот праг за загадување, а како што за „Истиномер“ рекла Христина Војводиќ од институтот, до моментот на разговорот немале докази дека испуштањето на загадувачки материи било значително намалено.

Дополнително, во врска со електро-филтрите, Војводиќ нагласила дека и покрај филтрите, сите термоелектрани испуштаат прашкасти материи.

Покрај сулфур диоксид и азотни оксиди, сите термоелектрани емитуваат прашкасти материи, односно ПМ честички. Кога имате термоелектрана што работи, таа константно придонесува за загадувањето, односно произведува ПМ честички. Некои термоелектрани во Србија емитуваат прашкасти материи над законски дозволените граници, па Инспекцијата за заштита на животна средина во 2018 и 2019 година поднесе барања за почнување постапки за стопански престап поради испуштените прашкасти материи во поголем обем во највисоките дозволени граници во двете наведени електрани и во Костолац А – рекла Војводиќ.

„Истиномер“, цитирајќи и други извори и постапки, вели дека сето тоа ги негира тврдењата на министерот за рударство и енергетика дека „нема загадувања со прашкасти материи, нема честички“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција