Српски портали со тенденциозни наслови за „хибридниот напад“ врз Заев

Дел од српските медиуми деновиве излегоа со тенденциозни и манипулативни наслови за новиот „хибриден напад“ врз премиерот Зоран Заев, во кој бил злоупотребен идентитетот на младата еко-активистка, Грета Тунберг. Такви наслови, на пример, објавија порталите : „Информер“ – „Заев повторно намагарчен! Телефонски разговарал со лажната Грета Тунберг, кога се присобрал веднаш ги побарал родителите на Грета!“ (ZAEV PONOVO NAMAGARČEN! Telefonom razgovarao sa lažnom Gretom Tunberg, kad se presabrao, odmah pozvao Gretine roditelje!), „Еспресо“ –„ Заев жестоко насамарен! Мислел дека го побарала Грета Тунберг, тогаш е откриена големата измама“ (ZAEVA ŽESTOKO NASAMARILI! Mislio je da ga je pozvala GRETA TUNBERG, onda je otkrivena VELIKA PREVARA!) и „Србија данас“ – „Повторно изигран: Заев телефонски разговарал со лажната Грета, а еве како Македонците се правдаат“ (PONOVO IZIGRAN: Zaev telefonom razgovarao sa lažnom Gretom, a evo kako se Makedonci pravdaju)

Заедничко за сите овие текстови е тоа што тие во содржинскиот дел точно ја пренесуваат информацијата за „хибридниот напад“ врз кабинетот на премиерот Заев, но се врамени со претенциозни, сензационалистички насловни конструкции, во кои јасно се препознава намерата да се исмее и дискредитира Заев. Употребата на термини од типот „намагарчен“, „насамарен“ „ се правдаат“ , само го засилуваат таквиот впечаток.

Според тоа што беше официјално соопштено, премиерот и неговите советници се посомневале во автентичноста на телефонскиот разговор, но сепак решиле да биде завршен со цел да се разоткрие сомнежот. Овој случај го обелодени еден од советниците на премиерот (Марјан Забрчанец) на Меѓународна конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“. (За разлика од минатиот пат кога тоа го објавија руските комичари, кои лажно се претставија како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. )

Написите коректно ја пренесуваат оваа изјава на Забрчанец, во која објаснува како се случил нападот и како бил разоткриен. Меѓутоа, самиот избор на насловите испраќа поинаква порака – дека идејата на била професионално да се информира, туку Заев да се изложи на потсмев. Се добива впечаток, како едвај да дочекале да го исмејат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција