ССНМ и правно ќе се бори за заштита на авторските права

ССНМ: Некултурата и кршењето на авторските права мора да запре. Фото: Вистиномер

 

 

Авторските права во медиумите во Македонија масовно се кршат, а како начин тоа да се запре или барем намали, Самостојниот синдикат на новинари на Македонија покренува акција во која нуди правна помош при судски процеси за заштита на авотрските права на новинарите, фоторепортерите и снимателите, почнувајќи од јануари 2018 година

 

Пишува Теофил Блажевски

Кршењето на авторските права на новинарите, фоторепортерите и снимателите од страна на медиумите ќе биде предмет на правна помош и заштита од страна на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), беше соопштено на прес конференција во Скопје.

„Оваа информација е предупредување, за да не каже некој после дека не знаел“, изјави претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис, информирајќи дека акцијата започнува од јануари 2018 година.

Авторските права мора да се почитуваат и медиумите да престанат да бидат учесници во нивното кршење, бидејќи тие се заштитени и од етички аспект и со закон. Почитувањето на авторските права е темелна вредност. Непочитувањето е еден од поголемите прекршоци и според Меѓународната федерација на новинарите. Згора на се, тие се заштитени и со Законот за авторски права и со Кривичниот законик, потенцираше Чаусидис.

Секој оној новинар, фоторепортер или снимател кој во иднина ќе се обрати до Синдикатот со мислење дека неговите авторски права во медиумите се прекршени, ќе добие правна помош во судски процес, објаснија на прес конференцијата.

– Фотографијата, видеото, колумните коментарите, ставовите, анализите и други новинарски форми се заштитени со закон и често се предмет на недозволено преземање во други медиуми. Веста, т.е. информацијата во веста не потпаѓа под правна заштита, но препишувањето на веста, т.е. копи-пејстирањето ќе биде исто така предмет на заштита, но во тој случај ќе бидат поднесувни претставки до Советот за етика на медиумите во Македонија – СЕММ, додаде Чаусидис.

На прес конференцијата беше посочено дека најчести прекршувачи на авторските права во медиумите се он-лајн порталите, но дека не ретко тоа го прават и традиционалните медиуми, пред се телелвизиите. Притоа, главно на удар се фотографиите, па авторските текстови.

– Се што важи офлајн, важи и онлајн. Битен е престапот, а не начинот и платформата каде е сторен. Затоа е и погрешна перцепцијата дека е потребна дополнителна регулација на онлјан медиумите. Регулацијата постои, законите се тука само треба да се применат, потенцираше Зоран Ричлиев, новинар и познавач на дигиталните платформи и он-лајн новинарството.

 

Роберт Атанасовски, член на раководствот на ССНМ посочи дека постојат  невработени фоторепортери, а во најава е формирање на фото-агенција и дека на медиумите ќе им биде поевтино во иднина да ги користат законските форми, отколку нелегалното преземање кое го руши во крајна линија и пазарот, т.е конкуренцијата, а го омаловажува и трудот.

– Фоторепортерот може некогаш да ја направи фотографијата за 5 минути, а некогаш и за 5 часа, често стоејќи и на невреме на местото на настанот. Ќе ја објавите на својот медиуми и кога ќе видите после 5 минути дека и фотографијата и веста се преземни на други сајтови, за каква конкуренција на пазарот ние зборуваме и за какво почитување на трудот и на авторските права, вели Атанасовски.

Евидентна е култура на неказнивост на престапите кај онлајн медиумите. Некогаш причината е инертноста не институциите, некогаш неразбирањето на оваа релативно нова сфера, анонимноста на ентитетите, а некогаш штетната заблуда дека за онлајн сферата не важат законите бидејќи дека онлајн медиумите не се „регулирани“ со медиумските закони, потенцираа на пресот.

Од ССНМ посочија дека тие нема да ги мониторираат медиумите туку дека ќе постапуваат и ќе обезбедуваат правна помош само доколку новинарите и фоторепортерите или снимателите им се обратат со мислење дека нивните авторски права се прекршени. Повеќе детали се објавени и на сооопштението поставено на сајтот на ССНМ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција