Станот на доктор Драган Даниловски не бил запален – се шири лажно видео креирано со вештачка интелигенција
Лажно видео во кое е злоупотребен професор доктор Драган Даниловски се појави на социјалните мрежи. Во него е намонтирана лажна изјава, како и лажни кадри – дека станот му бил запален. Тој го демантираше ова видео на својот Фејсбук профил и најави пријави против манипулаторите кои ќе ги достави до МВР и Обвинителството
Лажно видео во кое е злоупотребен професор доктор Драган Даниловски се појави на социјалните мрежи. Во него е намонтирана лажна изјава, како и лажни кадри – дека станот му бил запален. Тој го демантираше ова видео на својот Фејсбук профил и најави пријави против манипулаторите кои ќе ги достави до МВР и Обвинителството
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во којашто се споделува видеоматеријал кој наликува на прилог од вести, меѓутоа е лажен и не е веродостоен. Во „прилогот“ се злоупотребени кадри од дневник, заедно со интервју на професор доктор Драган Даниловски, но целата содржина на искажаното не кореспондира на вистината и е целосно измислена. Оваа содржина претставува манипулативна измама во која се искажани бројни невистини.
Првиот доказ дека видеото е монтирано претставува делот од видеото во кое се емитувани кадри од вестите на јавниот радиодифузен сервис – МРТВ. На кајронот оди најава со содржина „колапс на јавниот превоз во Скопје“, но она коешто спикерката со вештачка интелигенција е изманипулирано дека кажува гласи:
Страшни настани денеска ја шокираат цела Македонија. Утре во Македонија ќе биде прогласен ден на жалост. Станот на доктор Драган Даниловски утрово беше бомбардиран во врска со неговите смели изјави против фармацевтските компании. Доктор Драган Даниловски веќе неколку години се бори за вистината нарекувајќи ги измамници. Тој тврди дека Македонците не ни сфаќаат како им ги даваат парите на измамници. Контактиравме со докторот за да добиеме коментар и за тоа што се случило.
Вакво нешто никогаш не било емитувано на МРТВ, а гласот во позадина е креиран со помош на алатки за вештачка интелигенција. Со исти такви алатки е злоупотребено и интервјуто што доктор Даниловски го има дадено, но на сосема различна тема и неповрзано со некаква експлозија во неговиот стан. Скандалозно, неетички е прикажувањето на лажните кадри во оваа содржина од зграда во пламен, за да се измамат граѓаните да поверуваат дека навистина бил запален станот на Даниловски, што не е точно.
Потоа следува и негова лажна изјава, којашто како што наведовме, претставува видео од вистински дадено интервју, но изменета е содржината на кажаното со помош на вештачка интелигенција. Гласот во двете видеа е сличен (иако не сосема ист). Но, она што бездруго се забележува на лажното видео, тоа е погрешниот акцент.
Веднаш се гледа дека лажното видео има бугарски акцент, чија локација во зборовите е променлива, за разлика од акцентот во македонскиот јазик, кој речиси секогаш паѓа на третиот слог одзади. За секој оној на кого македонскиот јазик му е мајчен, погрешниот акцент е јасно воочлив и веднаш се гледа дека македонскиот јазик употребен во лажното видео наликува на бугарскиот, па конечниот производ е како на некој кому бугарскиот му е мајчин јазик да се обидува да зборува македонски.
Невистинитите наводи кои лажно се тврди дека ги дал Даниловски се:
Фармацевтските кампањи се мафија. Денеска ми го кренаа станот во воздух а утре ќе измамат луѓе. Но, не сакам да играм според нивните правила. Јас сум доктор и дадов заклетва дека ќе ги лекувам луѓето, а не дека ќе прават злосторства и ќе ги залажувам. Зошто ме следат? Затоа што создадов производ што не е профитабилен за нив. Не им е исплатливо да продаваат производ кој навистина помага. Бидејќи нема да го купуваат повторно и повторно. Тие профитираат од вашата болка. Сè уште плаќате за апчиња кои не решаваат ништо. Ако продолжите да ги земате овие апчиња, тоа е ваш избор. Но јас ве предупредувам, ако имате повеќе од 50 години вашите крвни садови се изложени на голем ризик. Со возраста ѕидовите на крвните садови ја губат својата еластичност што доведува до висок притисок, тешкотии во нормалниот проток на крв, коронарна срцева болест, мозочен удар и други патологии. Мислам дека разбирате за што зборуваме. Затоа мојот тим разви нова уникатна формула која почнува да го намалува крвниот притисок во рок од 3 дена и го враќа здравјето на вашите крвни садови. Со нашиот лек ќе заборавите на главоболки, вртоглавица, тинитус, тахикардии, отежнато дишење, болка во градите, слабост и нарушување на спиењето и други симптоми на хипертензија. Не е ни изненадувачки што нашиот производ ги руши сите продажни рекорди и сето тоа без сложени процедури, скапи лекови и постојани посети на лекар. Вашиот крвен притисок секогаш ќе биде 120 со 80. Повеќе од илјадници задоволни клиенти ширум земјата ги оставија своите позитивни критики. По првиот циклус на лекување 98 проценти од нашите пациенти. се излекувани и што е најважно тоа е многу евтино и секој може да си го дозволи. Но, ако мислите дека ова нема да ви помогне не грижете се. Ако видите формулар за регистрација на Фејсбук кликнете на него за повеќе информации и уверете се колку е лесен, безбеден и брз. Најважно е тоа да е достапно за секого. Ако не верувате во нашиот метод на лекување продолжете да страдате, но потоа не се жалете. Немам намера никого да убедувам. Само што развив докажано решение кое всушност функционира.
Овој огромен текст не е изјава на доктор Драган Даниловски, туку сценарио за неетички маркетинг клип. Даниловски нема креирано никаков лек за хипертензија кој руши рекорди, ниту пак, имало инцидент во којшто му бил запален станот. Тој нема изразувано ставови за фармацевтски кампањи дека тие се „мафија“ како што лажно се тврди во монтираниот прилог.
Видеото кое е искористено за оваа лажна реклама е од интервју што Даниловски го има дадено за „Радио Слободна Европа“ на сосема друга тема – за изградба на нов клинички центар и здравствените капацитети на Република Северна Македонија. Целото оригинално видео од интервјуото од кое се украдени и злоупотребени кадри со додавање на гласовно изменети секвенци може да го видите на овој линк.
Самиот Даниловски на Фејсбук алармираше дека ова видео е невистинито и дека за тоа ќе биде пријавено во надлежните институции на постапување.
Луѓе, не наседнувајте! Ова не е мој глас. Генериран е со помош на „вештачка интелигенција“ (ВИ). Очигледно, бандитите не мируваат! Следи пријава до МВР и ОЈО,напиша доктор Даниловски на својот Фејсбук профил и го сподели материјалот од објавата што ја рецензираме.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар