Стапката на сиромаштија во различни држави се мери со различна методологија
Начинот на кој се мери сиромаштијата во државите што се наведени во објавата што ја рецензираме, очигледно варираат и се разликуваат. Русија го има сменето начинот односно методологијата со која што ја мери сиромаштијата и тој начин не е ист со начинот на кој што сиромаштијата се мери во другите споменати држави во објавата, поради што во неа е пропуштен контекстот. Инаку, санкциите кои што се воведени кон Русија имаат импакт, но руската воена инвазија врз Украина исто така влијаеше врз глобалните економски текови.
Начинот на кој се мери сиромаштијата во државите што се наведени во објавата што ја рецензираме, очигледно варираат и се разликуваат. Русија ја смени методологијата со којашто ја мери сиромаштијата и тој начин не е ист со начинот на кој што сиромаштијата се мери во другите споменати држави во објавата, поради што во неа е пропуштен контекстот. Санкциите коишто се воведени кон Русија имаат импакт, но руската воена инвазија врз Украина, исто така, влијаеше врз глобалните економски текови
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал и се вели:
Кој има највисока стапка на сиромаштија… би ја очекувале најсанкционираната земја на земјата… нели? Литванија 22,6%, Латвија 22,5%, Велика Британија 22%, Естонија 20%, Германија 16,7%, Франција 14,5%, САД 11,5%, Русија 9,3%.
Прво, важно е да се напомене дека во објавата се пропушта контекстот поради тоа што информациите за Литванија, Латвија, Велика Британија, Естонија, Германија, Франција, САД и Русија се за различни години. Но, ова не е единствената причина. Втората причина е што секоја држава различно ја пресметува стапката на сиромаштија. Во објавата што ја рецензираме за стапката на сиромаштија во Русија во 2023 година, како извор се зема Росстат (агенцијата за статистика на Русија). Тоа може да се заклучи од посочениот процент за стапката на сиромаштија во Русија во 2023 година кој изнесува 9,3 проценти. Ројтерс има известено за таков податок од 9,3 проценти, повикувајќи се на Росстат во 2023 година, па, така, знаеме дека изворот е Росстат.
„Инсајдер“ во економска анализа открива дека во Русија се сменил начинот на пресметување на стапката на сиромаштија, а со тоа таа опаднала.
Со години руската влада ја манипулира статистиката, а Росстат ги ревидира своите методологии за да ги пресретне заложбите на претседателот да се намалат стапките на сиромаштија. Но, евалуирајќи ги моменталните податоци со користење на претходната методологија, доаѓаме до многу поцрна слика од официјалната. На крајот на 2023 година бројот на сиромашни луѓе во Русија бил 1,5 пати повисок од официјално наведеното – што значи меѓу 14.6 и 18 милиони (12,5 проценти од популацијата). Многу од тие што се класифицирани во групата што „не е сиромашна“ се мачат да си дозволат основни потреби како облека и храна. Стапките на сиромаштија пораснаа по почетокот на инвазијата врз Украина и покрај огромните владини трошења, пишува „Инсајдер“ на 22 ноември 2024 година.
Во анализата се наведува што е тоа што се сменило во Русија во однос на методологијата за пресметување на стапката на сиромаштија. Пред 2021 година сиромаштијата во Русија била јасно врзана со цената на чинење на добрата и услугите. Денеска, откако руските власти ја редефинираа „линијата на сиромаштија“ идентификувајќи ги како сиромашни само тие чиј приход е значајно понизок од „средниот приход во регионот“ – се намали и стапката на сиромаштија.
Значи, како што известува „Инсајдер“, сиромаштијата во статистичката методологија на Росстат повеќе не е базирана на фактичката куповна моќ на граѓанинот на Русија туку се вовело нешто што руската влада го дефинира како „линија на сиромаштија“ (гранична линија од која почнува сиромаштијата). Оваа линија варира од регион во регион во Русија, и се движи меѓу 11,500 до 27,700 рубљи. За споредба, во 2023 година националната „линија на сиромаштија“ во Русија беше 14,339 рубљи.
„Владата ја помести линијата на сиромаштија многу пониско, броејќи ги како „сиромашни“ само тие што заработуваат помалку од 14,300 рубљи месечно во својата државна статистика за сиромаштија. На крајот на 2023 година Росстат извести дека 12,4 милиони луѓе во Русија живеат во сиромаштија што е рекордно низок процент од 8,5 проценти. Оваа бројка се искачи на 13,3 милиони до средината на 2024. Сепак, само две години порано, во 2021 Росстат извести дека има 17,8 милиони луѓе кои се сиромашни во Русија. Дали сиромаштијата вистински се намали откако почна војната? Краткиот одговор е не. Росстат едноставно ја смени калкулацијата за да дојде на иста линија со ветувањето на претседателот Владимир Путин, дека треба да се намали сиромаштијата под 7 проценти од популацијата до 2030 година, пишува Инсајдер.
И параметарот наречен „егзистенцијално ниво“ (subsistence level) до 2021 година во Русија бил ажуриран 3 пати годишно, за да може да се опфатат промените со инфлацијата и со цената на потрошувачката кошничка. Но, од 2024 година овој параметар се ажурира само еднаш годишно. Тоа значи дека ако некој падне во групата на сиромашни, нема да може да добие социјална помош додека официјално рекалкулацијата на „егзистенцијалното ниво“ не се ажурира, а со тоа неговиот статус на сиромашен и потребата од владина помош да стане признаен.
Понатаму, „егзистенцијалното ниво“ (subsistence level) не е повеќе врзано со цените или инфлацијата. Едно лице се смета за сиромашно, само ако неговиот приход е значајно под приходот на другите жители на регионот во кој живее, без да се земе предвид куповната моќ. Мерењето на сиромаштијата сега, вклучува да се земе средниот приход на еден регион и да се помножи со 44,2 проценти – коефициент за кој владата не дава образложение или објаснување зошто е баш 44,2 проценти, пишува „Инсајдер“.
Во продолжение е графичката илустрација од анализата која прикажува дека ако во еден регион има 15 жители со различни плати, средната плата се зема предвид и се множи со коефициентот од 44.2.
Во Русија од 2022 година примарниот критериум за официјалната статистика на сиромаштија е „линијата на сиромаштија“. Таа е одредена од цената на потрошувачката кошничка во четвртиот квартал на 2020 година ажурирано со инфлацијата оттогаш.
Но, оваа инфлација е калкулирана базирано на цените на стотици добра и услуги кои што луѓето со ниски приходи типично не ги купуваат – и кои што дури и богатите може да си ги приуштат неколку пати во животот како крзнени палта или патувања во Грција. Трошоците за кирија или сметки, коишто многу ги погодуваат сиромашните, во голем дел е исклучено од калкулацијата на инфлацијата. Слично растечката цена на храната која што е уште еден важен товар за семејствата со ниски приходи е потценета во калкулацијата за инфлацијата. Како резултат на тоа, приходот потребен за преживување намерно е помалку презентиран преку манипулативни формули.
Според истражување на Централната банка на Русија, едно во четири семејства во Русија едвај заработува доволно за да си дозволи храна, или барем каска да си ги задоволи базичните нутритивни потреби. Во меѓувреме, цените на храната се покачуваат побрзо отколку поголемиот дел од другите трошоци, пишува Инсајдер.
Начинот на кој се мери сиромаштијата во државите што се наведени во објавата што ја рецензираме, очигледно варираат и се разликуваат. Сиромаштијата во САД се мери со споредување на приходот на индивидуата или семејството со минималниот приход потребен за основни потреби. Луѓето чиј приход е под овој минимален приход неопходен за основните потреби се сметаат за „луѓе со ниски приходи“.
Други земји ја мерат сиромаштијата на различни начини, на пример со користење на релативни мерки. Релативните граници се развиени со референца на трошоците или приходите на популацијата базирано на сет од добра и услуги што на луѓето им се потребни за да преживеат во една календарска година и може да се сменат со текот на времето. Од година во година, и сетот на добра и услуги и нивните цени, се менуваат во различните прагови (thresholds), вели анализата на сајтот на бирото за попис на САД (U.S. Census Bureau). Ова биро е владина агенција на САД задолжена да ја мери сиромаштијата и тоа го прави со две главни мерки – официјална мерка на сиромаштија (Official Poverty Measure (OPM) и дополнителна мерка на сиромаштија Supplemental Poverty Measure (SPM).
На следните линкови може да прочитате повеќе податоци за начинот на пресметка на сиромаштијата во Германија, во Естонија, во Латвија и во Литванија.
Секако, овој модел ќе даде различни бројки од оние во Русија каде не се применува овој модел туку друг модел за пресметување на сиромаштијата за кој пишувавме погоре.
Она што може да се заклучи од Обединетото Кралство е дека класификацијата на сиромаштијата таму е во повеќе категории (релативна и апсолутна). Релативна сиромаштија се однесува на луѓе што живеат во домаќинства со приход под 60 проценти од средниот приход во годината. Апсолутна сиромаштија се однесува на луѓе што живеат во домаќинства со приход под 60 проценти од средниот приход од 2010/2011 (оваа година се зема како базна) апдејтиран со промените во инфлацијата.
Во Франција, пак, постои параметар „монетарна сиромаштија“ според кој за сиромашен се смета некој што живее со помалку од 1.216 евра месечно (за 2022 година). Во објавата што ја рецензираме пак, се споменати статистичките податоци за стапката на сиромаштија за Франција од 2021 година – 14, 5 проценти.
Руската воена инвазија врз Украина предизвика економски промени во целиот свет, исто како што санкциите кон Русија имаа одреден импакт.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.
Сите држави си имаат свои начини и методологии за мерење на стапката на сиромаштија a во објавата што ја рецензираме не се споредуваат ни стапките на сиромаштија од исти години, туку од различни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар