Стар циркуларен повик поврзан со Украина, се споделува како да е нов

Фото: Pix0815, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Откако МНР во март 2022 година го издаде своето соопштение, амбасадата на Украина во С. Македонија никогаш не го повтори повикот до македонските државјани да се приклучат на тогашната странска легија. Така што во оваа објава на Фејсбук се пропушта контекстот – бидејќи стара објава се споделува како да е сегашна од 2026 година, иако не е

Откако МНР во март 2022 година го издаде своето соопштение, амбасадата на Украина во С. Македонија никогаш не го повтори повикот до македонските државјани да се приклучат на тогашната странска легија. Така што во оваа објава на Фејсбук се пропушта контекстот – бидејќи стара објава се споделува како да е сегашна од 2026 година, иако не е

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ако е ова вистина….
Прво да го извадиме СПИСОКОТ на сите кои гласаа во 2018 за влез во НАТО. Сите од тој список да се пријават на повикот на Украинската амбасада да #дадат #ПРИМЕР како од љубов се #ГИНЕ за Украина.

Во склоп на објавата се споделува наслов „Украинската амбасада во Скопје ги повикува граѓаните на Северна Македонија да се приклучат во украинската војска“.

Во објавата се пропушта контекстот. Имено, повикот на украинската амбасада во Скопје не е од 2026 година – како што е споделено во објавата што ја рецензираме, туку е од 8 март 2022 година, непосредно откако почна неиспровоцираната воена инвазија на Русија врз Украина. Во самиот напис е наведено дека се работи за кривично дело, односно на државјаните на Северна Македонија им е забрането учество во странска војска или формација. Самото тоа беше искомуницирано веднаш после повикот од страна на македонското Министерство за надворешни работи. Како што може да се види во објавата на МНР од следниот ден, 9 март 2022 година, граѓаните биле уредно потсетени дека учеството во која било странска војска, според законските прописи, поточно според Кривичниот законик на земјава, е кривично дело.

Откако МНР го издаде своето соопштение, амбасадата на Украина во Северна Македонија, никогаш не го повтори повикот со кој ги повикува македонските државјани да се приклучат на тогашната странска легија. Поради тоа се пропушта контекстот во објавата – бидејќи стара објава се споделува како да е сегашна од 2026 година, иако не е.

Од МНР на 9 март 2022 потсетија дека како земја пријател на Украина, постои разбирање за сложената состојба во која се наоѓа Украина и која ги става во посебна состојба украинските власти да повикуваат за секаков вид помош, во сите пријателски земји.

Воедно сакаме да потсетиме дека Република Северна Македонија во целост ја осудува воената агресија на Русија врз Украина, и тоа соодветно земјава го демонстрира и во ОН, НАТО, ОБСЕ и на сите други билатерални и мултилатерални форуми, нагласија тогаш од МНР.

Во текстот на Порталб – што го пренесе Мета, детално е објаснето дека учеството во странска легија за македонските граѓани е спротивно на член 322-а од Кривичниот законик кој забранува учество на државјани на Република Северна Македонија во која било војска или друга странска воена или полициска формација.

Од Амбасадата на Украина во Скопје за Порталб тогаш рекоа дека сите украински амбасади во светот информирале за оваа иницијатива на Володимир Зеленски во тоа време, додавајќи дека тие немаат намера да регрутираат и секогаш ќе се придржуваат до македонските закони.

Следствено, да се претставува циркуларен повик стар повеќе од 4 години, којшто бил споделен од страна на украинската амбасада автоматски, од којшто потоа амбасадата на Украина во Северна Македонија се повлекла – односно посочила дека нема намера да регрутира ниту да постапува спротивно на македонските закони – претставува пропуштање на контекстот. Ваков повик никогаш потоа не беше повторен од украинската амбасада откако беше разјаснето од домашните власти дека истиот не може да се однесува на македонските државјани бидејќи така би се впуштиле во кривично дело.

Исто така, гласањето во 2018 година за влез во НАТО – и самиот влез на Северна Македонија во НАТО – нема никаква корелација со повикот на украинската амбасада, кој е циркуларно писмо од Зеленски во конкретниот временски период. Северна Македонија стана членка на НАТО пред да почне воената инвазија на Русија врз Украина, на 27 март 2020 година. Членството на Северна Македонија како 30. членка на НАТО е реализација на една од нашите најважни стратешки цели, која беше поддржана од  сите граѓани и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.

Граѓаните што се изјасниле за влез во НАТО воопшто не може да се стават во корелација со повикот на украинската амбасада, со оглед на тоа што тој не е апликативен на македонските државјани, кои според домашното законодавство, не смеат да учествуваат во странска војска, на чија било страна.Така што, кој како гласал во 2018 година е сосема ирелевантно за овој повик.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција