Стар цитат на Среќко Сладољев се споделува како „доказ“ против вакцинацијата на децата

Фото: U.S. Department of Defense, Lisa Ferdinando

Сладољев не е личност чии тврдења се потврдени од научната заедница. Напротив, Фактограф го има наведено меѓу позначајните регионални ширачи на дезинформации, наведувајќи дека уште пред пандемијата промовирал ненаучни ставови за вакцините, а во текот на пандемијата на ковид-19 ширел повеќе неточни тврдења

Сладољев не е личност чии тврдења се потврдени од научната заедница. Напротив, Фактограф го има наведено меѓу позначајните регионални ширачи на дезинформации, наведувајќи дека уште пред пандемијата промовирал ненаучни ставови за вакцините, а во текот на пандемијата на ковид-19 ширел повеќе неточни тврдења – меѓу другото дека вирусот е безопасен, дека ковид-19 не се разликува од грип, дека вакцините предизвикуваат неплодност и дека пандемијата е оркестриран план на глобалните елити

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

До Клековски и другите слуги поздрав

Објавата споделува фотографија со наслов дека „признат хрватски имунолог“ Среќко Сладољев открил дека не би вакцинирал ниту куче, а камоли дете. Цитатот навистина потекнува од интервју објавено во февруари 2017 година, односно не станува збор за измислен цитат. Во оригиналното интервју Сладољев навистина кажува дека не би го вакцинирал ниту домашното милениче, а во разговорот изнесува повеќе тврдења против вакцинацијата.

Проблемот е што објавата создава впечаток дека станува збор за лекар и медицински авторитет, што не е точно. Сладољев е дипломиран инженер по биологија и има академска титула „dr. sc.“, но не е доктор по медицина и не е лекар. Хрватската лекарска комора потврдила дека не е нејзин член, а самиот Имунолошки завод го опишал како биолог со академски наслов од областа на природните науки. Значи, тоа што работел како имунолог во Имунолошкиот завод не значи дека е лекар или дека неговите лични ставови претставуваат официјален медицински став.

Уште поважно, Сладољев не е личност чии тврдења се потврдени од научната заедница.

Напротив, Фактограф го има наведено меѓу позначајните регионални ширачи на дезинформации, наведувајќи дека уште пред пандемијата промовирал ненаучни ставови за вакцините, а во текот на пандемијата на ковид-19 ширел повеќе неточни тврдења – меѓу другото дека вирусот е безопасен, дека ковид-19 не се разликува од грип, дека вакцините предизвикуваат неплодност и дека пандемијата е оркестриран план на глобалните елити.

Самиот цитат од 2017 година треба да се одвои од заклучокот што објавата се обидува да го наметне. Да, Сладољев навистина рекол дека не би вакцинирал ниту куче, а камоли дете. Но тоа е негов став, а не научен доказ дека детската вакцинација е опасна. За безбедноста на вакцините се користат клинички испитувања, системи за следење на несакани реакции и големи епидемиолошки студии – не мислењето на еден поединец. Светската здравствена организација наведува дека вакцините пред одобрување минуваат низ повеќе фази на тестирање и дека нивната безбедност продолжува да се следи и по пуштањето во употреба.

Тоа не значи дека вакцините немаат никакви ризици. Како и секој медицински препарат, можат да предизвикаат несакани реакции, но СЗО наведува дека најчестите се благи и краткотрајни, додека сериозните реакции се исклучително ретки. Истовремено, болестите против кои се вакцинираат децата можат да предизвикаат сериозни компликации и смрт. Според СЗО, вакцинацијата против 14 болести во последните 50 години спасила најмалку 154 милиони животи, од кои огромен број се животи на доенчиња.

Објавата користи реален, стар цитат, но со претставувањето на Сладољев како „признат имунолог“ без да се објасни дека тој не е лекар, како и со премолчувањето дека негови бројни последователни тврдења биле проверувани и разоткривани како неточни или заблудувачки, се создава лажен впечаток дека неговите зборови се медицински доказ. Фактите не го поддржуваат тој заклучок. Сладољев навистина го кажал цитатот, но цитатот не докажува дека вакцинацијата на децата е опасна.

Поради тоа, оценуваме дека на објавата што ја анализираме ѝ недостига контекст.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција