Стар и сомнителен клип од Украина опишан како да е од руската Курска област во која сега се војува
Објава на Фејсбук тврди дека украинските сили, кои држеа дел од Курската област на Русија, масовно ѝ се предаваат, што го поткрепува со клип, но тој е од 4.4.2022 г. кога тие не беа ни влезени во таа област, со што започнаа на 6.8.2024 г. И, не само што клипот е лажно опишан, туку можеби е и лажен. Руски извори тврделе дека клипот е од предавањето на 503-от марински баталјон на Украина во нејзиниот град Мариупол, што самиот баталјон, а и проверувачите на факти, го демантирале. Но, дури и тие руски тврдења да биле точни, клипот не е од Курската област и не прикажува актуелен настан – како што може да се помисли

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува клип и го опишува со овие зборови:
Курск масовно предавање на војската на Зеленски
Во Курск, Русија, нема борби, ниту ги имаше во поблиското минато, туку во делови од Курската област, чиј главен град е тој, но дури и објавата да мисли на областа, а не на нејзиниот главен град, описот на клипот вметнат во објавата е секако невистинит.
Судејќи по натписот @faceofwar врз клипот, тој потекнува од рускиот пропагандистички телеграм-канал Лик войны, кој го објавил клипот на 4.4.2022 г., а потоа тој се ширел и по други места. Клипот не прикажува како украински војници се предаваат во Курската област, затоа што во 2022 г. тие не беа ни влезени во таа област, со што започнаа дури на 6.8.2024 г., што беше противодговор на руската агресија. Тие се истиснувани оттаму од страна на руските сили дури сега (март 2025 г.), што е најверојатно повод за авторот на таа објава да ја објави истата, заедно со клипот во неа.
И, не само што клипот е лажно опишан, туку можеби и самиот е лажен – како што пишувале украинските проверувачи на факти на 8.4.2022 г. По социјалните мрежи, клипот тогаш бил опишуван како да е од битката за украинскиот град Мариупол, а лицата, кои се предаваат во клипот, биле опишувани како припадници на 503-от одделен баталјон на морнаричката пешадија на Украина, што не било точно.
Со анализа на униформите и околината во кој бил снимен клипот, проверувачите на факти оцениле дека тој не ја прикажува таа единица и дека тоа не било снимено во Мариупол, туку во едно село во околината, а и самиот баталјон тогаш демантирал дека се предал (извори: тука, тука и тука).
Можеби се работело за некоја друга единица (на пр. 501-от баталјон) или тоа бил пропаганден клип со руски статисти. Но, дури и тој да е автентичен, Фејсбук-објавата, која тука ја рецензираме, е секако невистинита, зашто таа тврди дека тој е снимен во Курската област, што не држи вода.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар