Стар настан за спасување четворица заглавени на жичарницата на Водно, претставен како актуелен
Настанот за спасени четири лица на жичарницата на Водно потекнува од 2023 година, а не од 19 ноември 2025 година кога е објавен и споделен написот
Настанот за спасени четири лица на жичарницата на Водно потекнува од 2023 година, а не од 19 ноември 2025 година кога е објавен и споделен написот
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува медиумски напис и пишува:
Спасени се четири лица, меѓу кои едно дете и еден германски државјанин, кои беа заглавени на жичарата на Водно поради лошите временски услови и снемувањето на електрична енергија на жичарата.
Објавата е од 19.11.2025 година. Во неа се споделува линк од медиумски напис во којшто се тврди дека „се спасени 4 лица меѓу кои едно дете и еден германски државјанин кои биле заглавени на жичарата на Водно поради лошите временски услови и снемувањето на електрична енергија на жичарата“.
Како што соопшти МВР, првично е пријавено дека лицата биле заглавени во гондола на жичарата, но потоа дошла електрична енергија и лицата стигнале до врвот на Водно, но не постоела можност да се спуштат надолу поради невремето и немањето електрична енергија. Веднаш по добиената пријава околу 16 часот, полициски службеници од ЕИП и ЕБР преземаа активности за пронаоѓање и спасување на лицата, по што тие безбедно, во придружба на полициските службеници се спуштаат кон Скопје, се вели во соопштението од МВР. Во спасувањето на лицата учествувале полициски службеници од Единицата за интервентна полиција, одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје и Единицата за брзо распоредување, пишува во написот.
Меѓутоа, не станува збор за настан кој се случил на 19.11.2025 година, како што известија повеќе медиуми, туку за настан кој се случил поодамна.


ЈСП Скопје во демант испратен на официјалните мејл-адреси на медиумите наведува:
Во врска со бројните медиумски објави за наводен настан во кој биле „спасени“ тригодишно дете и тројца возрасни, наводно заглавени на жичарата на Водно, Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Ве информира дека на денешен ден не е евидентиран таков настан, ниту настан од сличен карактер. Категорично укажуваме дека содржината е објавена без соодветна проверка и ги доведува граѓаните во заблуда. Начинот на кој е претставен настанот создава погрешна слика за актуелната состојба и непотребно предизвикува паника и несигурност кај јавноста. Ваквото пласирање на информации, без јасен контекст и без утврдени факти, претставува несериозен и неодговорен пристап. Од медиумите очекуваме професионално и точно информирање, а не сензационализам и објавување содржини што ја нарушуваат довербата кај граѓаните.
„Вистиномер“ со пребарување во пребарувачот Гугл, пронајде дека за ваков настан медиумите известувале, меѓутоа пред две години, во временски услови кои вклучувале снег. Настанот се случил на 26.11.2023 година, а тоа може да се потврди од медиумските објави со идентична содржина како онаа од написот од 19.11.2025 година. Идентична е и фотографијата којашто е искористена во настанот што навистина се случил во 2023 година со онаа која е употребена во текстот од 2025 година.
Поради сите горенаведени факти сметаме дека во објавата што ја рецензираме е со пропуштен контекстот. Настанот во кој четири лица биле спасени на жичарницата на Водно меѓу кои едно дете, е од 26 ноември 2023 година, но со оваа објава на Фејсбук (и со написот споделен во неа) се збунуваат читателите да помислат дека се работи за некоја нова актуелна случка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар