Стара дезинформација за изградба на камп за бегалци повторно воскресна на социјалните мрежи

Во Општина Гази Баба ќе се гради прифатен центар за странци, но, не станува збор  за втoр центар, туку за замена на постоечкиот, руиниран  објект со нов. Она што сигурно нема да се гради, како што се прошири низ социјалните мрежи и во некои медиуми, тоа е некаков камп за илјадници нови мигранти или нов прифатен центар покрај постојниот на територија на Скопје во Гази Баба. Истата дезинформација,  инаку, во јавноста се ширеше и пред три години

Во Општина Гази Баба ќе се гради прифатен центар за странци, но, не станува збор  за втoр центар, туку за замена на постоечкиот, руиниран  објект со нов. Она што сигурно нема да се гради, тоа е некаков камп или нов прифатен центар, покрај постојниот, на територија на Скопје во Гази Баба. Истата дезинформација, инаку, во јавноста се ширеше и пред три години

 

 

Деновиве на социјалните мрежи повторно почна да се актуелизира една стара дезинформација дека ќе се гради бегалски камп во Бардовци. Фејсбук пост објавува „Следиме изградба на бегалски камп или центар за бездомници“ и притоа има закачено документ за градење Прифатен центар којшто во 2018 година протече на социјалните мрежи.

Ваквата информација „Вистиномер“ ја дебанкираше уште во 2018 година. Нашата проверка тогаш покажа дека нов објект за прифаќање на странци ќе се гради, но тоа не значи и нов, втoр центар, туку станува збор за замена на постоечкиот, руиниран во Општина Гази Баба.

Министерството за внатрешни работи, ги отфрла инсинуациите и шпекулациите во јавноста, за градење на бегалски кампови во Република Македонија. Со цел вистинито информирање на јавноста, укажуваме дека во Република Македонија, согласно законската регулатива, функционира прифатен центар за странци „Скопје“ во Гази Баба уште од 2005-та година. Потенцираме дека во претстојниот период ќе се гради само нов објект за овој, постоечки прифатен центар, Средствата се обезбедени од ЕУ, преку ИПА 2016 програмата „Миграции и азил, гранично управување и борба против тероризмот и организираниот криминал, изјавија од МВР за „Вистиномер“ на 03.07.2018 година.

На истата тема тогаш пишуваше и Призма“. Од МВР во изјава за Призма објаснија дека Прифатниот центар сместен во Гази Баба е целосно некомпатибилен за намената и поради тоа ќе се гради нов како замена за постоечкиот.

Во претходните години, иако повеќе пати беа реализирани градежни зафати за подобрување на условите за сместување, овој објект и понатаму не може да одговори на потребите за обезбедување на неопходните стандарди за сместување на странци, особено за ранливите категории на лица – жени, деца, лица со посебни потреби, стои во одговорот на МВР за Призма.

Оваа вест деновиве повторно стана актуелна откако Алфа“ телевизија објави дека во Бардовци почнал да се гради центар за мигранти. Веста на „Алфа“ сега е тргната, откако МВР демантираше и реагираше дека „доколу веста не е повлечена, МВР ќе ги преземе сите расположиви правни мерки“.

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите објавени од телевизија Алфа дека нашата држава односно МВР ќе гради камп за мигранти во скопската населба Бардовци и бараме демантот да биде објавен, а лажната вест повлечена. Медиумите, вклучително и вашиот медиум, до сега многу пати беа известени со прецизни информации околу градбата, а вашиот медиум ја пласира истата лага за да го вознемири населението. Потенцираме дека Република Северна Македонија ниту има ниту гради, камп за мигранти.Функционираат транзитните центри во Гевгелија и Табановце, но тие се транзитни центри, а никако центри во кои би останале подолго мигранти и тоа јасно се гледа од досегашното функционирање. Прифатни центри за странци има во секоја држава и апсолутно немаат врска со мигрантите, како што сака да прикаже вашиот медиум.Ваков центар со години имаме и ние како држава и е лоциран во Гази Баба, Скопје, но условите во него се многу лоши и токму поради тоа се гради нов објект. Значи не се гради нов центар туку нов објект за веќе постоечкиот центар.Бараме од вашиот медиум целосно повлекување на дезинформација и извинување на граѓаните. Доколу веста не е повлечена, МВР ќе ги преземе сите расположиви правни мерки, стои во реакцијата на МВР до „Алфа“ телевизија.

Според сето ова, може да се заклучи дека ќе се гради прифатен центар за странци, но, станува збор само за нов објект на постоечкиот прифатен центар. Она што сигурно нема да се гради, тоа е некаков камп за нови мигранти или нов прифатен центар, покрај постојниот, на територија на Скопје во Гази Баба.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција