Стара информација (зло)употребена за кликбејт содржина
„Вистиномер“ со алатката за обратно пребарување фотографии ја пронајде фотографијата која е искористена за кликбејт дезинформирање. Оваа фотографија од пред два месеца е објавувана во македонските медиуми во врска со апсење на двајца турски државјани за изнуда.
„Вистиномер“ со алатката за обратно пребарување фотографии ја пронајде фотографијата која е искористена за кликбејт дезинформирање. Оваа фотографија од пред два месеца е објавувана во македонските медиуми во врска со апсење на двајца турски државјани за изнуда
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
ВИДЕО: Филмско апсење на во центарот на Скопје – криминалци фатени на дело при примање на 40.000 евра – повеќе на линкот во коментар.
Објавата споделува и фотографија на која може да се видат две лица легнати земји со лисици на рацете, а покрај нив има купче пари. Во првиот коментар под објавата има линк кој не води кон веродостоен сајт, ниту кон веродостојна информативна содржина (вест), туку е кликбејт кој води на надворешна страница, Али експрес.

Кога „Вистиномер“ по вторпат го провери линкот, бевме пренасочени на друга страница.

Тоа само потврдува дека секој нов клик на линкот до наводната „вест“ и најава за некакво филмско апсење наместо кон најавената содржина, води кон нови линкови кои се менуваат, што претставува кликбејт содржина.
Кликбејт е вид на онлајн содржина, линк до содржина или фотографија која е дизајнирана да го привлече вашето внимание и да ве натера да кликнете на неа, честопати користејќи претеран, погрешен или сензационален јазик. Целта е да се привлечат кликови, а не да се информира точно, и содржината внатре честопати не нуди она што е најавено во насловот.
Во конкретниот случај „Вистиномер“ со алатката за обратно пребарување фотографии ја пронајде фотографијата која е искористена за кликбејт дезинформирање. Оваа фотографија од пред два месеца е објавувана во македонските медиуми во врска со апсење на двајца турски државјани за изнуда.
На 29.09.2025 во 18:40 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од Единицата за насилен криминал и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, во координација со јавен обвинител, ги лишија од слобода Е.О.(29) и Е.А.(22), двајцата од Република Турција. Тие се затекнати при примање 40.000 евра од Х.Џ.Ч.(26) од Република Турција, со привремен престој во Скопје, кои претходно се кримтехнички обработени, јави Телма.
Очигледно е дека објавата искористила стара вест која во случајов не постои, односно линкот води до други страници, со цел да привлече што е можно повеќе кликови и интеракции на Фејсбук страницата.
Кликбејт најчесто се користи за зголемување на сообраќајот на веб-страницата или зголемување на сообраќајот на социјалните мрежи (лајкови, споделувања, коментари). Ваквите содржини ги доведуваат во заблуда читателите, ја намалуваат довербата во содржината или издавачот и им даваат приоритет на емоциите и шокот – пред вистината.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар