Стари теории на заговор за ковид вакцините во ново пакување

Фото: Spencer Davis on Unsplash

Објавата шири бројни дезинформации и теории на заговор поврзани со пандемијата на ковид-19 и вакцинацијата против коронавирусот, а кои се добро познати и кои Вистиномер и светските сервиси за проверка на фактите веќе ги имаат дебанкирано

Објавата шири бројни дезинформации и теории на заговор поврзани со пандемијата на ковид-19 и вакцинацијата против коронавирусот, а кои се добро познати и кои Вистиномер и светските сервиси за проверка на фактите веќе ги имаат дебанкирано

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека вакцините против ковид-19 биле генска терапија, дека ја менувале човечката ДНК и биле опасни по здравјето, дека предизвикувале ненадејна смрт, а ги шири и добро познатите теории на заговор за „нов светски поредок“ и за однапред планирана „пландемија“.

НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК Времето ја покажа вистината. Неколку години по светската п(л)андемија од К-19 в-русот се појавуваат шокантни податоци за ефектите од примените боцки! Науката потврди дека јавноста навистина треба да е загрижена заради неистражените генетски ризици по здравјето на примателите на К-19 боцките!
Една неодамнешна рецензирана студија предводена од тројца германски истражувачи го потврди присуството на значителни количини на резидуална ДНК, вклучувајќи го и контроверзниот промотор SV40, во К-19 в-цината на Pfizer. Да не ги споменуваме случаите на ненадејна смрт, кои и натаму се случуваат, а сега дури и кај 2-годишни вакцинирани деца!, стои во објавата.

Објавата изнесува неколку дезинформации и теории на заговор. Но да одиме со ред.

На почетокот објавата го промовира терминот „нов светски поредок“. Овој прилично широк поим има длабоки корени во историјата, но, во 20-тиот век започнува со употребата на такви термини од страна на антинацистичките и антифашистичките политичари од типот на Винстон Черчил, па има друга конотација и употреба за време на блоковската поделба на светот, па трета во посткомунизмот, четврта денес, итн. Иако за Новиот светски поредок се врзуваат десетина теории на заговор, основното е дека, до денес, ниту една не е докажана ни потврдена, а на следниот линк на Метабанк, може да се видат повеќето разобличувања на теориите на заговор за Новиот светски поредок, објавувани редоследно и хронолошки.

Би-Би Си, во една опширна анализа за теориите на заговор за Новиот светски поредок, појаснува дека тие се секогаш силни кога властите од која било причина не даваат повеќе информации, што резултира со масовна недоверба, што значи поврзани се и со транспарентноста при владеењето. А, колку се опасни овие теории на заговор, зборува и фактот што Европската Унија има посебна страна посветена на теориите на заговор, каде што може да се види како тие да се препознаат и како да се спречи нивното ширење, како дел од општата борба против дезинформациите.

Објавата понатаму го спомнува терминот „пландемија“. Пандемијата против ковид-19, конспиративно се нарекува „пландемија“, со што исто како и додека таа траеше, се тврди дека станува збор за план, односно дека на некој начин оваа пандемија била планирана, што не е точно. Овој веќе познат и широко распространет термин кој го користат антивакциналните движења, го шири наративот за некаков крајно непрецизен „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и „да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија“. На темата „планедмија“ Вистиномер досега има пишувано во повеќе наврати.

Објавата тврди дека вакцините против ковид-19 се генетски ризик  по здравјето и дека во вакцината на „Фајзер“ има присуството на значителни количини на резидуална ДНК, „вклучувајќи го и контроверзниот промотор SV40“.

Повеќе светски сервиси за проверка на факти многупати објавиле факти со кои потврдуваат дека вакцините против коронавирусот не се генска терапија. Генската терапија не се користи во развојот на вакцините против ковид-19, бидејќи овие вакцини не ги заменуваат и не ги менуваат човечките гени.

На оваа тема пишуваше и Вистиномер. Вакцините против ковид-19 не можат да ја променат вашата ДНК.   Форбс во разговор со медицински експерти потврдува дека мРНК вакцината не може да ја промени ДНК кај вакцинираниот.

И „Небраска медисин“, тврди дека  со оваа вакцина не може да се влијае на промена на ДНК.

Во огромниот број на светски извори, кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ.

мРНА не е исто што и ДНК и не може да се комбинира со нашата ДНК за да го промени нашиот генетски код. Исто така е релативно нестабилна, па ќе остане во клетките само околу 72 часа пред да се распадне, велат оттаму.

Што се однесува до присуството на значителни количини на резидуална ДНК, „вклучувајќи го и контроверзниот промотор SV40“ за коешто говори објавата, како што пишува сервисот за проверка на фактите на АП, не се пронајдени докази кои укажуваат на тоа дека фрагментите на ДНК користени во развојот на вакцината против коронавирус – како што е дел од ДНК секвенцата на SV40 – предизвикуваат здравствени проблеми кај луѓето кои примиле вакцина против ковид-19.

Владините регулаторни агенции и експертите за вакцини во изјава за Асошиејтед прес потврдиле дека самиот Симиан вирус не е присутен во вакцината и нема докази дека нешто содржано во вакцината може да ја промени ДНК на една личност или да доведе до рак и други болести.

Европската агенција за лекови (ЕМА), која ги регулира вакцините во земјите на Европската Унија, објаснила за АП дека „нефункционалните“ фрагменти од ДНК секвенцата на SV40 се користат како „почетен материјал“ во производството на вакцината.

Но, тие материјали се распаѓаат и се отстрануваат во процесот на производство. Износите во трагови може сè уште да останат на „многу ниски нивоа“ во финалниот производ, но тие се во рамките на утврдените безбедносни упатства, посочиле од ЕМА.

Од „Фазјер“, во соопштение испратено до АП, нагласиле дека употребата на секвенцата SV40 е вообичаена практика во развојот на вакцини, вклучително и вакцини против грип и хепатитис кои се администрираат на глобално ниво со децении.

Што се однесува до синдромот на ненадејна смрт кој објавата го поврзува со вакцините против ковид-19, тој нема никаква врска со вакцинацијата и за ова Вистиномер веќе има пишувано. 

Синдромот на ненадејна смрт на возрасни, исто така познат како САДС (SADS), се јавува кога лице помладо од 40 години доживува ненадејна смрт без позната причина по обдукција и токсиколошки скрин (тест за лекови), пишува  „Хелт деск“.

Се смета дека најчесто, САДС се јавува кога срцето развива абнормален ритам, инаку познат како аритмија. Ова обично може да предизвика срцето да чука со неправилен ритам кој е премногу брз или премногу бавен. Ако аритмијата не се дијагностицира и лекува, може да доведе до срцев удар.

Повеќето научници мислат дека САДС е предизвикана од срцева состојба што го попречува со електричниот систем на срцето. САДС не е исто што и срцев удар (исто така наречен миокарден инфаркт) бидејќи не е предизвикан од блокада, туку од аритмија.

Најголемите фактори на ризик за САДС се претходен срцев удар или коронарна срцева болест, со оглед на тоа дека 75 отсто и 80 отсто од случаите на SADS се поврзани со овие состојби.

Вакцините против ковид не се поврзани со ненадејна смрт кај возрасни или деца воопшто. Миокардитисот, воспаление на срцевиот мускул, е поврзан во исклучително ретки случаи по вакцинација, но срцевите проблеми по заболувањето со ковид-19 се чести, сметаат од  универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД.

Од сето погоре може да заклучиме дека објавата која ја анализираме шири бројни дезинформации и теории на заговор поврзани со пандемијата на ковид-19 и вакцинацијата против коронавирусот, а кои се добро познати и кои Вистиномер и светските сервиси за проверка на фактите веќе ги имаат дебанкирано. Поради тоа објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција