Старо видео од геј-парада во Шведска злоупотребено за величање на Русија како бастион на традиционалните вредности
Видеото со војниците што парадираат со знамиња на ЛГБТ заедницата, не прикажува прослава на Денот на Европа и не снимено неодамна,како што тоа го тврди објавата, туку потекнува од 2022 година и е направено во Шведска за време на годишен марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Ова не е првпат шведската армија да учествува на годишниот марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Постојат стари видеоклипови од кои најистакнато е видеото на врховниот командант на шведските вооружени сили, Мајкл Педин, при неговото учество на овој марш во 2018 година
Видеото со војниците што парадираат со знамиња на ЛГБТ заедницата, не прикажува прослава на Денот на Европа и не снимено неодамна,како што тоа го тврди објавата, туку потекнува од 2022 година и е направено во Шведска за време на годишен марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Ова не е првпат шведската армија да учествува на годишниот марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Постојат стари видеоклипови од кои најистакнато е видеото на врховниот командант на шведските вооружени сили, Мајкл Педин, при неговото учество на овој марш во 2018 година
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Денот на Европа наспрам денот на победа врз фашизмот. Таканаречените европски вредности наспрам историјата и традицијата.
Објавата споделува и видео во кое, во горниот дел се прикажани војници како маршираат на ЛГБТ парада, а во долниот дел војници најверојатно руски кои маршираат на парада во Москва.
Видеото со војниците што парадираат со знамиња на ЛГБТ заедницата, не прикажува прослава на Денот на Европа, како што тоа го тврди објавата.
Видеото всушност потекнува од 2022 година и е снимено за време на годишен марш за поддршка на ЛГБТ заедницата, а не неодамна.
На видеото се гледа огромна толпа луѓе облечени во војнички униформи кои маршираат по улицата, кревајќи знамиња со виножито.
Како што објавуваат проверувачите на факти на Check your fact, видеото e од август 2022 година додека шведската армија учествувала на марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Ова не е првпат шведската армија да учествува на годишниот марш за поддршка на ЛГБТ заедницата. Постојат стари видеоклипови од кои најистакнато е видеото на врховниот командант на шведските вооружени сили, Мајкл Педин, при неговото учество на овој марш во 2018 година.
Споредбата што ја прави објавата, нагласувајќи дека во Европа се почитуваат некакви таканаречени, односно извртени вредности, наспроти вредностите кои се почитуваат во Русија, како историјата и традицијата, оди во прилог на добро познатиот про-Кремљ наратив дека Путин и Русија се некаков бастион на традиционалните вредности. Оттука е и наративот дека Западот сака да ги уништи тие „традиционални вредности“ “, односно дека „Русија води света војна против безбожните сатанисти во Украина за да го заштити христијанството и традиционалните вредности“, оценува Euvsdisinfo во една своја анализа.
За разлика од западната концепција за вредности, која ги фаворизира индивидуалните права на личен интегритет, безбедност и слобода на изразување, рускиот вредносен систем повлекува збир на колективни норми со кои се очекува секој поединец да се усогласи.
Овој дезинформативен наратив за заштита на загрозените вредности е исполнет со хомофобија која често се претвора во отворен говор на омраза, заклучува Euvsdisinfo.
Оттаму, не е изненадување што руските државни медиуми трошат време исмевајќи ги, на пример, правата на сексуалните малцинства, како што е илустрирано во овие примери.
Наративот за „загрозените вредности“ обично се користи за да ги оспори западните ставови за правата на жените, етничките и верските малцинства и ЛГБТКИ+ групите. Про-Кремљ експертите често го исмеваат наводниот западен „морален распад“ или „развратен став, а спротивно на тоа, Русија и православното христијанство се издвојуваат како вистински бранители на традиционалните вредности.
Идејата за распаѓање на Западот, поставен против Русија која е „чувар“ на пристојноста и моралот, произлегува од самиот врв на Кремљ. Според анализата на Европскиот совет за надворешни односи од 2015 година, Путин уште во 2013 година го зазел овој став, осудувајќи ги „евроатлантските“ земји за нивната морална декаденција и неморалност.
Еден паметен пропаганден трик беше да се подобри имиџот на злобниот Запад со спојување на социјалниот конзервативен и антизападниот став. На овој начин, Западот и западњаците, хомосексуалците, либералите, современите уметници и нивните обожаватели, оние кои не се однесуваа кон Руската православна црква со должна почит и оние кои се осмелија да се сомневаат во беспрекорното историски досие на Русија, сите беа претставени како едно „неподелливо зло“, закана за Русија, нејзината култура, нејзините вредности и нејзиниот национален идентитет, се наведува во анализата на Европскиот совет за надворешни работи.
Рускиот закон за „геј пропаганда“ од 2013 година – кој забранува „промоција на нетрадиционални сексуални односи на малолетници“, дополнително ја поттикна хомофобијата во Русија. (Самиот Путин ја спореди таквата „геј пропаганда“ со порнографија.) Дејствата на Путин поттикнаа слични нацрт-закони за криминализирање на хомосексуалноста во Унгарија, Полска и Романија.
За тоа колку Русија е навистина конзервативна и каков заштитник на традиционалните вредности е, можете да прочитате во поопширната анализа на Вистиномер тука.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека на објавата што ја анализираме ѝ недостига контекст. Тоа што шведски војници пред две години по своја волја искажале поддршка на геј парада во сопствената земја и доброволно зеле учество во неа, не може да се споредува со официјална државна воена парада и оттука да се вадат заклучоци за тоа какви се севкупните европски вредности и дали ги има или ги нема. Од друга страна, пак, овогодишната државна воена парада, која се одржува во Москва на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна е нешто сосема друго, при што контекстот во кој таа се одржува е комплетно изоставен, иако е крајно проблематичен – парадата се одржува во период кога Русија е со ништо непредизвикан агресор врз својот помал сосед Украина, парадата го злоупотребува успехот на сосема друга генерација 80 години во минатото да се проектира имиџ и протурка наратив за еднаквост меѓу одбраната од нацизмот во Втората светска војна од една страна и актуелната агресија од друга страна, иако тие две војни немаат ништо заедничко. Истовремено објавата замижува врз фактот дека човековите права на геј заедницата во Русија се безмалку непостоечки, дека таа е прогонувана и не ѝ е дозволено да го искаже сопствениот идентитет на било кој начин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар