Стартуваше реконструкцијата на сообраќајниците „Востаничка“ и „Видое Смилевски Бато“
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пред неколку месеци на прес-конференција најавувајќи градежна офанзива за изградба и обнова на градските сообраќајници, меѓу другото, вети:
Реконструкција на улицата „Востаничка“ и на булеварот „Видое Смилевски Бато“
[Извор: А1 ОН; Датум: април 2020г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов за реконструкција на улицата „Востаничка“ во наслебата Црниче и на булеварот „Видое Смилевски Бато“, во Ново Лисиче, дадено во април оваа година, е во „во тек“ на реализација.
Реконструкцијата на двете сообраќајници започна деновиве. На 21 август стартуваа градежните работи на улицата „Востаничка“, која за околу два месеца треба да добие нов лик на потегот од улицата „Црниче“ до улицата „Свети Наум Охридски“. На оваа делница долга 1.100 метри, според најавите од градските власти, ќе се обноват коловозот и рабниците, а ќе се реконструираат и тротоарите со замена на бекатон-плочките, онаму каде што е неопходно.
Улицата Востаничка е всушност продолжение на улиците Бихаќка и Црниче кои беа предмет на реконструкција минатата година. Овде ќе решиме и еден горлив проблем што долги години ги мачи граѓаните од овој дел од градот, ќе изработиме нови 76 приклучоци во водоводната мрежа за да обезбедиме континуирано и квалитетно водоснабдување – рече градоначалникот Петре Шилегов.
Вредноста на реконструкцијата на улицата Востаничка изнесува околу 15 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 50 дена.
На 26 август почна реконструкцијата на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во Ново Лисиче, на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ до улицата „Февруарски поход“. Со овој градежен зафат, предвидена е целосна реконструкција на коловозот на булеварот во двете насоки, замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници во должина од 700 метри. Вредноста на проектот изнесува околу 27,3 милиони денари, а рокот на изведба е 40 дена.
Информација и фотографии за стартот на реконструкцијата на улицата „Востаничка“ и на булеварот „Видое Смилевски Бато“, се објвени на веб-страницата на Град Скопје и во повеќе медиуми.
ИЗВОРИ:
- А1 ОН (30.04.2020): Град Скопје со нова офанзива за изградба и реконструкција на градските улици [Проверено на: 27.08.2020]
- Грид.мк(30.04.2020): Град Скопје со нова офанзива за изградба и реконструкција на градските улици [Проверено на: 27.08.2020]
- Макфакс (21.08.2020): Реконструкција на улицата Востаничка, ќе се додадат и приклучоци на водоводната мрежа [Проверено на: 27.08.2020]
- Грид.мк (21.08.2020): Почна реконструкцијата на улицата „Востаничка“ во Кисела Вода [Проверено на: 27.08.2020]
- Веб-страница на Град Скопје (21.08.2020): Од денеска се реконструира и улицата Востаничка [Проверено на: 27.08.2020]
- Тајм.мк (26.08.2020): Започна реконструкцијата на булеварот Видео Смилевски Бато [Проверено на: 27.08.2020]
- Либертас (26.08.2020): Започна реконструкцијата на булеварот Видео Смилевски Бато [Проверено на: 27.08.2020]
- Веб-страница на Град Скопје(26.08.2020): Почна реконструкцијата на булеварот Видое Смилевски Бато [Проверено на: 27.08.2020]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар