Ставрески: Која е вистината за македонскиот економски раст во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ

 

Во својата прес конференција на 2 март, по објавувањето на сетот на нови прислушувани разговори претходно истиот ден, министерот за финансии, Зоран Ставрески, изнесе редица податоци за состојбите во македонската економија изминатите години. Како прв и главен аргумент на Ставрески во однос на критиките на социјалдемократскиот лидер беше, според него, добриот општ и сеопфатен економски раст во земјава во изминатите 5 години. За да го потврди овој аргумент, министерот изнесе компаративни податоци. Но, дали тие податоци беа точни?

Потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески на прес конференција
Потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески на прес конференција. Фото: видео клип.

Слична изјава, но во многу потесен контекст, искажа и премиерот Груевски два и пол месеци претходно и таа беше анализирана овде. Но, овој пат Ставрески се осврна на подолг период – од 2009 до 2014 година и изнесе прилично конкретни тврдења, кои дадоа розова слика за движењата на македонската економија во изимнатите 5-6 години. Еве ја неговата изјава:

Македонската економија и оваа година, изминатата 2014, имаше втор најдобар резултат во Европа со раст од околу 4 проценти. Сличен резултат, трет најдобар во Европа беше остварен во 2013 година и во 2011 и 2010 година. А, во годините во кои имаше пад на економијата и во кои имавме поголеми предизвици, а тоа беа 2009 и 2012, тој пад на економијата беше помал отколку во било која друга земја во Југоисточна Европа.

Еве ја изјавата и во видео формат:

 

Образложение:

Да поедноставиме. Ставрески, значи вели дека во 2010, 2011 и 2013 сме имале трет најголем економски раст во Европа, а во 2009 и 2012, кога сме имале пад на економијата, тој бил помал од било која друга земја, но овојпат во однос на Југоисточна Европа.

Најавторитетна публикација и извор за овие податоци е Светскиот економски преглед на Меѓународниот монетарен фонд, кој бројките за економскиот раст на земјите членки ги добива директно од владите. Фондот има и база во која се содржани овие бројки (и тоа до трета децимала) во формат погоден за нивна обработка. Пред да ги прегледаме бројките, само ќе напомнеме дека овде нема да го разгледуваме економскиот раст за 2014 година. Ланските бројки ММФ сѐ уште ги нема објавено и не е баш најјасно од каде Ставрески знае за нив. Особено што некои земји од Источна Европа, кои не работат според стандардите на ЕУ, сѐ уште ги немаат објавено на национално ниво, а и оние објавените уште се првични податоци кои ќе доживеат барем две промени за пред наесен да бидат објавени ревидирани бројки од страна на ММФ.

Најпрвин, еве ја комплетната табела за движењето на економскиот раст на европскиот континент по земји поделени во три групи: развиени економии, економии во развој и економии во развој од ЦИС регионот. Табелава содржи и бројки за економскиот раст за 2014 година, но тие претставуваат само проценки на Фондот, а не остварени податоци и затоа тие не се разлгедуваат.

Tabela 2009-2014-epten final
Напомена: Отворете ја табелата со десен клик во посебен прозорец за да ја видите во полна големина

Со оглед на фактот што горната табела е комплексна, неа ја разложивме по години, а бројките ги подредивме по големина за оние земји со најголем економски раст да се најдат најгоре. Ајде да тргнеме година по година. Најпрвин 2009:

2009

Во оваа година, значи, точно е дека Македонија имала најмал пад на бруто домашниот производ во Југоисточна Европа (кога анализира пад на македонската економија во оние години кога го имало, Ставрески прави споредби со Југоисточна Европа, а кога говори за оние години кога имало раст тој прави споредби со земјите од целиот европски континент. Зошто е тоа така не е јасно). Но, она што Ставрески не го кажува е фактот што во таа година имало и две земји во регионот (Косово и Албанија) кои имале раст. Со тоа станува нелогично да се говори за најмал пад на економијата во регионот кога има и такви земји кои оствариле раст.

Одиме понатаму. Еве ја состојбата во 2010:

2010

За оваа година Ставрески вели дека сме имале трет најголем раст на целиот европскиот континент. Од табелата се гледа дека ова не е точно, зашто пред нас имало 15 земји со повисок раст.

Нешто слично се случува и во 2011 година.

2011

Во оваа година, според податоците на ММФ, сме паднале уште едно место подолу, односно од 16 на 17 место. Ова значи дека и  во оваа година Македонија немала трет најголем раст во Европа, туку пред неа имало дури 16 земји со повисок раст.

Во 2012 година имавме пад  на економијата. Според изјавата на Ставрески, оваа година би требало да имаме најмал пад во регионот. Дали е така:

2012

Бројките покажуваат дека навистина имаме најмал пад во регионот, но од друга страна, во Југоисточна Европа таа година имало дури 5 земји кои прикажале економски раст.

Во 2013 година, според зборовите на Ставрески, би требало да имаме трет најголем раст на целиот европски континент.  Ова е најтазе година за која ММФ има комплетни податоци, а економскиот раст во оваа година беше издвоен како прв во излагањето на Ставрески. Еве ја табелата:

20013

Бројките и овде покажуваат сосема поинаква слика од она што го говори Ставрески – дури 8 земји во Европа имале поголем раст од Македонија, од кои 7 во Источна Европа.

И, на крај, останува само да направиме споредба на она што го вели Ставрески во оваа негова изјава и она што навистина се случило:

Stavreski-tabela-vistina-final-final-002

 

Линкови:

  • Никола Груевски: Дали навистина имавме трет најголем раст во Европа во 2013? [Пристапено: 09.03.2015] http://vistinomer.mk/nikola-gruevski-dali-navistina-imavme-tret-najgolem-rast-vo-evropa-vo-2013/
  • Зоран Ставрески: прес конференција – 02.03.2015 [Пристапено: 09.03.2015] https://www.youtube.com/watch?v=84-FBon2kQ0&feature=youtu.be
  • World Economic Outlook Databases/Бази на податоци на Светскиот економски преглед на ММФ [Пристапено: 09.03.2015] http://www.imf.org/external/ns/cs.aspx?id=28
  • World Economic Outlook Reports/База на публикации Светски економски преглед на ММФ [Пристапено: 09.03.2015] http://www.imf.org/external/ns/cs.aspx?id=29

 

Оценил: Владимир Петрески

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција