Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите (1)

Пишува Роберто Беличанец, експерт за медиуми.

Текстот е првобитно објавен на Окно.мк на 08.02.2012.

Илустрации: Роршахови портрети од Бен Квилти.

Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите (1)

Стереотипот претставува слика заснована на предрасуда или полувистина која му се придава на „другиот“ или себе си врз основа на припадност на група. Стереотипот може да биде позитивен или негативен, но речиси секогаш, кога ќе се примени на ниво на единка, е невистинит. Така, на пример, стереотипот – „Германците се организирани“ применет на единка која му припаѓа на германскиот народ, а е мрзлива и дезориентирана, се појавува како сосем погрешен.

Стереотипот е контејнерот во кој ги фрламе сите припадници на одредена група без оглед на нивните реални поединечни својства. Стереотипизацијата претставува процес во кој категоризираните припадници на групата добиваат групни социјални или психолошки својства и со тоа се избегнува напорот да се размислува за конкретни единки. На тој начин базичниот означувач на групата, на пример, зборот „Италијанец“, покрај првичната функција на означувањето – припадник на италијанската нација – во себе содржи секундарни значења кои, во зависност од говорителот, содржат и „бучен човек“, „јадач на жаби“, „естета“, „љубовџија“, „неборбен народ“ и друго. Овде се гледа дека примарната функција на стереотипизацијата е намалување на комуникацискиот напор и негова рационализација.

Како што се гледа од примерот, стереотипот може да биде и позитивен и негативен, но тој никогаш не е апсолутен, затоа што зависи од говорителот. Различни стереотипи се појавуваат за истиот поим во различни социјални средини. Па така, зборот Италијанец има други секундарни значења кај луѓето што живеат во близина на Италија и биле предмет на италијанска окупација како, на пример, кај Далматинците или Истраните, а сосема други кај оние што живеат во Америка. Патем, претходната реченица претставува пример за употребливоста на стереотипите во нормалната комуникација. Зборовите не се еднозначни, и јазикот е проверено непрецизен инструмент базиран на непишана конвенција за значењето на зборовите. Тука стереотипите играат моќна улога на воспоставувањето на комуникациски протокол преку кој се обезбедува пораката на испраќачот да биде примена што е можно попрецизно од страна на примателот. Од тој аспект излегува дека стереотипизацијата е добра и помага во економизирање на изразот. Оттука, тој е како создаден за медиумската комуникација која претпочита краток израз. Но… Стереотипот не е само јазична категорија, тој е одраз на перцепцијата на другиот, како и на самоперцепцијата во одредена социјална средина.

Стереотипот претполага постоење на НИЕ и ТИЕ. При што, НИЕ сме групата на која што ѝ припаѓа говорителот со сите свои реални и претпоставени својства, а ТИЕ се припадниците на друга група. Од аспект на НИЕ, говорителот може да припаѓа на повеќе социјални групи, на пример, може да биде Македонец, муслиман и скопјанец. Во моментот на неговото говорење сите овие фактори влијаат врз пораката што ја испраќа преку стереотипот којшто го употребува, но едно од овие својства е примарно. Сосема поинаква ќе биде стереотипизацијата на припадниците на исламската вероисповед кај Македонецот-муслиман од онаа кај Македонецот-православец, претпоставувам дека истото важи и кај Aлбанците православци, Aлбанците католици или Aлбанците муслимани. Овде се гледа дека едната од припадностите на групата влијае врз стереотипот по линиите на поделба на НИЕ и ТИЕ, но кога тие својства се испреплетуваат и единката во исто време припаѓа на маргиналниот верски стратум на националната група, стереотипите омекнуваат. Значи, припадноста на групата влијае врз стереотипизацијата, но горниот пример покажува колку таа е производ на имагинацијата, перцепцијата, самоперцепцијата и социјалната конвенција што произлегува од социјалната припадност.

Стереотипите се историски форми и претставуваат производ на колективна свест, па обично за нив не се размислува кога се употребуваат туку се прифаќаат како вечно дадени вистини. Формирањето на стереотипот обично има историски корен. Во одредена точка на живеењето на одредена група се случил контакт со друга група во кој се воспоставила одредена динамика на односи којашто, пак, претставува база за стереотипизацијата. На пример, инвазијата на Хуните врз Европа, нивните почетни успеси и, пред сè, пустошот што го оставиле зад себе и ден-денес се живи во говорот на европските нации. Иако Хуните како група не постојат, изразот „Хуни“ се користи да означи нација склона кон бесцелно уништување, водена исклучиво од злото. Така Черчил во една референца за Германците во втората светска војна ќе изјави – „Има само 50 милиони зли Хуни кои цела Европа ја држат во страв“. Стереотипот на „злиот Хун“ од времето на преселбата на народите го преживеал целиот среден век и осамнал во говорот на политичар од времето на Втората светска војна за да се појави како секундарен означувач во стереотипизацијата на припадниците на воениот непријател. Черчил ја користи стереотипната слика што неговите сонародници ја имаат за Хуните во пропагандни цели против Германците.

Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите (1)

Хана Арент во своето прочуено дело „Извори на тоталитаризмот“ изнесува тврдење дека нацистичката пропаганда и стереотипот на „Вечниот Евреин“ никогаш немало да има толку силна подлога да не се потпирал на сликата што еврејските заедници, затворени сами во себе, ја генерирале на дневно ниво. Овде тезата е дека стереотипот се формирал долго време пред воопшто да биде злоупотребен од страна на нацистичката пропагандна машинерија, и тоа, како од оние што не ѝ припаѓале на еврејската заедница, така и од самите припадници на таа заедница. Таа со своето однесување несвесно го зацврстувала стереотипот кај своите сограѓани. Во таа смисла, таа ја истакнува, пред сè, големата затвореност на еврејската заедница која постојано се обидувала да живее во паралелна културна средина, базирана на исклучивост кон неевреите и мотивирана од два базични фактори – верската припадност на верско малцинство и љубоморното одржување на еврејската заедница без културна асимилација во европските општества. Значи, формирањето на стереотипот е двонасочен процес и се одвива врз основа на социјална динамика во која и групата што е предмет на стереотипизацијата и оној кој што го формира стереотипот меѓусебно влијаат врз неговото дефинирање. Она што е овде битно да се истакне е – како што се развиваат стереотипите тие создаваат повратна спрега низ која што се зацврстуваат и се доизградуваат. Тие се конструкти и, како и сите конструкти, се подложни на измени и деконструкција, но праксата покажува дека се долговечни и дека многу полесно се конструираат отколку што се деконструираат.

Поделбата на НИЕ (Елините) и ТИЕ (Варварите) е спомената уште кај Аристотел и ги поставува двата клучни актери во стереотипизацијата. Овие два актери се меѓусебно изменливи и формираат стереотипи за другиот кои се во динамичен однос. Стереотипот претставува најмал заеднички содржател на социјални својства околу кој може да се согласат тие што стереотипизираат.

Стереотипи, нивната употреба и нивното зацврстување преку медиумите (1)

Верите и стереотипите

Верската стереотипизација се формира во контактите меѓу припадниците на одредени верски заедници со припадниците на верските заедници на другиот. Кога се работи за базичната динамика која што ја одредува верската стереотипизација, три историски настани се клучни – Крстоносните војни, Падот на Константинопол и турската опсада на Виена. Низ овие три историски настани се исковани стереотипите на односите меѓу исламот, православието и католицизмот. Историските настани кои му припаѓаат на далечното минато сè уште влијаат врз меѓусебната перцепција на припадниците на овие верски заедници. На тој начин, крстоносните војни од аспект на муслиманите се освојувачки војни преку кои Западот се обидува да ја воспостави својата доминација на Блискиот исток. Падот на Константинопол, за православните христијани, означува точка на пораз од страна на агресивниот ислам, но во исто време, одбивањето на западните кралства да му помогнат на последниот византиски цар ја покажува лажливоста, превртливоста и себичноста на католичка Европа, односно на Западот. Опсадата на Виена за западните држави е точката во која тие се наоѓаат исправени пред последната варварска наезда, овојпат под знамето на исламот, но придружена од превртливите балкански православни вазали кои исто така стануваат христијани но варваризирани, превртливи и лажливи.

Фрапантно е колку овие стереотипи исковани во жестината на историските настани остануваат живи и со несмалена жестина влијаат на перцепциите на современите нации, и со тоа влијаат врз светската политика. Па така, за време на судирите во бивша Југославија, сите три стереотипи беа користени во секојдневната пропаганда.

(Продолжува со: Верските стереотипи на Балканот…)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција