Стеван Дојчиновиќ, основачот на КРИК вратен од ОАЕ – требало да учествува на конференција на ОН за корупцијата

Стеван Дојчиновиќ, уредник и основач на Мрежата за истражување на криминалот и корупцијата (КРИК) и регионален уредник на Известувачкиот проект за организиран криминал и корупција (OCCRP) синоќа и ноќеска бил задржан во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), под изговор дека е на „меѓународна црна листа“ и дека не може да влезе во земјата, но не му било соопштено ништо повеќе за тоа, по што бил вратен назад во Белград.

Дојчиновиќ требало да говори на конференцијата на Канцеларијата на Обединетите Нации за борба против дрога и криминал, односно на тркалезната маса за сузбивање на прекуграничната корупција, перењето пари и организираниот криминал.

Дојчиновиќ на аеродромот во Абу Даби, главниот град на ОАЕ, слетал околу 20 часот со директен лет од Белград и полицајците на пасошката контрола го задржале и му го зеле пасошот, известува КРИК.

– Потоа ме однесоа во полициските простории на аеродромот. Таму ми зедоа отисоци од прстите, ме фотографии и направија досие. Потоа ме оставија да чекам под надзор и дури по пет часа чекање ми кажаа дека утрото ќе бидам депортиран во Србија – вели Дојчиновиќ.

Објаснува дека вкупно 12 часа минал под надзор на полицајци, кои кратко му соопштиле дека е на „црна листа“ и дека мораат да го вратат назад, но без јасно образложение.

– Ми рекоа дека не ме ставиле Обединетите Арапски Емирати на црна листа, туку тоа е на барање на некоја друга влада, но не ми кажаа која – вели Дојчиновиќ.

Уредникот на КРИК бил во слична ситуација и во Русија во 2015 година, кога бил задржан на аеродромот во Москва, а потоа депортиран во Србија. Тогаш требало пред студентите на Факултетот за журналистика да одржи предавање за истражувачко новинарство, но наместо тоа цел ден минал во притвор и потоа бил депортиран во Србија, а и му бил забранет влез во Русија до 2020 година.

Дојчиновиќ не добил објаснување од руските власти за овој случај, иако официјално го побарал повеќепати. Единствениот одговор го добил од руската тајна служба ФСБ, која во писмо го известила дека го сметаат за „закана за националната безбедност и јавното здравје“.

Ноќеска во Абу Даби односот кон него бил многу подобар отколку во Русија. Дојчиновиќ вели дека во ОАЕ не бил приведен, туку само задржан, полицајците биле многу пољубезни од руските, а и му дозволиле да оди со придружба да си купи храна.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција