Основците од Карпош имаат бесплатни ужинки и еднодневни екскурзии

ОУ Христијан Тодоровски Карпош Фото: Веб-страница на Општина Карпош

 

 

Проект: Од 2014 година ќе обезбедиме бесплатна ужинка и бесплатни ученички екскурзии за децата од основните училишта во општината. (Визија за Карпош)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за обезбедување бесплатна ужинка и бесплатни ученички екскурзии за децата од основните училишта е исполнето ветување на градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски. Проектот е дел од неговата изборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Визија за Карпош“ и се наоѓа во делот посветен на образовниот процес (стр.11).

Јакимовски ова ветување го даде и за време на неговата предизборна кампања. Во интервју за порталот Фактор, објавено на 22.03.2013 година, тој објаснува дали и колку проектот ќе го оптовари општинскиот буџет.

Со реконструкцијата на десетте училишта и две градинки, со поставување на термички фасади, промената на прозорците, заштедите на средства кои ќе ги оствариме од трошоците за затоплување и ладење целосно можеме да ги покриеме трошоците за ужинки и екскурзии, така што финансиската конструкција е целосно покриена.

На седница на општинскиот совет одржана на 31.01.2014 година, како што пренесе Дневник, советниците позитивно се изјасниле за Предлог-програмата која опфаќа изменување и дополнување на Програмата за образование за основните училишта во Карпош за 2014 година.

Локалната самоуправа ќе обезбеди парични средства во вредност од 3.700.000 денари, од кои 1.200.000 ќе бидат насочени за бесплатни ужинки за сите првоодделенци, а со 2.500.000 денари ќе се покријат трошоците за еднодневни екскурзии за основците од прво до деветто одделение, кои се школуваат на територијата на Општина Карпош.

Советот на Општината на седница одржана на 29.08.2014 година, донел одлука учениците од прво и второ одделение од основните училишта на територија на Општина Карпош таа година да имаат бесплатни ужинки, а на учениците од прво до петто одделение еднодневните излети да им бидат платени од општинската каса.

Ваквата бенефиција за учениците стартуваше минатата година со бесплатни ужинки за првачињата, а предвидено е секоја година во бенефициите да се вклучуваат децата од еден клас погоре, соопшти Општина Карпош, јави порталот Мкд.

На 10.11.2015 година, Општина Карпош, како што беше објавено на официјалната страна на општината, во хотелот „Александар палас“, го одбележа денот на конституирањето на Општината со пригодна свечена академија. На овој настан, градоначалникот Јакимовски, во својот говор пред присутните, зборувајќи за успесите на општината, го спомнува токму и проектот за бесплатни ужинки и бесплатни еднодневни екскурзии.

Ние први воведовме бесплатни ужинки, бесплатни еднодневни екскурзии , лидери сме во социјалната инклузија, по бројот, но и по квалитетот на хуманитарни акции за социјално загрозените семејства, за лицата со попреченост во развојот, болни, стари и изнемоштени…

Според информациите до кои дојде Вистиномер, од неколку основни училишта на територијата на општина Карпош, бесплатни ужинки им се делат на децата до четврто одделение, а бесплатни еднодневни екскурзии им следат на сите ученици до деветто одделение.

Според објаснувањето кое го добивме од наставници во училишта, основците до четврто одделение зимаат ужинки, додека, пак, тие од петто нагоре, не зимаат ужинки и токму затоа бесплатни се само за децата до петто одделение.

Што се однесува до екскурзиите, за да не настане забуна кај нашите читатели, на пример, има екскурзии, како посета на Водно или панормаско разгледување на Скопје, за кои се плаќа. Меѓутоа, еднодневните екскурзии, како излети, на пример во Кучково и други излетнички места, нашите соговорници велат дека се бесплатни.

Советот на Општината, на седница одржана на 08.06.2017 година, донел одлука, бесплатни ужинки и излети да има за основците и во наредната учебна година.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, може да се заклучи дека ветувањето на Јакимовски за бесплатна ужинка и бесплатни ученички екскурзии за децата од основните училишта во Општината, е исполнето.

 

***Дополнување

 

По објавувањето на текстот на нашата официјална страна на Фејсбук, добивме реакции од читатели кои ни посочија дека не сите основци имале бесплатни екскурзии. Читателка од Карпош, чие дете посетува настава во ОУ „Јан Амос Коменски“, реагираше дека за последната екскурзија до Бигорски манастир, платиле 490 денари.

Претходно, родители со кои контактиравме, а чии што деца учат во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ и „ОУ„Владо Тасевски“ во седмо, односно шесто одделение, ни потврдија дека нивните деца не платиле за еднодневните екскурзии. По ваквите контрадикторни информации,  побаравме појаснување од градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, кој ни рече дека засега бесплатни екскурзии има за децата до седмо одделение, но во наредниот период ќе бидат опфатени и учениците од повисоките одделенија:

 Екскурзиите се бесплатни до седмо одделение. Започнато е со бесплатни екскурзии од четврто одделение и така наредната година ќе биде вклучено и осмо одделение. Како секоја година обезбедуваме средства во Буџет, така зголемуваме една година. Учебната 2018/2019 година и деветите ќе имаат бесплатна екскурзија изјави Јакимовски за Вистиномер.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција