Стојановски: Индустријата на дезинформации има различни извори, дел од нив се поврзани со странски влијанија од Русија

Филип Стојановски Фото: Принтскрин „Клик плус“ - ТВ21

Војната во Украина ги активираше странските влијанија, особено оние од Русија и дезинформациите кои доаѓаат оттаму, изјави Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис во вчерашното издание на дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ21

Војната во Украина ги активираше странските влијанија, особено оние од Русија и дезинформациите кои доаѓаат оттаму, изјави Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис во вчерашното издание на дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ21

 

 

Како дел од дезинформациите, Стојановски ги посочи вестите со наводно постоење биолошки лаборатории, како и со „нацистите“ кои ја воделе Украина.

Оваа војна што се случува сега во Украина не се случи одеднаш, тој терен е подготвуван со години, може да се каже и со децении. Целата индустрија на дезинформации која што постои има различни извори, а дел од нив се поврзани со странски влијанија, особено од Русија, која отворено беше активирана за да ги промовира целите на Кремљ, истакна Стојановски.

Стојановски додаде дека дел од наративите кои ги промовираше Русија беа присутни и во медиумите, на Интернет и меѓу граѓаните во земјава и дека целта на дезинформациите не беше само да се добие поддршка за војната, туку и да се предизвика страв кај граѓаните кои не би ја поддржале агресијата во Украина.

Некои од тие теми беа пренесување на руската пропаганда, почнувајќи од користење на терминологијата дека не станува збор за војна, дека е специјална операција, потоа разни дезинформации за Зеленски и негово претставување – од „ѓавол“ до сѐ друго што не е. Доста популарна беше и теоријата на заговор дека има некакви биолошки лаборатории и дека нацисти ја водат Украина, рече Стојановски.

Комуникологот Бојан Кордалов во емисијата истакна дека војната се води на два фронта – на воениот и на информациско-дезинформацискиот.

Веќе треба да ни стане јасно дека во услови на војна не може да се прави баланс и во време кога паѓаат бомби и гранати не треба да се бара средината, туку треба да се избере страната која сметаме дека е исправна, рече Кордалов,

Тој напомена дека Македонија е земја-членка на НАТО и како таква, не само што има одбрано страна, туку учествува и во носењето одлуки во алијансата.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски посочи дека, без разлика какви закони се носат, невозможно е да се контролираат објавите на Интернет и дека поради ниското ниво на медиумска писменост во земјава граѓаните лесно ги консумираат дезинформациите.

Имате еден тип ненамерно неодговорно новинарство коешто е во борба за кликови и во такви услови многу лесно се ставаат наслови кои предизвикуваат чувства кај луѓето, а можат да бидат, и најчесто се, лажни или полувистинити вести. Вториот тип се намерно креирани содржини преку намерно креирани медиумски и немедиумски групации. Најчесто тоа не се портали поставени за да создаваат вести и информации, туку за да креираат недоверба во општеството со цел намалување на довербата во функционирањето на целиот систем и, на крајот, намалување на довербата во медиумите, посочи Чадиковски.

Чадиковски истакна дека, според истражувањата, главни ширачи на лажни вести се политичарите и државите.

Така е и со војната во Украина, но така е и во локални контексти каде главните ширачи на дезинформации и лажни вести се политичарите. Видете како се пренесуваат изјави од пратеници, политичари, од некои лица кои со леснотија кажуваат лага, а потоа тоа го пренесуваат медиумите. Тука е проблемот на медиумите што можеби недоволно и не секогаш ќе ја проверат секоја вест и секоја изјава, рече Чадиковски.

Стојановски од Фондацијата Метаморфозис подвлече дека во земјава во пораст се и онлајн измамите.

Во последно време има пораст на онлајн измами. Тоа е исто форма на дезинформација, којашто не е политичка, туку комерцијална. Но, често, истите извори кои се бават со еден тип дезинформации, шират и други заради реклами и заради влијание, посочи Стојановски

Тој додаде дека е важно целото општество да се мобилизира за да се соочи со овој проблем.

Целата дебата во „Клик плус“ посветена на медиумите, медиумската писменост и лажните вести може да се погледне на овој линк.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција