Страчинци сè уште чека нов водоснабдителен објект

С.Страчинци. Фото: Википедија

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски за локалните избори во 2017 година, вети изградба на нов водоснабдителен објект за жителите на населеното место Страчинци. Ова ветување на Георгиевски се најде  меѓу капиталните проекти во неговата предизборна програма насловена како „Живот во Гази Баба! За сите!“, и тоа досега не е исполнето

 

Ветувањето за нов водоснабдителен објект во Страчинци не е исполнето во рокот што е ветен (2018-2020 г.), а проблемите, според Општина Гази Баба, се од правна природа

 

Ветување: Водоснабдителен објект за населеното место „Страчинци“

Овој проект ќе го реши водоснабдувањето во населеното
место „Страчинци“ и тој опфаќа израдба на нов водоснабдителен цевковод, во должина од 8 км и две пумпни станици кои ќе овозможат непречено водоснабдување на жителите на населеното место „Страчинци“… (Рок: 2018-2020 година)

[Извор: Изборна програма од 2017 г. на Борис Георгиевски, градоначалник на Гази Баба (стр.18) ;  датум: октомври 2017 г.  ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во текот на предизборието, градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, вети изградба на нов водоснабдителен објект за жителите на населеното место Страчинци, кој опфаќа нов цевковод. Ова ветување на Георгиевски се најде и меѓу капиталните проекти во неговата предизборна програма за локалните избори (2017-2021) насловена како „Живот во Гази Баба! За сите!“.

…Граѓаните на населеното место „Страчинци“ немаат стабилно водоснабдување, што ги наметнува потребата и обврската за изградба на нов водоснабдителен објект, се вели во програмата на Георгиевски.

Георгиевски, на 30.04.2018 година, проблемот со водоснабдувањето во Страчинци го претстави пред тогашниот заменик министер за животна средина, Јани Макрадули.

Општина Гази Баба веќе има подготвени проекти за изведба на водоводна мрежа во населените места Раштак, за изведба на водоводот во долната зона со должина од 4 км, како и целосна обнова на мрежата во Булачани со должина од 1000 метри. За овој проект очекуваме и поддршка од страна на министерството за животна средина. Општина Гази Баба веќе започна и со подготовка на техничка документација за изведба на водоводна мрежа и во населените места Страчинци и Брњарци, се вели во соопштението објавено на официјалната веб страница на општина Гази Баба.

На 19.10.2020 година, Георгиевски, означувајќи го почетокот на изградбата на фекална канализација во населеното место Гоце Делчев, потенцираше дека проекти за нови одводни системи правиме за населените места Идризово и Брњарци, а за Страчинци е веќе целосно подготвен проектот, а за Булачани и за Раштак се при крај“.

 

Општина Гази Баба: проблемите се од правна природа

Во недостаток на информации на официјалната веб-страница на Општина Гази Баба за тоа до каде е изградбата на водоснабдителниот објект во Страчинци, „Вистиномер“ се обрати до кабинетот на Георгиевски од каде ни го дадоа следниот одговор:

Населеното место Страчинци уште одамна располага со водоводен систем кој е во сопственост на месната заедница, односно на граѓаните. Општина Гази Баба подолг период се обидува и разговара со жителите за правно решавање на ова прашање со цел водоводниот систем да биде регулиран како општествено добро во ингеренции на ЈКП Гази Баба, со што Општината правно би имала можност да влезе во инвестиции за водоводна мрежа до домаќинствата. Општина Гази Баба веќе две години во буџетот и предвидува средства за оваа намена, надевајќи се дека разговорите со населеното место ќе дадат резултат и да се започне со работа на водоводот.

Имајќи го предвид одговорот од Општина Гази Баба, како и рокот за реализација на ова ветување наведен во предиборната програма на Георгиевски (2018-2020),  може да заклучиме дека тоа е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција