Странските служби повторно во репертоарот на Груевски

Груевски знаел дека некој сака да ја редефинира Македонија ама не го кажува. Фото: скриншот

Повеќе аргументи и факти говорат дека тврдењата за постоење заговор од странство, со крајна цел редефинирање на Македонија, при што Зоран Заев е само инструмент на кого му биле дадени незаконски прислушкуваните телефонски разговори за да ја оствари таа цел, е само извртување на вистината. Едно такво извртување забележливо беше при последното телевизиско интервју на Никола Груевски

 

Повеќе аргументи и факти говорат дека тврдењата за постоење заговор  од странство, со крајна цел редефинирање на Македонија, при што Зоран Заев е само инструмент на кого му биле дадени незаконски прислушкуваните телефонски разговори за да ја оствари таа цел, е само извртување на вистината. Едно такво извртување забележливо беше при последното телевизиско интервју на Никола Груевски

 

Пишува: Tеофил Блажевски

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во подолго телевизиско интервју за Канал 5 телевизија дадено на 16.04.2016 (сабота), во ударниот термин на вестите на оваа телевизија, на неколку пати акцентираше две тези:

1) Прислушкуваните телефонски разговори што како материјали ги слушна јавноста преку прес конференциите на опозицијата минатата година се дело на странски служби и тие се „фабрикувани“, „монтирани“ и „креирани“;

2) Целата криза во која се наоѓа Република Македонија е дело на поширок заговор од некој што стои зад Зоран Заев, дека лидерот на опозицијата има само личен интерес во тоа, а дека „играта е многу поголема“ и дека станува збор за крајна цел „редефинирање на Македонија“.

Kontraspin - foto Vistinomer

Овие две тези се изнесени четири пати во интервју што трае 23 минути, а тука на едно место ќе ги наведеме покарактеристичните реченици, кои ги сметаме за извртување на вистината, т.е спинување:

СПИН:

Изборите за оваа година се закажани уште пред една година откако СДСМ започна со објавување на креираните материјали за кои што Зоран Заев ни кажа дека му ги дале странски разузнавачки служби;

…тој мислеше дека со тие фабрикувани материјали ќе го измами народот;

Како што одминуваше времето, луѓето сфаќаа дека тоа е една голема игра. Игра во која што Заев е инструмент, кој што ќе постигне одредена негова лична цел…но дека играта е многу поголема;

Ги сфатија работите (граѓаните – н.з.) и сите јавни истражувања на јавното мислење покажаа дека работите не одат во правец кој што Заев, а веројатно и неговиот позадински подржувач очекуваа;

Прашањето не е Македонија или Груевски, прашањето е Македонија или редефинирана Македонија

 

КОНТРАСПИН:

1 ) Овие и вакви тврдења или наведувања кон две работи што се забележливи во последното интервју на Груевски за Канал 5 ТВ, долго време ги немаше во неговиот јавен говор. Сега, по цврстата одлука да се оди на избори на 5-ти јуни и без опозицијата, ваквиот речник е забележлив во јавната комуникација не само кај Груевски, туку кај неколку релевантни страни кои потекнуваат од или се блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

Да потсетиме, речиси идентични тези и реторика имаше и Претседателот на РМ, Ѓорѓи Иванов, во говорот што ја проследи неговата одлука за простување или аболиција на над 50 лица, како и во говорите на ликовите што се претставуваат во првите редови на движењето ГДОМ, на последните неколу контрапротести.

До пред ова драматично заострување на кризата до кое дојде со распуштањето на Собранието, реториката за фабрикувани, монтирани и креирани материјали ја немаше повеќе од половина година, поточно таа престана некаде во јуни минатата година. Моментот кога се напушти се совпаѓа со Договорот од Пржино, со експертскиот извештај на ЕУ изготвен од аналитичари предводени од Германецот Рајнхард Прибе, како и со извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија од истиот период. По сето ова, Груевски не споменуваше ни странски служби, ни „жолти комбиња“, ниту заговори за Македонија, ниту пак, за снимките велеше дека се фабрикувани, креирани и монтирани.

За тоа дали снимките се од странски служби или се дело на масовно прислушкување од домашните служби, Груевски во ова интервју сака да нè увери на почетокот со делот од реченицата –за кои што Зоран Заев ни кажа дека му ги дале странски разузнавачки служби“. Станува збор за тврдење базирано на разговорите меѓу Заев и Груевски во кабинетот на овој вториов, во Влада, на крајот од 2014 година, кои биле снимани од страна на домашните служби и чии делови на „волшебен“ начин протекоа во јавноста на почетокот на минатата година. Но, Заев подоцна потврди дека блефирал, а покрај тоа, домашните правосудни органи во случајот „Пуч“ не успејаа да утврдат дека тој исказ на Зоран Заев има некаква врска со реалноста. Дури ни во единствената пресуда потпишана во спогодба со тогаш обвинетиот припадник на 5-тата управа, кој неодамна исто така беше опфатен со амнестијата на Иванов.

Радмила Шеќеринска, потпретседателката на СДСМ, пред неколку месеци изјави дека на првата сесија на четирите лидери со меѓународните посредници што се одржа во Брисел минатата година, на сите страни им било понудено дали сакаат технички служби со помош на ЕУ да ја потврдат автентичноста на снимките. СДСМ се согласиле, додека од ВМРО-ДПМНЕ биле против. Оваа информација никој не ја демантираше. Згора на сè, речиси сите функционери и јавни личности никогаш не демантираа дека разговорите не се нивни или дека се монтирани, креирани и фабрикувани. Само двајца уредници, едниот од „ТВ Сител“, другата од весникот „Вечер“, тврдеа дека нивните биле сечени, лепени и невистинити.

И во Извештајот на Прибе и според истрагата на Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева, масовното прислушкување се одвивало во земјава, во Петата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) на МВР. За тоа дали снимале странски служби или по налог на странски служби, можеби доволен индикатор е досегашната истрага на СЈО, која покажува дека наредбата за уништување на дел од опремата за прислушкување била издадена од раководни лица именувани од првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, а потпишана и од екс министерката Гордана Јанкуловска.

2) Тврдењето за странски служби, за заговор, за конспирација, за многу поголема игра во заднината, за редифинирање на Македонија, за тие или тој што стои зад Заев, итн… се премногу сериозни тврдења. Во таков случај, ако е тоа вистина, екс премиерот, исто како и пред неколку дена претседателот на РМ, биле и се должни тие информации да не ги чуваат за себе и да ги употребуваат само одвреме навреме кога имаат политичка курентност и за поткревање на патриотски и национални чувства кај граѓаните, туку да ги споделат прво со институциите, потоа и со јавноста. На таа иста јавност и експремиерот и претседателот, се должни и да ѝ објаснат какви мерки презеле за да ја заштитат Македонија и нејзините граѓани од такви заговори, сценарија и игри. На тоа ги обврзуваат Уставот, законите и нивните заклетви (свечени изјави) при преземањето на функциите. Вака, на граѓаните им останува само да му веруваат на зборот на тој што ги искажува ваквите обвинувања. А зборот, денес во Македонија, како што тоа го забележа и доскорешниот посредник во преговорите Питер Ванхауте, има сè помала тежина.

Оттука, сите овие изјави на Груевски за фабрикувани, монтирани и креирани разговори, како и за тоа дека станува збор за странски заговор во кој Заев е само играч, а играта е многу поголема и целта е редифинирање на Македонија, ги сметаме за извртување на вистината, т.е. за спинување.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција