Стратегијата за соработка со СЗО не е „жртвување“ туку подобрување на целиот здравствен и образовен систем
Не е вистина изнесеното во објавата дека учеството во ваква национална стратегија за тие што учествуваат во неа е „нивно принесување како жртва на антихристот“, бидејќи самото подобрување на едукативниот и здравствениот систем за подобри кадри, обуки, едукација, е приоритет за подобро подготвени здравствени системи за спасување животи и унапредување на здравството.
Не е вистина изнесеното во објавата дека учеството во ваква национална стратегија за тие што учествуваат во неа е „нивно принесување како жртва на антихристот“, бидејќи самото подобрување на едукативниот и здравствениот систем за подобри кадри, обуки, едукација, е приоритет за подобро подготвени здравствени системи за спасување животи и унапредување на здравството
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Сами доброволно дозволувате да ве принесуваат на жртва на антихристот оние кои своеволно си ги гласате. Затоа нема лек за чипирани среќни робови. Филипче беше доктор на смртта а што се сега овие сатанистички слуги од ДМСНЕ удбашка спасители ли се? А среќни робови кои сте слуги сатански?
Во склоп на објавата е споделена фотографија од медиумско известување за тоа дека „националната стратегија за соработка со Светската здравствена организација во следните пет години ги утврдува здравствените приоритети на државата кои ќе се реализираат во соработка со СЗО и агенциите на ОН“.
Всушност, се работи за соопштение на Министерството за образование и наука, според кое националната стратегија ќе се спроведува преку клучните владини министерства, институции и граѓанското општество, како што извести министерката за образование и наука Весна Јаневска на презентацијата на Првата стратегија за соработка на СЗО со Македонија 2026–2030. Стратегијата значи дека ќе се подобрат наставните програми, ќе се модернизираат лабораториите и практичните обуки, ќе се поддржува континуирана едукација на здравствените работници и соработката со универзитетите и здравствените установи. Така се планира да се создадат генерации со знаење, вештини и ставови потребни за препознавање, разбирање и ефективно справување со здравствените предизвици.
Здравјето е основа на одржлив развој на секоја држава. Наша цел е да изградиме отпорен здравствен систем, заснован на еднаков пристап, превенција, дигитална трансформација и компетентни човечки ресурси. Неопходно е да ги унапредиме јавните политики за да можат да одговорат на комплексните здравствени предизвици со кои се соочува Македонија. Во реализацијата на оваа важна и одговорна задача Министерството за здравство не е само, нагласи министерката Јаневска.
Оттука, не е вистина изнесеното во објавата дека учеството во ваква национална стратегија за тие што учествуваат во неа е „нивно принесување како жртва на антихристот“. Самото подобрување на едукативниот и здравствениот систем за подобри кадри, обуки, едукација, е приоритет за подобро подготвени здравствени системи за спасување животи и унапредување на здравството. Дополнително, во стратегијата еден од приоритетите е создавањето капацитет за препознавање и спречување насилство, занемарување и повреди во училиштата.
Исто така, Светската здравствена организација помогнала при изготвувањето на протоколот за реализација на наставата во услови на топлотен бран, а обучила над 700 стручни соработници од основните и средните училишта за психосоцијална помош и поддршка во унапредувањето на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и згрижувачките институции.
Сите овие аспекти на стратегијата и поддршката од СЗО за Северна Македонија и нејзиното образовение, не се „сатански“, не прават „чипирани луѓе“, ниту пак оние кои учествуваат во стратегијата се „робови“.
Стратегијата за соработка со СЗО е петгодишен доку мент кој е создаден за да ги поддржи националните цели на Северна Македонија, обврските поврзани со пристапувањето кон ЕУ, како и глобалните цели за одржлив развој. Различни ресори ќе ја реализираат стратегијата и тоа е услов за градење здравствен систем што ги следи протоколите, со вредности како човечност, правичност и грижа.
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски, на промоцијата на Стратегијата за соработка со Светската здравствена организација за периодот 2026-2030 година објасни дека во претстојниот период ќе бидат посветени на зајакнување на партнерствата со СЗО и УНИЦЕФ со посебен фокус на вакцинацијата, како и во делот на унапредување на здравствената заштита на мајките и децата.
Министерството за здравство продолжува активно да работи на главните приоритети: процесот на дигитализација, транспарентност и отчетност пред граѓаните, и правичен здравствен систем кој функционира во интерес на граѓаните. Оваа стратегија не е само здравствена политика – таа е градење стабилност, доверба и уште поправедна иднина за сите во државата. Здравјето не може да се разгледува изолирано, тоа е поврзано со образованието, животната средина, климата, социјалната заштита и дигиталната трансформација, напиша тој на Фејсбук.
Во објавата се искажува личен став и критика дека „доктор Филипче бил доктор на смртта“ најверојатно за временскиот период во кој ја извршуваше функцијата министер за здравство и кога владееше ковид пандемијата. Во секој случај, тој не е ниту обвинет, ниту против него се води било каква постапка за наводно предизвикување смрт, туку тој е врвен доктор од областа на неврохирургијата кој функционира во државното здравство на Република Северна Македонија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар