Струмица ја чека повеќенаменската хала

Се чека почетокот на работите. Фото: Општина Струмица

Изградбата на повеќенаменска хала е еден од проектите кои ќе придонесе за нов квалитет на живеењето во Струмица.  Во  просторот  на  поранешната  касарна  ќе  изградиме  повеќенаменска мултифункционална изложбена хала за:

oдржување на концерти;

забавни настани;

саемски манифестации;

продажба на секаков вид на производи, и др.

Покрај ова, халата ќе содржи и деловен центар, паркинг простор и други содржини потребни за еден ваков комплекс. Со својата убавина, функционалност и важност овој објект ќе претставува нов архитектонски симбол на Струмица.  Важноста на еден ваков објект за Струмица, Југоисточниот регион па и за цела Македонија е непроценлива со оглед на нејзиниот капацитет од 5000 м2  мултифуникционалниот карактер и современата техничка опременост.

Со изградба на халата, концертите на врвните балкански групи и пејачи, големите струмички манифестации ќе добијат повеќе од соодветен простор.

Најмодерната  повеќенаменска  хала  како  проект  ќе  донесе  мноштво на новитети со кои ќе се освежи и збогати целокупната понуда на Струмица.

Во прекрасен амбиент, со посебно уредена околина со многу зеленило, посетата на овој објект ќе биде право задоволство за секоја фамилија и за туристите кои го посетуваат градот. (Рок: 2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Повеќенаменска хала во Струмица, во којашто ќе се одржуваат концерти и други забавни настани, но ќе служи и како саемски простор, вети Зоран Заев на страница 19 од својата програма со која настапи на локалните избори во 2013 година. Истото  ветување  Заев го повтори и на 8 декември 2014 година, кога појасни дека  мултифункционалната сала ќе се гради на локацијата на поранешната струмичка касарна.

Овде ќе инвестираме многу во периодот што следува. Имаме наменето локации за ново училиште, за детски градинки, пазар, за мултифункционална сала, рече градоначалникот Заев.

Рокот  за реализација на овој проект (што Заев го даде во предизборието за локалните избори), е  наредната година, поточно април 2017 година кога завршува неговиот трет градоначалнички мандат. Но, со оглед на фактот што за овој проект има само најави и  досега (05.05.2016),  не е направено ништо конкретно – не е изработен ниту основен проект, ветувањето го оценуваме како неисполнето.

Пребарувањето на интернет доведе до најава од Заев дадена на 29 декември минатата година (2015), дека  изградбата на повеќенаменската хала ќе почне во 2016 година. Зборувајќи после 34-тата седница на Советот на Општина Струмица на, Заев кажа дека годинава ќе почне реализацијата.

Мене ми е драго што најважниот документ што може да биде донесен во текот на една година, а тоа е буџетот на општина Струмица заедно со програмите за развој на Општината, денеска е донесен и отвара една нова можност за многу убави нови работи кои што ќе ги гледаме во периодот кој што е пред нас. Ќе спомнам само неколку проекти. Една од капиталните работи е мултифункционалната сала.

Од Буџетот на Општина Струмица за 2016 година, односно од Програмата за развој (стр. 28), дознаваме дека со буџетот се определени 34, 37 милиони денари за основен проект за изградба на повеќенаменската хала, како и за нејзина изградба. Но, од крајот на минатата година досега, нема информации на веб-сајтот на Општина Струмица, како и во медиумите, дека е почната изработката на основниот проект, што е предуслов за почеток на изградбата.

Покрај тоа, во Програмата за развој се пролонгира изведбата на салата и како краен рок за реализација е наведен 31 декември 2018 година. Со што,  фактички, се надминува четиригодишниот мандат на Заев кој  завршува во април 2017 година, па ваквиот потег го сметаме за недоследен.

Оттаму,  иако во годинашниот буџет на Oпштина Струмица се предвидени пари за изработка на основен проект за мултифункционалната сала, како и средства за нејзината  изградба, сепак, имајќи предвид дека ветувањето е дадено во 2013 година, а сега сме на помалку од една година од крајот на мандатот на Заев и нема никакви сигнали дека работите се мрднати од мртва точка, ова ветување (засега) добива оценка неисполнето.

Забелешка:

„Вистиномер“ ќе го следи остварувањето на ова ветување и повторно ќе се наврати на него пред истекот на  мандатот на Заев – април 2017 година.

 

ИЗВОРИ

  • Изборна програма – Локални избори 2013 – 2017 (стр. 19) [Пристапено: 4.5.2016]
  • Општина Струмица – Градоначалникот Заев: Во буџетот за 2016 година се проектирани преку 400 капитални проекти (29.12.2015) [Пристапено: 4.5.2016]
  • Буџет на општина Струмица – Програма за развој (стр. 28) [Пристапено: 4.5.2016]
  • Утрински весник – Во струмичката касарна никнува мала Струмица (8.12.2014) [Пристапено: 4.5.2016]

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција