Струмица не ги доби двата ветени булевара

Улиците не „пораснаа“ во булевари. Фото: Скриншот од Гугл Мапс

 

ИЗГРАДБА НА ДВА НОВИ БУЛЕВАРИ

Струмица е град со модерни и убави булевари. Во изминатиот период спроведовме бројни инвестициони проекти за изградба и модернизација на патната инфраструктура. Во изминатиот период успеавме да ги поврземе сите влезови на градот со булеварско решение, а ги проширивме и модернизиравме постојните булевари (Ленинова, Маршал Тито и Гоце Делчев). Инвестиравме средства во развој на инфраструктурата бидејки без добра инфраструктура нема брз економски развој. Струмица, како ретко која друга општина има убаво уредени улици и булевари за брз Проток на луѓе, стоки и патници.

За полесно, побрзо и поубаво движење низ Струмица во наредниот период посветено ќе работиме за изградба на два нови булевари:

- Изградба на модерно булеварско решение со четири сообраќајни ленти на Булевар Климент Охридски (од Жито Струмица до Терминал)

- Изградба на модерно булеварско решение со четири ленти кој ќе се движи од делот кај детската градинка на улица Братство Единство, ќе се пресекува со Булеварот Климент Охридски (кај автобуската станица), каде ќе бидат поставени семафори, и преку новоизградениот мост на река Водочница ќе заврши со спој на улицата во Индустриска зона Агро берзата (Агрофруктус).

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Две улици во Струмица, од кои едната прилично фрекфентна, ќе бидат претворени во булевари. Ова го вети Зоран Заев, кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Струмица на локалните избори во 2013 година. Ветувањето во неговата изборна програма е на стр. 41.  Според проверката на „Вистиномер“ ова негово ветување досега (26.12.2016), е неисполнето.

На сателитските фотографии поставени на Гугл Мапс, односно Ерт, се гледа дека нема булеварско решение за улицата „Климент Охридски“ на потегот од „Жито Струмица“ до Терминалот: Исто така, не е проширена ниту улицата „Братство – Единство“, ниту, пак, е продолжена како булеварско решение кон индустриската зона Агро берза.

Пребарувањето на веб-сајтот на општина Струмица,  не нè доведе до ниту една информација дека се реализирани ветувањата на струмичкиот градоначалник Зоран Заев за две нови булеварски решенија во Струмица, ниту пак дека најдовме информации за мерки за реализација. Односно, на потегот од Жито Струмица кон Терминалот не е продолжено булеварското решение на „Климент Охридски“, а ниту пак „Братство-Единство“ е претворена во булевар и продолжена до Индустриската зона Агро берза.

Во обраќањето на струмичкиот градоначалник Зоран Заев од 26 октомври годинава, кога зборува за реализацијата на буџетот за 2016 година и за капиталните ветувања,  двете булеварски решенија не се споменуваат како реализирани.

Васил Пишев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, жител на Струмица и бизнисмен, на партиската прес-конференција на 3 декември годинава обвини дека не е реализирано ништо од ветувањето за булеварско решение од Жито Струмица до Терминал.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ова изборно ветување на Зоран Заев дадено во 2013 година е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција