Судиите ќе избираат нови членови во Судскиот совет – моделот за избор останува непроменет

Фото: pxhere.com

 

На половина од членовите на Судскиот совет им завршува мандатот и сите судии во земјава наскоро ќе избираат нови членови од нивните редови, кои во наредниот 6 годишен период ќе ги избираат идните судии, а ќе водат и дисциплински постапки и ќе разрешуваат судии поради нестручно или несовесно вршење на судиската функција.

 

Пишува: Саше Димовски

 

Судскиот совет неодамна констатираше дека им истекува мандатот на 6 членови и за нив ќе се распишат избори и тоа, за 5 членови од редот на судиите, за кои гласаат самите судии и еден член на Судскиот совет кој треба да бииде избран во парламентот, на предлог на Комисијата за избори и именувања. На седницата одржана на 27.09.2018 година во Судскиот совет формирана е и тричлена комисија за изготвување на листи со предлози на кандидати за членови на Судскиот совет.

По 6 години во Советот, мандатот им завршува на: Јелица Крстевска, судија од Врховниот суд, Мери Дика Георгиевска и Влатко Самарџиски – судии на скопскиот аппелационен суд, на Александра Зафироска, судија на Основниот суд од Тетово, Мирјанка Гоцевска Стефановска, судија од Апелациониот суд во Штип, и Беким Реџепи, избран од Собранието на Република Македонија. Поради пензионирање, пред помалку од еден месец мандатот му заврши на Бекир Шаини, судија од скопска двојка, а на негово место веќе е избран штипскиот судија Сашко Ѓорѓиев.

 

МОДЕЛОТ ОСТАНУВА ИСТ: СУДИИТЕ, СОБРАНИЕТО  И ПРЕТСЕДТЕЛОТ  ПРЕДЛАГААТ ИЛИ БИРААТ ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИ

Сепак, моделот за избор на Судскиот совет кој беше многу критикуван, и натаму останува ист: членовите ќе се избират од редот на самите судии (8 од 15 членови), тројца се избиираат во Парламентот, двајца на предлог на Претседтелот на државата, а по функција и натаму членови остануваат министерот за правда и претседтелот на Врховниот суд.

СДСМ во партиската, а подоцна и во владината програма најави Уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет, но досега, такви измени не се иницирани.

Судскиот совет треба да биде чувар и гарант на независноста на судството, а не продолжена рака на извршната власт. Со цел да ја исклучиме секоја можност за влијание на Владата врз судството, ќе покренеме иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет. Заради поголема професионалност и совесност во работата на овој орган, ќе обезбедиме законска обврска за значителна транспарентност во работата на Судскиот совет

Ова го вети СДСМ за предвремените парламентарни избори во 2016 година, во „Планот за живот“, кој стана и владина програма, но досега, иако Законот за Судски совет беше изменет во мај 2018 година, нема почнато процес на уставни измени за исклучување на министерот за правда од ова тело, кој членува по функција. („Вистиномер“, неодамна го проверуваше ова ветување и го оцени како неисполнето)

Со измените на Законот за судски совет од мај 2018 година, нема поголеми суштински измени во функционирање на Судскиот совет, освен неколку обврски за јавно објавување на одлуките за избор или неизбор на одреден кандидат за судија, кој на таа одлука ќе има право на жалба, и забраната, да не може член на Судскиот совет да биде избран на повисока позиција во судството или да биде избран за Претседател на суд, додека е член на Судскиот совет, со што законски се спречи судирот на интереси.

 

СЈО: ЗАФИРОСКА СЕ СТАВИЛА ВО СЛУЖБА НА ВЛАСТА ПРИ ИЗБОР НА СУДИИ

Со најдолг стаж во Судскиот совет, од цели 12 години е тетовската судијка Александра Зафироска, која во Советот е од 2006 година, а во два мандати беше и Претседтел на Советот. Пред да ѝ заврши мандатот, Специјалното јавно обвинителство за неа објави посебен извештај, каде што, врз основа на незаконско прислушуваните разговори констатиира серија повреди на законот при изборот на судии, кој бил договоран со високи владини и полициски структури.

Член 3 од Законот за Судскиот совет на Република Македонија е дециден:

Советот со својата работа оневозможува политичко влијание во судството.

Но, јавно објавените телефонски разговори меѓу Александра Зафировска, тогашен претседател на Судскиот совет на Република Македонија со високи функционери во Владата на Република Македонија, како и необјавените телефонски комуникации кои ги поседува ова Јавно обвинителство, се јасен показател дека истата со своето постапување не само што не го оневозможила политичкото влијание во судството, туку напротив ширум ја отворила вратата овозможувајќи и на тогашната владеачка политичка партија да ги земе во целост под своја контрола институциите на судскиот систем преку нарачани и договорени избори на судии, директно интервенирање во носење на судски одлуки, корупција, реваншизам и воопшто со еден збор политизирање на сите сегменти на судската власт.

Од доказите со кои располага ова Јавно обвинителство, особено телефонските разговори на Александра Зафировска , во периодот од 2011 година до 2013 година, а од кои дел беа и јавно објавени, произлегува дека истата додека ја вршела функцијата претседател на Судски совет на Република Македонија ,била во постојана координација со извршната власт. Содржината на аудио материјалите несомнено упатува на заклучок дека тогашниот премиер (Никола Груевски) не само што бил известуван и консултиран при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет, туку истиот имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници.

Тогашниот претседател на Судскиот совет на Република Македонија, премиерот, министерот за правда, министерот за внатрешни работи и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, одлучувале за избор на „подобни“ судии и разрешување на „неподобни“ судии, стручните соработници ги бирале според партиски списоци, ја менаџирале работата на судовите, интервенирале во судски постапки итн. Потврда за постоењето на бројни неправилности и груби злоупотреби се констатирани и во Извештајот од извршен увид во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник, изготвен од Министерството за правда, чијашто содржина пред сѐ го идентификува очигледното нефункционирање на Судскиот совет констатира СЈО во посебниот Извештај посветен на одредени судии.

Специјалното јавно обвинителство посочува дека има „очигледни повреди“, а тие се:

Евидентно е дека уставните гаранции за независност и самостојност на овој орган на судството и постоечките законски решенија недоволно може да одговорат на постојаните влијанија и политички притисоци. Недоволни се и востановените стандарди за етичко и морално однесување кои членовите на Советот ги прифаќаат како лична и професионална заложба. Се чини не постои одредба од Етичкиот кодекс за членовите на Судскиот совет на Република Македонија, а која останала неповредена од непрофесионалното однесување на Александра Зафировска. Оттука се поставува прашањето дали државата останува беспомошна во санкционирањето на ваквите појави имајќи предвид дека Александра Зафировска и во моментот е член на Судскиот совет и од неа се очекува како поединец да ја унапреди независноста и функционалноста на судството – заклучува СЈО.

 

ВАНГЕЛОВСКИ НЕ ДОАЃА НА „СУДЕЊЕ“ ВО СОВЕТОТ

Во нивниот извештај опфатен е и Јово Вангеловски, кој во моментов е Претседател на Врховниот суд, а во исто време и член на Судскиот совет. Против Вангеловски, судскиот совет во моментов води постапка за разрешување поради нестручност и несовесност, а во врска со донесената одлука за Горан Грујевски и Никола Бошковски, двајцата од УБК, обвинети за нелегалното прислушување, кои избегаа во Грција.

Но, Јово Вангеловски не се појавува пред Комисијата на Судски совет што ја води постапката, постојани наоѓајќи „лични или службени обврски“ поради кои не може да дојде и да одговара за направениот пропуст. Последното негово недоаѓање беше минатата недела.

Сите судии во Македонија (помалку од 600) ќе гласаат за избор на 5 судии кои ќе влезат во телото со мандат од 6 години. Шестиот член ќе го избере Собранието, а на шест постојни членови кои се избрани во перидот од 2013 до 2016 година, мандатот им трае. Претседтел на Судскиот совет е Зоран Караџоски, кој на оваа функција е две и пол години.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција