Судијата Ферати не фалсификувал оценки, но зошто тогаш ОЈО оформило предмет за него лани во септември
Скопското обвинителство кое е најстручно да оцени дали судијата направил измама со помош на вработени во ДУТ и ги пречкртал незаконски оценките за неговиот успех на факултетот, дошло до заклучок дека се е во ред, па за Ферати од овој аспект веќе не постои сомневање. Јавноста се разбира треба да верува на оваа верзија и не треба да шпекулира. Сепак, за да се затвори без сомневање ова прашање ОЈО и Државниот пазарен инспекторат треба да одговорат каде затаила комуникацијата од осум месец што довела до отворање на предметот за Ферати, бидејќи во ДПИ уште на крајот од јануари 2024 г. ги имале информациите дека судијата си ги преполагал предметите
Скопското обвинителство кое е најстручно да оцени дали судијата направил измама со помош на вработени во ДУТ и ги пречкртал незаконски оценките за неговиот успех на факултетот, дошло до заклучок дека сè е во ред, па за Ферати од овој аспект веќе не постои сомневање. Јавноста се разбира треба да верува на оваа верзија и не треба да шпекулира. Сепак, за да се затвори без сомневање ова прашање ОЈО и Државниот пазарен инспекторат треба да одговорат каде затаила комуникацијата од осум месец што довела до отворање на предметот за Ферати, бидејќи во ДПИ уште на крајот од јануари 2024 г. ги имале информациите дека судијата си ги преполагал предметите
Пишува: Теофил Блажевски
Она што е предмет на разни дезинформации и полуинформации на социјалните мрежи за судијата од Основниот суд во Тетово Ељведин Ферати кој е во центарот на вниманието со пресудата од 2 години затвор за Менсур Пајазити, кој признал вина при сообраќајната несреќа од 2022 г. во која загина Теодора Ристовска (22) од Тетово, може да се подели на два дела. Едниот е самиот судски процес кој е навистина контрадикторен и за кој по барање од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за правда Игор Филков, Судскиот совет се согласи да го провери во целост. Вториот дел што е исто така предмет на ширење на различни информации и заклучоци, е контрадикторноста околу фактите дека Ферати станал судија, откако наводно со измама успеал да се запише на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“.
Како дојде до инспекцијата во ДУТ?
Бидејќи фактите околу судскиот процес ќе ги проверуваат оние што се најнадлежни за тоа, Судскиот совет, тука ќе бидат прикажани накратко јавно познатите факти околу втората контрадикторност или подобро речено јавен сомнеж во квалификациите на Ферати да се запише на Академијата и да ја заврши во рок од две години (2017-2019), главен услов да биде кандидат и именуван за судија.
Името на Ферати стана познато пошироко во јавноста откако Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК), при крајот на 2023 година соопшти дека Ферати станал кандидат, откако со пречкртување на оценките од Факултетот (Катедра за правни науки при Државниот универзитет во Тетово – ДУТ), просекот оценки од 7,88 го зголемил на 8,20. Ова на прес-конференција го соопшти поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска:
Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испита. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство, кажа тогаш Ивановска, извести еден од медиумите што редовно го следеа случајот.
Значи информацијата што ја соопшти ДКСК се базира на наод на Државниот просветен инспекторат(ДПИ), кој го известил надлежното Јавно обвинителство, во случајот Скопското, бидејќи предметот е на ДКСК во соработка со ДПИ.
Оттогаш молк од Обвинителството, сè до септември 2024 година, кога неколку медиуми пренесоа соопштение од оваа институција дека е оформен предмет во предистрага за судијата Ферати:
ОЈО Скопје постапува по доставено известување од Државниот просветен инспекторат и презема дејствија во предистражна постапка со цел да ги испита сите околности“, вели Обвинителството, пренесува СДК.мк.
Зошто е прекината постапката од ЈО против Ферати?
И повторно молк околу овој случај, кој стана актуелен со пресудата од 2 години затвор за Пајазити. Откако се појави оваа вест на седми април 2025 г., веќе утредента се огласи Обвинителството со појаснување до медиумите дека предметот (не е јасно дали предистрага или истрага), против Ферати бил прекинат со одлука на надлежниот јавен обвинител, а образложението било дека дошол до новите информации поради кои истиот бил и отворен.
По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, ОЈО Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и од Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за четири предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година, одговори денеска ОЈО Скопје на поставените прашања, објави медиумот што континуирано го следи случајот.
Ова значи дека институцијата што е најстручна да оцени дали судијата направил измама со помош на вработени во ДУТ и ги пречкртал незаконски оценките за неговиот успех на факултетот, дошла до заклучок дека сè е во ред, па за Ферати од овој аспект веќе не постои сомневање.
Јавноста се разбира треба да верува на оваа верзија и не треба да шпекулира, иако и во нејзе останува отворено едно прашање на кое две институции поради јавниот интерес се должни да дадат дополнителен одговор. Главното е зошто ОЈО Скопје лани во септември отворило случај доколку е точно дека ДУТ осум месеци претходно (31.04.2024), до ДПИ доставил нови информации со кои се потврдува дека Ферати во 2014 година преполагал 4 испити за да добие повисок просек на Факултетот? Каде заглавила комуникацијата помеѓу ДПИ и ОЈО Скопје и зошто? Можеби одговорот е едноставен – изборна година. Но, за да се затвори кругот на сомнежи за ова прашање, важни се и овие одговори.
Оние стручните за начинот на кој Ферати го водел вториот процес против Пајазити е сосема друго прашање и за неговата судиска одлука ќе треба да одговори и тој во образложението на пресудата, но и Обвинителството во Тетово и Вишото во Гостивар, кои според досегашните информации во медиумите (тука и тука), се откажале од построга казна и во процесот во Тетово и при постапувањето на Апелацискиот суд во Гостивар.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар