Судската реформа сведена на технички, а не на суштински зафати

Фото: pixabay/колаж: Вистиномер

Владата го достави до Собранието на Република Македонија Законот за судови со европско знаменце, како еден од клучните законски акти со кои се најавуваше реформа на судството. Но, анализата на законот покажува дека реформата се сведува на технички, а не на суштински зафати. Се бршат „Скопје1“ и „Скопје 2“ од имињата, и двата судови стануваат Основен кривичен и Основен граѓански суд

 

Владата го достави до Собранието на Република Македонија Законот за судови со европско знаменце, како еден од клучните законски акти со кои се најавуваше реформа на судството. Но, анализата на законот покажува дека реформата се сведува на технички, а не на суштински зафати. Се бршат „Скопје1“ и „Скопје 2“ од имињата, и двата судови стануваат Основен кривичен и Основен граѓански суд

 

Пишува: Саше Димовски

 

Со закон кој има 39 члена и европско знаменце, Владата сака да спроведе реформа во судството и истиот е испратен во Собранието на Република Македонија.

Со една реченица: Владата од „суштинските“ измени предлага: бришење на „Скопје 1“ и „Скопје 2“ од името на скопските судови, враќање на надлежностите на судовите кои владата на СДСМ и ДУИ ги укина во 2005 година и можност, ако на судиите не им се допаѓа основниот или апелациониот суд во кој се избрани, по 4 години да бараат да бидат префрлени во друг суд.

Нема никакви измени околу бројот на судовите, споменуваното укинување на „малите судии“, нема промена во начинот на избор на судиите, се даваат повеќе алтернативни и дисциплински мерки пред да дојде до евентуално разрешување на судија.

Но, да видиме каква реформа во судството предвидува законот, којшто е во фаза на усвојување:

им дава можност на претседтелите на судовите да формираат колку што сакаат специјализирани оддели за одреден вид предмети;

се бришат  „Скопје 1“ и „Скопје 2“, па двата судови стануваат: Основен кривичен суд Скопје и Основен граѓански суд Скопје;

на судовите во Кичево, Кавадарци и Гевгелија им се враќа надлежноста укината во 2005 година и тие стануваат судови со проширена надлежност, кои ќе судат за трансфер на осудени лица, признавање странски одлуки, тешки кривични дела, граѓански и трговски предмети;

Ова решение Владата го правда со тоа дека на граѓаните им било далеку од Гевгелија, Кавадарци и Неготино да се судат во Велес, па за да им ја приближи правдата, не отсега, туку одложено – од 1 јануари 2021 година, по 16 години ги враќа одземените надлежности на судовите.

 

ДЕБАРСКИОТ СУД ПОД КИЧЕВО

Сепак, најголемиот дебакл овој закон ќе го доживее со новото законско решение, кое покрај што му ги враќа надлежностите на Основниот суд во Кичево од пред 2005 година, го прави да биде надлежен и за територијата на Дебар и Центар Жупа. Кичево со Дебар нема никакво сообраќајно поврзување, ниту природна геогравска блискост, па затоа нејасно е зошто е одземена сегашната надлежност на Основниот суд во Гостивар и дадена во Кичево.

За илустрација, граѓаните на Дебар, Жупа и Маврово кои гравитираа кон Ггостивар, сега треба да патуваат речиси до Гостивар, па да се враќаат назад преку Стража до Кичево, зашто патот преку Бошков мост е прооден само за трактори, а шумскиот пат од кичевски Извор преку Лопушник кон Дебар е во функција само за превоз со коњи.

Драги Билески, пензиониран судија од Основниот суд во Кичево, кој речиси 40 години поминал на работа во овој суд, вели дека никогаш кичевскиот суд не бил надлежен за Дебар.

Судот во Кичево низ годините наназад имаше дури три судски одделенија во поголемите места како што се Македонски Брод или Самоков. Судиите од Кичево одеа таму и судеа, но никогаш не сме имале надлежност за Дебар – вели Драги Билески, судија во пензија.

Кичевскиот суд до 2006 година бил под надлежност на скопска апелација, кога е префрлен под битолската апелација, а 12 години подоцна, по формирање на Апелационен суд во Гостивар потпаѓа на ова подрачје.

Понатаму, законот кој треба да ги направи реформите во судството, предвидува категорија таканаречени „млади судии“ кои во двете години по изборот ќе судат лесни и мали предмети, какви што сега имаат судиите во Виница, Крушево или Кратово.

„Се оцени дека периодот од две години е доволен за постигнување на доволна судиска стручност на младите судии да можат да бидат вклучени во редовниот распоред на тековни предмети“ – го објаснува министерството за правда ваквиот предлог.

Сепак, овие судии, кои мора да имаат завршено Академија за судии, не можат да се специјализираат и да го исполнат условот што го бара законот за избор во повисок суд со работа само на овој вид предмети.

 

СУДСКИОТ СОВЕТ ЌЕ ГО УТВРДУВА БРОЈОТ НА СУДИИ

Судскиот совет сега задолжително ќе го утврдува оптималниот број на судии и судии поротници  по судовите, бидејќи било утврдено дека „не постои планирање на човечки ресурси и нема стратешко планирање за вработување на судии или јавни обвинители, ниту за правни соработници и друг помошен персонал. Огласот за судии и јавни обвинители од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се чини дека е направен по случаен избор.“

Со овој закон се брише обврската идните судии задолжително да познаваат странски јазик и да донесат сертификат за тоа. На приемниот испит, со тест ќе се утврди колкаво познавање имаат на јазикот, а подоцна ќе им се организираат курсеви за изучување на јазици.

Со стаж од 4 години како судија на основен или Апелационен суд, доколку не му се допаѓа судот во кој работи, сега секој судија ќе може да бара да го изберат во друг суд, на било кое место во Македонија, а дадена е можност судија во Македонија да стане и досегашен македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Судиите, пак, кои ќе бидат предавачи на Академијата за судии, ќе работат со намален обем на предмети.

Доколку некој судија биде избран за јавен обвинител, како што имало во два случаи досега во Македонија, судиската функција ќе му биде во мирување.

Ако поведе Судскиот совет постапка против некој судија, не може да го суспендира како до сега веднаш, туку само „доколку за тоа постојат оправдани причини“. Разрешувањето на судиите во иднина ќе биде возможно само за најсериозни видови на повреди и не може да се разреши судија само доколку една негова пресуда го прекршила правото на судење во разумен рок, потврдено од судот во Стразбур. Судиите ќе можат да се пензионираат според овој закон со навршени 67 години.

Се брише и досегашната дисциплинска мерка ако судијата е нестручен да се прати на  дополнителни часови за стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители.

 

ПРИЕМ НА ПОДНЕСОЦИ И ПРИ ШТРАЈК

Законот, како една од реформите предвидува основање на Совет за координирање со информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи. Предвидена е одговорност на претседателот на Врховниот суд за функционирањето на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети во судовите.

Доколку има штрајк во судовите, овој закон предвидува задолжително да се примаат писмените поднесоци, за да не трпат граѓаните.

Сите овие измени во законот, најавени како судска реформа, предлагачот, министерството за правда ги објаснува на овој начин:

„Донесувањето на овој закон ќе придонесе за поголем квалитет во изборот на судиите со оглед на заострувањето на критериумите за избор на судија. Основите за разрешување и одговорност на судијата се значително намалени, прецизирани и усогласени со меѓународните стандарди. Предложените измени значително позитивно ќе влијаат на независноста на македонското судство“ – заклучува министерството за правда..

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција