Судскиот совет беше направен „салата“ во извештаите на Прибе

Човекот со интегритет оти не го критикувале странците. Фото: скриншот

Ако претседателот на Судскиот совет има подзаборавено, јавноста сепак ги чува архивите за изјави и извештаи од нашето скоро минато, така што изјавата на Зоран Караџовски дека Советот не бил критикуван од меѓународната заедница после 2014-та, е просто речено спин

 

Ако претседателот на Судскиот совет има подзаборавено, јавноста сепак ги чува архивите за изјави и извештаи од нашето скоро минато, така што изјавата на Зоран Караџовски дека Советот не бил критикуван од меѓународната заедница после 2014-та, е просто речено спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот Зоран Караџовски одржа прес конференција на која изрече повеќе оценки за работата на Судскиот совет, за реформите во судството, за обвинителството и за СЈО, при што од неколу изјави, кои може да се окарактеризираат како спинови, го издвоивме следниот:

Спин: На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали лично тој или кој било друг член на советот има морален кредибилитет да зборува за судски реформи и за независно судство, кога овој состав на советот е критикуван во меѓународните извештаи, а еден член се слуша во „бомбите“ како го известува експремиерот Никола Груевски за изборот на судиите, Караџовски одговори дека лично тој имал кредибилитет, бидејќи критиките за судството во меѓународните извештаи се до 2014 година, а тој е член на судски совет оттогаш, па наваму.

„Никој не може да застане лично да го одбрани судијата што го прекршил законот. Потребна е сеопфатна анализа и да се изнајдат судиите кои имаат проблем со својот интегритет и се огрешиле пред законот“, рече Караџовски.

[Извор: СДК, датум: 04.01.2018]

Спин: Првиот човек на Судскиот совет смета дека лично има кредибилитет да ги спроведува реформите во правосудството предвидени со Стратегијата за реформи на Министерството за правда.

Според него критиките за работата на Судскиот совет од меѓународните организации се однесуваат само на периодот пред 2014 година, пред тој да биде избран во септември 2014 година за член на Советот.

[Извор: Радио Слободна Европа, датум: 04.01.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Оценката на Караџовски не е ништо друго туку извртена вистина, т.е. спин, чија намера уаптува на можноста сам на себеси да си даде легитимитет и сам да си го потврди интегритетот како на именуван функционер во едно многу важно тело од судството. Да се има високо мислење за себеси и за сопствената работа е човечки, многу пати и пожелно. Но, кога тоа мислење не е поткрепено со истоветни оценки од оние кои се повикани да оценуваат, меѓу кои се и и странски и домашни експерти, вклучувајќи ја и јавноста преку медиумите, тогаш црното се претставува за бело, т.е. зборуваме за извртување на вистината.

Токму такво извртување прави Караџовски кога тврди дека критиките за работата на Судскиот совет се однесувале за работата на тоа тело до 2014, т.е. пред тој да биде именуван на функцијата.

Нема потреба да изнесуваме повеќе оценки од меѓународни и домашни извори, како што се, на пример, оценките во извештаите на Европската комисија или, пак, на Мрежа 23, но бидејќи Караџоски апострофираше меѓународни критики, ќе споменеме само еден, исклучително релевантен извор – Експертскиот извештај на Европската комисија изработен од експерти под раководство на германскиот дипломат Рајнхард Прибе.

Прибе и во првиот извештај од 2015 година и во вториот се задржува на работатата на Судскиот совет. Во вториот, кој што е издаден кон крајот на јули 2017 година, Судскиот совет се споменува точно 29 пати и тоа во голем дел во негативен контекст, т.е. како тело кое со сопствените надлежности, или заедно со други тела во правосудната власт, не си ги извршува работите како што треба и не придонесува за спроведување на реформите.

Еве, на пример, една од забелешките под точка 39, сместена на стр. 7 од Извештајот:

Во 2015 година, групата (на Прибе-н.з.) препорача дека Судскиот совет треба да ја спроведува својата должност без политичко мешање, било директно, било индиректно и дека треба да биде многу повеќе проактивен во одбраната на судииите кои се цел на мешање однадвор и на напади кои ја загрозуваат нивната независност, вклучително и на начин на зајакнување на комуникацијата помеѓу Судскиот совет и судовите. Оваа препорака не беше импелементирана.

Или забелешката под број 42, сместена на истата страница 7.

Примарната улога на Судскиот совет е да ја гарантира независноста и автономијата на судството. Постојат бројни постапки со кои Советот покажува дека не ја зел предвид оваа примарана задача. Една од тие постапки требаше да биде правилен надзор на системот на случајно доделени случаи (постапки кај судиите – н.з.). Советот, апсолутно потфрли во оваа смисла.

Или 49- та, сместена на страница 9.

Не постои процедура за воспоставување на критериуми базирана врз системот на заслуги или, пак, објективна проценка на квалитетот на кандидатите (за судии – н.з.). Во пракса, Судскиот совет е слободен да одбере кој било кандидат што го милува за која било работна задача и не треба да го оправдува својот избор, кој патем, не е отворен за да се преразгледа…

Караџовски, кој на вчерашната конференција за печат ги исфали странците дека помогнале тој и другите членови да останат да си ја работат работата до истекот на мандатот („Имаше најави за распуштање на овој состав на советот. За среќа, нашите пријатели од меѓународната заедница таквиот чин го сметаа за политички, линч на членовите на Судскиот совет“), кога се појави извештајот на Прибе во текот на летото, имаше сосема поинаква перцепција и оценка за критиките што беа упатени за неговата работа:

Сметам дека тоа е со политички речник кажано,  политичка интерпретација заради јавноста. Нема факти, нема аргументи тука. Се знае во оваа држава… (Телма – 20.09.2017) 

Впрочем, оваа критика на Караџовски беше тема на оценка на „Вистиномер“, кој ја оцени како невистината. Но, Караџовски и натаму тврди дека сегашните негови изјави и постапки не биле дел од „романтичната врска со новата власт“, што, се разбира, не може ниту да се потврди ниту да се негира. Но, затоа, пак, јавноста може да процени дали некој што изјавува нешто е вистина или не, или, пак, да направи ретроспектива на изјавите на јавен фукционер за еден ист проблем пред и после, како што тоа, на пример, вчера го направија колегите од МЕТА во текстот насловен Караџовски: Хроника на едно салто мортале, како “инфантилното“ СЈО го смести во ЈО.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција