Свештеници на протест: Хушкачките пораки на владиката Агатангел

Свештеникот Агатангел откако побара да се „преброиме“ , повика да се „сплотиме“, но само Македонците?! Фото: скриншот

Целиот настап на владиката Агатангел, во кој и формално искажа повеќе невистини, делува збунувачки, имајќи предвид дека се работи за свештено лице. Неговото излагање е во спротивност со уставните начела кои ја гарантираат секуларноста на државата и јасно кажуваат дека верските заедници не треба да се мешаат во нејзината работа

 

Целиот настап на владиката Агатангел, во кој и формално искажа повеќе невистини, делува  збунувачки, имајќи предвид дека се работи за свештено лице.  Неговото излагање е во спротивност со уставните начела кои ја гарантираат секуларноста на државата и јасно кажуваат дека верските заедници не треба да се мешаат во нејзината работа

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Митрополитот Повардарски Агатангел на 04.03.2017 година од протестниот собир што се одржа во Велес, а во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ , испрати повеќе политички пораки со хушкачка и потпалувачка содржина и тон: да се сочува унитарноста на државата,  да се обедини макдонското национално ткиво, да се направи попис на населението,  дипломатите да не му вршат притисок на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој никој друг, туку Господ го донел на оваа функција!

Во таков хушкачки дух владиката Агатангел кажа:

(1) Благодарение на граѓанското движење во оваа света македонска земја, оваа недела целиот македонски народ, оној кој се чувствувал Македонец, оној кој сака да живее во оваа Македонија, бара Македонија да остане унитарна, независна, слободна македонска земја (2,26- 2,55 минута од видеото)

Најпрво, никој не ја доведува под прашалник унитарноста и независноста на државата. Тоа што владејачката ВМРО-ДПМНЕ креира таква атмосфера, заради лукративни интереси на луѓе од највисокото партиско раководство, е сосема друга приказана на која, за жал,  владиката Агатангел во својот говор во Велес  ѝ даде и една црковна, верска нарација.

Протсетите, пак, како оној на кој говореше Агатангел, се организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, зад која стојат личности од  јавниот живот кои важат за блиски до владејачката партија. Така што, овие собири во никој случај не може да се  сметаат  како изблик на општонароден револт. Односно, како што кажа владиката: целиот македонски народ, оној кој се чувствувал Македонец, оној кој сака да живее во оваа  Макдеонија, бара Македонија да остане унитарна, независна , слободна

А, наспроти очекувањата едно свештено лице да проповеда љубов, разбирање, заедништво и толеарнција, Повардарскиот митропилот се заложи за пребројување:

(2) Пред две недели Светиот архиерејски синод  на Македонската православна црква на својата редовна седница испрати соопштение до јавноста, во кое соопштение бара Синодот на МПЦ, со свештенството, монаштвото и со верните чеда на црквата, во нашата држава да се изврши попис на населението. И тогаш кога ќе се изброиме кој колку сме тогаш ќе видиме дека оние кои бараат двојазиччност, оние кои бараат кантонизација, оние кои бараат монетата да биде двојазична, не можат ни тоа да го добијат ни денеска што го имаат, затоа што не се ни 20 посто, не се ни 18 посто, не се ни 15 посто (2,58 -3,55 минута од видеото)

Значи, свештеникот Агатангел побара попис на населението, кој убаво ќе им покаже на Албанците дека процентуално се толку малку што не ги заслужуваат ниту тие права што сега ги имаат! Вакво нешто можеби може да се очекува од политичар или партиски функционер, но, кога тоа ќе го изговори еден владика, делува и невкусно и неумесно.

Во однос на процентите кои ги споменува Агатангел тие се паушални. Според официјалните резултатите од последниот попис, оној во 2002 година, во државата има 1.297. 981 Македонци  или 64.18%, а бројот на Албанците е 506.083 или 25.17% . Пописот  во 2011 година кој почна на 01.10.2011 година беше стопиран по десетина денови, на 11.10.2011 кога поднесоа оставки сите членови на Државната пописна комисија. Оваа статистичка операција беше целосно прекината на 15.10.2011 година кога владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ)  го изгласа Законот за престанок на важноста на Законот за попис. Сепак, остана нејасно колку од одобрените 14 милиони евра во буџетот за спроведување на пописот беа потрошени. Оттогаш опозицијата во неколку наврати бараше спроведување нов попис, но власта немаше волја за негово организирање и одржување. Така што, во отсуство на нови релевантни статистички податоци за етничкиот состав на населението, бројките кои произволно ги кажува Повардарскиот Митрополит само долеваат масло на зовриената постизборна атмосфера во државата.

И, откако побара да се „преброиме“, владиката повика да се „сплотиме“, но само Македонците, па го упати следниот апел:

(3) Затоа, драги мои, да се сплотиме. Од ова место пред споменикот на Рацин ги повикувам двете најголеми македонски партии да седнат на тркалезна маса и да ги решат сите нивни недоразбирања. Нека седнат во затворени врати, ако сакаат нека се истепаат и да излезат со јасен став дека нема да ја делиме Македонија, дека ќе ја сакаме  Македонија ( од 4.00 до 4.44 минута  од видеото)

Овој негов повик изгледа прилично чудно. Агатангел од една страна бара да се сплотат припадниците на една етничка и верска заедница – Македонците, а од друга страна вели „ако треба и нека се истепаат!“  Зарем е можно некој од црковните великодостојници да бара од верниците да се тепаат?! Секако дека таков говор не доликува на еден свештеник од кого се очекува да шири божјо милосрдие и почит меѓу луѓето.

Несомнено најчудна, дури и смешна, беше последната порака на Агатангел, во која откако ни соопшти дека и ние и државата сме во рацете на Иванов и откако ги повика странските дипломати да го остават намира, ни кажа дека Господ го избрал да не води!

(4) Сакам сите заеднички да му дадеме голема поддршка на нашиот претседател годподинот Ѓорѓе Иванов, бидејќи клучот за опстанок на оваа држава е во неговите раце. И да ги замолиме европските лидери да не му вршат притисок, туку да го остават со своја глава, а знаеме дека е разумен човек, човек кој ја сака оваа наша македонска земја како сите ние овде што сме собрани и оние од разни причини што не можеа да дојдат. Сакајќи ја својата земја да го оставиме да одлучува како што доликува на еден прав Македонец. Бог го избра да биде претседател, Бог знае сè што ќе се случи, драги мои и затоа Бог ни го даде да биде и втор мандат, а ќе се молиме, ако е Божја волја да остане и понатака, бидејќи само со такви државници ќе ја сочуваме оваа наша македонска земја. Бог да ја благослови Македонија, Бог да го благослови македонскиот народ, да живее Македонија (од 8.14 до 9.54 минута од видеото)

Не можеме да знаеме дали имало и какво било влијанието на Господ во доаѓањето на Иванов на претседателската функција, како што тврди владиката Агатангел. Но, знаеме дека Иванов за првпат за претседател на Македонија, е избран на претседателските избори во 2009 година, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. На функцијата стапи на 12 мај 2009, а вториот мандат го доби на претседателските избори во 2014 година. Најголемата опозициска партија, СДСМ не го признава за претседател бидејќи, според социјалдемократите, тој „е избран на функцијата, на криминални, нефер и недемократски избори“.

Целиот настап на владиката Агатангел, во кој и формално искажа повеќе невистини, делува збунувачки, имајќи предвид дека се работи за свештено лице. Неговото излагање е во спротивност со уставните начела кои ја гарантираат секуларноста на државата и јасно кажуваат дека верските заедници не треба да се мешаат во нејзината работа. Во оваа смисла, во  членот 19 од Уставот е јасно наведено:

Се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.