Светскиот економски форум нема направено реклама против наталитетот, клипот е од серија

Фото: Принтскрин видео

Не е вистина дека видеото презентирано во постот што го рецензираме е реклама на Светскиот економски форум. Станува збор за исечок од телевизиската серија од Велика Британија „Утопија“ која претставува драма и не е на ниеден начин поврзана со Светскиот економски форум

Не е вистина дека видеото презентирано во постот што го рецензираме е реклама на Светскиот економски форум. Станува збор за исечок од телевизиската серија од Велика Британија „Утопија“ која претставува драма и не е на ниеден начин поврзана со Светскиот економски форум

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен видеоматеријал за кој се вели дека претставува реклама на Светскиот економски форум.

О, Господи, фрли некој поголем метеор. Видете ја рекламата на сатанистичкиот (wef),како децата се штетни за планетата и како произведувале премногу јаглерод, се вели во постот што го рецензираме.

На видеото се гледа како мајка со нејзиниот син чекаат транспорт во чекална, а човекот кој седи до нив споделува пораки кои се против наталитетот, односно ја поврзува репродукцијата со кризата со климатските промени. Мажот ја прашува жената зошто го родила нејзиниот син, а кога таа е изненадена од прашањето, тој почнува да ја набројува листата на ефекти кои раѓањето на детето ги предизвикува врз животната средина:

Тој ќе произведе 515 тони јаглерод во текот на неговиот живот. Тоа е колку 40 камиони. Да го родите него, е еквивалент на шест и пол илјади летови до Париз. Неговото раѓање беше себично дело. Брутално. Ги осудивте другите луѓе на страдање, вели човекот во видеото.

Според она што го пишува на крајот од видеото, (а кое е невистина), видеото е „реклама креирана од Светскиот економски форум“. Но, сцената не е од Светскиот економски форум, туку од телевизиска серија. Станува збор за британската серија „Утопија“, а клипот е од почетната сцена на втората сезона, шеста епизода. Серијата е драма, а сцената за која невистинито се тврди дека е реклама на Светскиот Економски Форум може да ја погледнете на следниот линк, каде е објавена во 2014 година.

На крајот од снимката, текстот кој е испишан е УТОПИЈА, на зелена позадина, и нема текст поврзан со Светскиот економкси форум.

Светскиот економски форум нема никаква поврзаност со клипот, ниту пак, со телевизиската серија „Утопија“. Не успеавме да пронајдеме материјали од Светскиот економски форум во кои се изразува негативно гледиште за наталитетот, а тоа да е поврзано со климата. Клипот споделен во постот не може да се најде на официјалниот Јутјуб канал на Светскиот економски форум, ниту на нивниот официјален сајт.

Светскиот економски форум е основан во 1971 година со седиште во Женева. Според целите наведени на официјалната страница, станува збор за организација која цели да ги поврзе политичките лидери и лидерите во бизнисот и културата за да оформат глобални, регионални и индустриски агенди. Политичарите и експертите на годишно ниво се состануваат на конференции во Давос.

Од Светскиот економски форум за проверувачите на факти на „Франс Прес“ изјавиле дека не го продуцирале клипот. Дополнително, ниту продуцентската компанија „Кудос“, која стои зад серијата „Утопија“, не дала дозвола за видеото да биде злоупотребено како што е сторено во постот што го рецензираме. Портпаролот на компанијата за „Франс Прес“ изјавил дека продукцијата не дала дозвола за ваква употреба на клипот.

Рекламата која Светскиот економски форум ја објави на својот официјален Јутјуб канал на 3 јуни 2020, не содржи ништо од тоа што е прикажано на клипот споделен во постот. На неа има снимки од пандамијата со ковид-19, катастрофи во животната средина и протести ширум светот.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека видеото презентирано во постот што го рецензираме е реклама на Светскиот економски форум. Станува збор за исечок од телевизиската серија од Велика Британија „Утопија“ која претставува драма и не е на ниеден начин поврзана со Светскиот економски форум.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција