СЗО не е приватна организација на Бил Гејтс
Бил Гејтс не ја контролира СЗО. Таа е специјализирана агенција на ОН и ја контролираат земјите членки. Гејтс е еден од најголемите филантропски донатори на СЗО, но тоа не значи дека има контрола или сопствеништво над СЗО
Бил Гејтс не ја контролира СЗО. Таа е специјализирана агенција на Обединетите нации и ја контролираат земјите членки. Гејтс (преку Gates Foundation) е еден од најголемите филантропски донатори на СЗО и глобалното здравство воопшто. Тој дава финансиски средства за специфични програми (на пр. вакцини, ерадикација на болести, глобални здравствени проекти), но тоа не значи дека има контрола или сопствеништво над СЗО
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Америка излезе од “светската здравствена организација” – (приватната организација од монструмот, Бил Гејтс).
Точно е дека САД го завршија процесот на повлекување од Светската здравствена организација (СЗО), специјализираната агенција на Обединетите нации, една година откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го прекинува 78-годишното членство во организацијата основана во 1948 година.
Но, она што не е точно во објавата е дека СЗО е „приватна организација на монструмот“ Бил Гејтс.
СЗО (Светска здравствена организација) не е приватна организација и не му припаѓа на Бил Гејтс. Таа е специјализирана агенција на Обединетите нации, основана во 1948 година, и е составена од 194 земји членки. СЗО делува како координативно тело на меѓународното јавно здравство. Оваа организација е наследничка на Здравствената организација (Health Organization), која била агенција на Друштвото на народите.
Контролата на организацијата не му припаѓа ниту на еден поединец или приватна компанија, односно, СЗО ја контролираат земјите членки преку:
- World Health Assembly (Светско здравствено собрание) – највисоко тело кое се состанува секоја година и одредува политики, одобрува буџет, го избира генералниот директор.
- Executive Board (Извршниот одбор) – ги подготвува документите и ги спроведува одлуките на Собранието.
- Генерален директор – административен лидер, но не диктира политики самостојно.
Тоа значи дека СЗО е меѓународна организација на 194 држави, а не приватна организација, како што тоа го тврди објавата која ја анализираме.
СЗО се финансира преку две главни форми:
- Обврски на државите (Assessed contributions) – Секоја земја членка плаќа „членарина“ според големината на економијата. Но ова обично покрива помалку од 20 отсто од вкупниот буџет.
- Доброволни придонеси (Voluntary contributions) – Околу 80 отсто + од финансирањето доаѓа преку доброволни донации од: држави, меѓународни организации, фондации, други донатори. Овие донации често се наменски (за специфични проекти или болести), што значи дека СЗО не може секогаш да ги распоредува слободно.
САД и други држави биле меѓу најголемите донатори, а Фондацијата на Бил Гејтс била меѓу најголемите приватни донатори.
Бил Гејтс не ја контролира СЗО. Таа е специјализирана агенција на Обединетите нации и ја контролираат земјите членки. Но, Бил Гејтс (преку Gates Foundation) е еден од најголемите филантропски донатори на СЗО и глобалното здравство воопшто. Тој дава финансиски средства за специфични програми, како вакцини, ерадикација (искоренување) на болести, глобални здравствени проекти… Но тоа не значи дека тој има контрола или сопствеништво над СЗО.
Тоа што некои големи донатори имаат повеќе пари не значи дека тие ја контролираат целата организација, туку значи дека имаат поголем финансиски придонес. Но конечните одлуки ги носат земјите членки, не поединци.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е делумно неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар