СЗО не признала дека мајмунските сипаници се несакан ефект на вакцините против ковид-19
Не е точно дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат мајмунски сипаници, бидејќи ниедна од нив не го содржи вирусот на мајмунски сипаници. Понатаму, аденовирусите и вирусите на сипаници се различни фамилии на вируси кои предизвикуваат различни болести. Аденовирусниот вектор користен во некои вакцини не е можно да предизвика инфекција кај вакцинираните луѓе. На официјалната веб страница на СЗО во делот за вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, не се спомнуваат мајмунските сипаници во ниту еден дел како можен несакан ефект
Не е точно дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат мајмунски сипаници, бидејќи ниедна од нив не го содржи вирусот на мајмунски сипаници. Понатаму, аденовирусите и вирусите на сипаници се различни фамилии на вируси кои предизвикуваат различни болести. Аденовирусниот вектор користен во некои вакцини не е можно да предизвика инфекција кај вакцинираните луѓе. На официјалната веб страница на СЗО во делот за вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, не се спомнуваат мајмунските сипаници во ниту еден дел како можен несакан ефект
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Светската здравствена организација (СЗО) признала дека мајмунските сипаници се предизвикани од мРНК вакцините против ковид-19. Ваквото тврдење не е точно.
СЗО призна дека „мајмунските сипаници“ се всушност „несакан ефект“ на К-19 боцките.
Признанието е „закопано“ на веб-страницата VigiAccess на СЗО.
Веб-страницата содржи база на податоци која ги наведува сите познати несакани ефекти од сите лекови и в-цини кои се одобрени за јавна употреба.
Под „потенцијални несакани ефекти“ за боцката на Pfizer BioNTech COVID-19, СЗО ги наведе и „мајмунските сипаници“, „сипаници“ и „кравји сипаници“ меѓу стотиците други нарушувања!
Ќе ги најдете со кликање на терминот „инфекции и зарази“ кои се појавуваат како „несакани ефекти“ на в-цината Pfizer mRNA, стои во објавата.
Светската здравствена организација (СЗО) на 14 август 2024 година, по вторпат од 2022 година, ја прогласи актуелната епидемија на мајмунски сипаници во Африка за глобална здравствена криза.
Не е точно дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат мајмунски сипаници, бидејќи ниедна од нив не го содржи вирусот на мајмунски сипаници. Понатаму, аденовирусите и вирусите на сипаници се различни фамилии на вируси кои предизвикуваат различни болести. Аденовирусниот вектор користен во некои вакцини не е можно да предизвика инфекција кај вакцинираните луѓе.
Мајмунските сипаници се предизвикани од истоимениот вирус на мајмунски сипаници, припадник на родот на Orthopoxvirus од фамилијата Poxviridae. Тоа е вирусна зоонозна болест која првенствено се јавува во областите на тропските прашуми во Централна и Западна Африка и повремено се пренесува во други региони. Мајмунските сипаници се манифестираат клинички типично, со треска, исип и отечени лимфни јазли и може да доведат до низа медицински компликации. Станува збор за самоограничувачка болест, со симптоми кои траат од 2 до 4 недели и може да се манифестираат и со тешка клиничка форма. Во последно време смртноста е од 3 до 6 проценти.
Мајмунските сипаници се пренесуваат на луѓето преку близок контакт со заразено лице или животно или со предмети контаминирани со вирусот. Вирусот се пренесува од едно на друго лице преку близок контакт со оштетена кожа, слузокожа, телесни течности, респираторни капки и контаминирани материјали како што е постелнината. Клиничката презентација на мајмунските сипаници личи на големи сипаници, инфекција прогласена за искоренета ширум светот во 1980 година. Вакцините користени за време на програмата за искоренување на големите сипаници, исто така, обезбедуваат заштита од мајмунските сипаници. Развиени се и понови вакцини од кои една е одобрена за превенција од мајмунските сипаници. Антивирусно средство кое претходно е развиено за третман на големите сипаници, исто така, е лиценцирано за третман и на мајмунските сипаници.
Ковид-19 вакцините немаат никаква врска со вирус откриен пред 60 години
Вакцините против ковид-19 немаат никаква врска со мајмунски сипаници кои се предизвикани од вирус идентификуван пред повеќе од 60 години. мРНК вакцините против ковид-19 првпат беа администрирани кон крајот на 2020 година.
Вирусот на мајмунски сипаници бил откриен во 1958 година, кога се случиле две епидемии на болест слична на сипаници во колонии на мајмуни чувани за истражување. И покрај тоа што првично беше наречен „мајмунски сипаници“, изворот на болеста останува непознат, пишува на официјалната веб страница на ЦДЦ. Научниците се сомневаат дека африканските глодари и нечовечките примати (како мајмуните) може да го носат вирусот и да заразат луѓе.
Првиот човечки случај на мајмунски сипаници е забележан во 1970 година, во денешна Демократска Република Конго. Во 2022 година, вирусот се прошири низ целиот свет. Пред тоа, случаите на мајмунски сипаници на други места беа ретки и обично беа поврзани со патување или со животни кои се увезуваа од региони каде што вирусот е ендемичен, пишува ЦДЦ.
Мајмунските сипаници постоеле и во времето кога коронавиурсот не постоеше, а следствено на тоа немаше ни вакцини против него. Оттаму, не може да биде вистина дека мајмунските сипаници се предизвикани од вакцината против ковид-19. Станува збор за вирус кој постоел децении претходно пред појавата на вакцината против ковид. Така на пример, во 2017 година, Нигерија регистрира голема епидемија, со над 500 сомнителни случаи на мајмунски сипаници и над 200 потврдени случаи, со смртност од околу 3 проценти. Во 2017 година, немаше вакцина против ковид-19. Друг пример е оној од 2003 година, кога се случи првата епидемија на мајмунски сипаници надвор од Африка и тоа во Соединетите Американски Држави и беше поврзана со контакт со заразени миленичиња од прериските кучиња. Овие миленичиња биле сместени заедно со гамбиски стаорци кои биле увезени во земјата од Гана. Оваа епидемија доведе до над 70 случаи на мајмунски сипаници во САД.
СЗО не признала дека мајмунските сипаници се несакан ефект на мРНК вакцините против ковид
Што се однесува до тврдењето дека СЗО признала како мајмунските сипаници се несакан ефект на МРНК вакцината против ковид-19 на „Фајзер“, истото не е точно. Имено, доколку ја посетите базата на податоци на веб-страницата VigiAccess на СЗО и ги следите упатствата посочени во објавата, ќе видите дека станува збор за преку 100 пријавени можни несакани ефекти од вакцината во делот на „инфекции и зарази“.
Секој може да пријави потенцијални несакани ефекти од вакцината, но тоа не значи дека сите тие несакани ефекти се појавиле токму поради вакцината.
На официјалната веб-страница на СЗО во делот за вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, не се спомнуваат мајмунските сипаници во ниту еден дел како можен несакан ефект.
Глобалниот советодавен комитет за безбедност на вакцините (GACVS), група експерти што обезбедува независни и авторитативни насоки на СЗО на тема безбедна употреба на вакцини, прима и проценува извештаи за сомнителни безбедносни настани со потенцијално меѓународно влијание. Во октомври 2021 година, поткомитетот на GACVS COVID-19 заклучи дека вакцините mRNA COVID-19 имаат јасни придобивки кај сите возрасни групи во намалувањето на хоспитализацијата и смртните случаи поради ковид-19. Многу редок сериозен несакан настан е миокардитисот, кој главно се забележува кај млади мажи на возраст од 18-35 години по втората доза. Овие случаи на миокардитис вообичаено се јавуваат во рок од неколку дена по вакцинацијата, генерално се благи, реагираат на конзервативен третман и се помалку тешки со подобри резултати од класичниот миокардитис или миокардитис поврзан со COVID-ковид-19, пишува СЗО во делот на безбедноста на вакцината.
Што се однесува до несаканите ефекти од вакцината против-ковид-19 на „Фајзер“, ЦДЦ ги наведува следните:
- Болка, црвенило на местото на инјектирање.
- Замор.
- Главоболка.
- Мускулна болка.
- Болка во зглобовите.
- Треска.
- Гадење/повраќање (Moderna).
- Кај доенчиња и мали деца, вообичаени симптоми вклучуваат раздразливост или плачење, намален апетит и поспаност
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја анализираме ја го оценуваме како невистинита. Мајмунските сипаници не се предизвикани од вакцините против ковид-19, бидејќи ниедна од нив не го содржи вирусот на мајмунски сипаници. СЗО не признала дека мајмунските сипаници се последица на вакцините против-ковид-19.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар