„Тајните планови“ на големата ЦИА за голема Србија и голема Албанија се распослаа низ балканските сајтови

 

На 7 јули 2019 година, српскиот информативен веб-сајт „Телеграф.рс“ објави интервју со поранешниот помошник директор на Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) за Балканот Стивен Мејер. Мејер во интервјуто ја коментира сегашната ситуација во регионот  на Западен Балкан и нуди свои идеи за стабилизирање на состојбите. Информативните медиуми во регионот побрзаа да ги цитираат неговите коментари во согласност со сопствените потреби и позиции, нагласувајќи го она што најмногу одговара на локалните состојби.

Манипулативен приод кон неговите ставови изнесени во интервјуто за Телеграф.рс објави и хрватскиот информативен веб-сајт „Дневно.хр“ пренесувајќи поенти од интервјуто во статија со наслов „Американците имаат таен план за Балкан: можни се Голема Албанија и Голема Србија, но како?“.

Манипулативните елементи главно се сместени во насловот, кој тврди дека постои „таен план за Балканот“ и води кон заклучок дека „Американците“ немаат проблем со основање на „Голема Албанија“ и „Голема Србија“. Веб-сајтот не објаснува од каде го носи таквиот заклучок, без докази за навводниот план освен фактот дека Мејер е поранешен висок службеник на ЦИА.

„Дневно.хр“, што нас особено не интересира, навестува дека таквиот наводен „план“ ја вклучува и Република Северна Македонија, која Мејер инаку ја гледа како дел од идната „Голема Србија“, барем источните делови на Република Северна Македонија, по договорот што би го постигнале Албанците и Србите. Повторно се работи само за став на Мејер, кој ѝ советува на Србија да се договори со Албанија, „без учество на Западот“ и со посредништво на Хрватска и Македонија, без веб-сајтот да понуди дополнителни докази дека наводниот „план“ навистина постои.

Ставовите што Мејер ги изнесува во интервјуто за „Телеграф.рс“ не се нови и дел од нив веќе се изнесени пред јавноста во регионот (на пример, во интервју за „Вечерње новости“ во 2016 година). Тие се сметаат за контроверзни затоа што отстапуваат од идеите и праксата на меѓународната заедница за правците во кои треба да се развива регионот и регионалните односи. Мејер, на пример, смета дека промената на границите е неизбежна, нема ништо против „Голема Албанија“ или „Голема Србија“ и смета дека етничката компонента е многу посилна од идеите за мултикултурално уредување на општествата во регионот.

Во регионот голем интерес за интервјуто на Мејер покажуваат и медиумите во Босна и Херцеговина, особено поради неговата забелешка дека „БиХ е држава само на хартија“ („РадиоСарајево.ба“), односно дека „БиХ не е одржлива (“Србија треба да ја бара Република Српска“ – „BiHvijesti.ba“).

„Дневно.хр“, инаку, е познат како веб-сајт на националистичката десница во Хрватска. Интересно е што сајтот има свои, подеднакво националистички верзии и во БиХ и во Србија, на адресите www.dnevno.bа и www.dnevno.rs.

(преземено од: Мета.мк)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција