Тактиката на ВМРО-ДПМНЕ „пукај и бегај“, применета и врз Нина Ангеловска, е непринципиелна и недоследна
По објавата на гувернерката на Народна Банка на РСМ Анита Ангеловска Бежовска дека НБ ја одзема дозволата за работа на „Еуростандард Банка АД Скопје“, ВМРО-ДПМНЕ излезе со една прес-конференција и со едно соопштение, а во соопштението има изјава која може да се оцени како недоследна
ВМРО ДПМНЕ, откако беше обелоденето пропаѓањето на Еуростандард Банка, објави соопштение кое може да се оцени како недоследно:
Нина Ангеловска кога дојде на позицијата министер за финансии на Република Македонија во својот Анкетен лист пријави дека има депозит во вредност од 250.000 евра во Еуростандард банка.
Ангеловска треба да одговори дали и пропаднаа 250 илјади евра, пари од заштеда кои самата ги има пријавено, а ако не се, односно истите ги повлекла, со оглед на фактот што тие пари согласно имотниот лист не ги располага веќе во таа банка, тогаш тоа е огромен скандал. Ангеловска е должна да каже дали имала предвреме информација за таквиот потег…
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб – датум: 12.08.2020]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
По објавата на гувернерката на Народна Банка на РСМ Анита Ангеловска Бежовска дека НБ ја одзема дозволата за работа на „Еуростандард Банка АД Скопје“, ВМРО-ДПМНЕ излезе со една прес-конференција и со едно соопштение, а во соопштението има изјава која може да се оцени како недоследна.
Партијата која е втора со најголем број освоени мандати во новиот состав на Собранието и која, исто така, претендира да состави Влада, прстот го впери кон министерката за финансии Нина Ангеловска од која бараат да одговори дали и пропаднале 250 илјади евра депозит во банката или „ако не се, односно истите ги повлекла, со оглед на фактот што тие пари согласно имотниот лист не ги располага веќе во таа банка, тогаш тоа е огромен скандал“ и „ Ангеловска е должна да каже дали имала предвреме информација за таквиот потег“.
На ваквото тврдење во форма на прашање до јавноста и до Ангеловска, министерката пропмтно одговори дека своите депозити во банката ги повлекла пред подолг период, односно „промените се направени пред подолг период и јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка“.
Епизодно, дел од медиумите се обидоа да ја засилат „доследноста“ на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ, па излегоа со констатација дека Ангеловска не објаснила што е тоа „подолг период“ и дека „и банката подолго време имала проблеми за што таа можела да дознае“. Токму така, информациите за лошата состојба на банката подолг период се јавна информација за која зборуваше и нејзиниот мнозински сопственик и никој не треба да ѝ каже посебно на Нина Ангеловска да размисли дали ќе ги остави своите заштеди во таа бнака или, како и секој друг граѓанин, би размислила и би ги повлекла своите депозити.
Ако се погледне имотниот лист на Ангеловска на веб страната на ДКСК, ќе се види дека тие депозити, односно многу помали од тврдењето на ВМРО-ДМНЕ, во Еуростандард банката се наоѓале од 2017 до 2019 година. Сега сме осми месец од 2020 година, што доволно говори само по себе што е тоа „подолг период“ и упатува на заклучок дека нема поврзаност со одлуката на НБРСМ и повлекувањето на депозитите на Ангеловска од пропадната банка.
Ова е уште една од низата недoследни изјави во јавноста пласирани во разни форми од ВМРО-ДПМНЕ, која тврди дека е одговорна партија, а кои личат на тактика „пукај и бегај“. Односно ќе фрлат во јавноста тврдење за криминално однесување или за конкретно кривично дело на некое лице, а по одгооворот и демантите, недоследно, нема повлекување на изјавата или дообјаснување на претходните обвинувања. Токму за таков еден пример јавноста може да посведочи деновиве, кога од партијата прстот за едно палење на втомобил во Скопје го посочија кон Вице Заев, брат на претседателот на СДСМ Зоран Заев, а три дена подоцна се демантирани од официјални институци, МВР и ЈО, кои соопштија дека станува збор за самозапалување на возилото, а огнот се проширил кога сопственикот се обидел да го изгасне.
Оттука, соопштението/изјавата на ВМРО-ДПМНЕ со обвинувањето кон Ангеловска ја оценуваме за недоследна.
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар