Талат Џафери го оспорува апелот на Јанева, кој собранискиот деловник го дозволува
Во Деловникот на Собранието на Република Македонија, кој ја регулира постапката за донесување закон, во член 133 се вели дека „иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи, може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија“
Во Деловникот на Собранието на Република Македонија, кој ја регулира постапката за во член 133 се вели дека за донесување закон „иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи, може да даде секој граѓанин, група граѓани, институти и здриженија“
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, денеска даде формално полувистинита изјава, зборувајќи за апелот на специјалната обвинителка Катица Јанева до Собранието на Република Македонија да се донесат измените на Законот за заштита на сведоци за што Специјалното јавно обвинителство доставило иницијатива, што е право загарантирано со Уставот и предвидено во Деловникот на Собранието на Република Македонија.
Обвинителката ни под разно не може да бара измени на законите, бидејќи не е надлежна за тоа. Може да бараат тие што се надлежни за тоа.
Една е поддршката за СЈО според законот кој е изгласан. А друго е тоа што формално како барател не може да се појави СЈО. Иницијатива може да има секој. А предлог е друго. Предлог за измени може да поднесат 10 илјади граѓани. Не сум добил таква иницијатива како координатор на пратеничката група на ДУИ. Кога ќе ја добијам, тогаш ќе коментирам дали ќе поддржиме, вели Џафери за НОВА.
[Извор: НОВА ТВ, Датум: 16.09.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Изјавата на Талат Џафери формално погледнато е полувистина, што ќе го покажат голите факти. Тој ја заборавил точната постапка околу измените на законот и реагира само на изјавата на Јанева. Но, од друга страна, може да се разбере зошто координаторот на пратеничката група прави таква грешка – имено тој, поведен од вчерашната формулација на специјалната обвинителка во нејзиното обраќање до Собранието на Република Македонија, реагира на фразата „поднесените од моја страна измени“. Фактите, пак, говорат дека, всушност, специјалната обвинителка не поднела текст на измени на закон, туку само поднела иницијатива за измени на закон. Сепак, тоа што Џафери го вели е точно, но важи за друг случај, па затоа изјавата ја оценивме како полувистинита.
Специјалната јавна обвинителка, инаку, вчера изјави дека измените се клучни за нивната работа, за да може оваа институција да навлезе во сржта на предметите за Мартин Нешковски, „Монструм“ и „Сопот“.
Денеска пред целата јавност апелирам законодавниот дом да ги донесе поднесните од моја страна измените на законот за заштита на сведоци, за да може СЈО да навлезе во сржтта на предметите како што се Мартин Нешковски, „Монструм“ и „Сопот“.
Реалноста е дека Јанева, односно Специјалното јавно обвинителство, до Собранието доставило иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, што се гледа од соопштението од 1 април годинава.
Ја информираме јавноста дека од страна на ова Јавно обвинителство до Собранието на Република Македонија денес беше доставена Иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци која иницијатива произлегува како резултат на потребата од уредување на надлежноста на Јавното обвинителсто за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова Јавно обвинителство. Во таа насока цениме дека донесувањето на овој закон ќе обезбеди целосна имплементација на начелото на автономност на ова Јавно обвинителство во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Можноста да се поднесе иницијатива за измена на закон ја предвидува членот 133 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, кој ја регулира постапката за донесување закон, бидејќи после внесените измени, всушност, резултатот е нов закон. Тој член, за разлика од членот 132, кој предвидува дека предлог-закон може да поднесат само пратеник или пратеници, Владата или најмалку 10.000 избирачи, гласи вака:
Член 133
(1) Иницијатива за донесување на закон до овластените предлагачи, може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.
(2) Иницијативата упатена до Собранието се доставува до пратениците и за тоа се известува подносителот на иницијативата.
Поради заборавањето на спроведената процедура, изјавата на Џафери е полувистинита.
ИЗВОРИ
- (16.09.2016) НОВА ТВ – Талат Џафери: Катица ни под разно не може да бара измена на закони [Пристапено на 16.09.2016]
- (15.09.2016) – Специјално јавно обвинителство – 15.09.2016 [Пристапено на 16.09.2016]
- (01.04.2016) – Специјално јавно обвинителство – 01.04.2016 [Пристапено на 16.09.2016]
- Собрание на Република Македонија – Д Е Л О В Н И К НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА* [Пристапено на 16.09.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар