Талат Џафери: Спикерот на жешкото столче во парламентот

Од изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието Фото: mk.wikipedia.org

 

На гласањето на референдумот на 30 септември, првиот човек на Собрaнието дозна дека како и 40 илјади други лица е запишан во избирачкиот список, ама го нема во списокот на самото место на гласање. Меѓутоа, ова е само непријатна епизода во однос на улогата која ја има сега, но и во наредните недели, а во врска со референдумското прашање и уставните измени

 

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во неделите што се пред нас спикерот на Парламентот Талат Џафер ќе биде еден од највработените во земјава. Треба да се истуркаат уставните амандмани или да се оди на планот „Б“, да се распишат вонредни парламентарни избори, што значи дека Собранието ќе мора да се распушти.

Но,  на денот на референдумот (30.09.2018) спикерот на пaрламентот дојде на насловните страници поради фактот дека еден од врвните луѓе во политичката хиерархија не можеше да го заокружи својот избор кај референдумското прашање. Него, според медиумите го немало на Избирачкиот список.

Точно е дека ме немаше на Избирачкиот список, се надевам дека е изолиран случај и дека немало слични ситуации, рече Џафери.

Но, омбудсманот некој ден потоа откри дека тоа право им било одземено дури на 40 илјади граѓани, кои биле запишани во Избирачкиот список, ама ги немало на списокот на местото на гласањето, што е вистински скандал, кој може да укаже на тоа колку државните органи „помогнаа“ да нема доволна излезност тој ден.

Името на Џафери е врзано за многу трауматични настани во младата демократија во земјава, при што „изгубеното ливче“ на гласачкото место е најмала непријатност.

Најнапред, тој беше централната фигура на оној обид за пуч извршен на 27 април 2017 година – насилниците влегоа во парламентот токму во мигот кога тој доби мнозинство од 62 гласа и беше прогласен за нов претседател на институцијата, со што се отвори патот за реализација на волјата на бирачите од парламентарните избори од декември 2016 година. Претходно,со постојаните протести со месеци, т.н. група „Тврдокорни“ се обидуваше да го спречи изборот на Џафери за претседател на Собранието, најчесто со пароли кои беа од непримерниот арсенал на најлошиот национализам.

Спикерот Талат Џафери (56) е роден во гостиварското село Форино. Образованието му е врзано за поранешната ЈНА – воена гимназија завршил во Белград. Студирал на Воената академија на копнена војска во Белград и Сараево. Постдипломски студии или специјализација за командни и штабни должности минал на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски” во Скопје.

Неколку настани од неговиот животен пат не му изградија кариерна слика која би била едноставно општоприфатлива, особено во едно конфлктно општество какво што е нашето. Најчсто се споменува фактот дека за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година, Џафери, кој бил висок офицер во АРМ и командувал со единиците во тетовската касарна, но побегнал од работното место и се придружил на единиците на ОНА, каде го добил кодното име Командант Форина (не е многу дискреционо – тоа се должи на името на родното село). Пресуден момент е секако масакрот кај Вејце (28 април 2001), а тој бил во мигот дежурен командант во касарната во Тетово. Дали тој имал некаква улога во настанот или проценил дека како и да се суди би бил виновен, па ја напуштил касарната? Вистинскиот одговор не се знае и никогаш не го добивме. Но, по потпишувањето на Охридскиот договор и рехабилитацијата на борците на ОНА кои немаа за себе злосторства против човештвото можеа да се вратат кон граѓанскиот живот.

Џафери стана пратеник на ДУИ после изборите во 2002 година и беше на таа функција се до 2013 година, кога стана министер за одбрана во тогашната Влада предводена од Никола Груевски. Да потсетиме дека онаа средина која постојано негодуваше за неговата политичка позиција од страна на десницата, тогаш не му го „триеше носот“ на лидерот на ВМРО ДПМНЕ за изборот на џафери на една така чувствителна позиција.

Но, затоа речникот во тие кругови се смени кога се дозна дека Џафери ќе биде предложен за претседател на Собранието во 2017 година. За разлика од меморијата на неговите противници, треба да се потсети дека тој не е првиот Албанец на оваа функција – на тоа место пред него беше лекарот – педијатар Вулнет Старова(1986 – 1991).

За волја на вистината Џафери не беше многу популарен како пратеник заради неговото узурпирање на говорницата со молчење или со читање на поезија (омилен избор – Ацо Шопов), кога не сакаше некое законско решение да дојде на гласање. Тоа и нему му се врати во мигот кога пратениците на ВМРО ДПМНЕ го опструираа неговиот избор со слични „решенија“ со кои беше блокирана работата на Собранието и неговите тела. Беше противник на тоа снимените разговори да бидат земени како доказен материјал, а им се замери практично на сите новинари со некои обиди да се ограничи нивната работа. Даде некои законски предлози во таа насока, па дури интервенцијата на американскиот амбасадор го натера предлогот да го повлече. Генерално важи како не многу срдечен човек во контактите со медиумите, делува затворено и никогаш не делува воодушевено кога треба да одговара на нивни прашања.

Нема сомнение дека е еден од милениците на Али Ахмети, бидејќи е врска меѓу т.н. воено крило на ДУИ и она другото, „цивилното“.

Неговиот имотен лист е речиси здодевен – во Форино има куќа од 340 м2 и има стан од 46 м2 во Скопје. Поседува два автомобили, ауди а4 на негово име и фолсваген „буба“ на име на неговите деца. Својата плата ја нема пријавено, но на име на приходи ја има пријавено платата на сопругата од 17 000 денари. Џафери во својот имотен лист пријавил и долгови од скоро 35 500 евра.

Годинава тој ја мажеше неговата ќерка Бесиана за Лабинот Беќири. Свадбата имаше елементи на традиционалност, заради должината (три дена), Џафери, покрај ќерката Бесиана, има и син, кој се венчал во 2015 година.

Инаку, Бесиана беше асистент на Институтот за меѓународни и политички студии. Но годинава прав подигна и сознанието дека неговата ќерка од асистент стана вработена во државната ЕЛЕМ. Според Макфакс, таа има добиено решение за времено врботување (на осум месеци).

На неговиот личен живот секако јавноста ќе заборави во деновите во кои не чекаат тешки одлуки во парламентот околу иднината на Преспанскиот договор. Спикерското столче станува жешко.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција