„Талир“ – СЈО отвори истрага за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ

СЈО се сомнева дека во периодот од 2009 до 2015 година се злоупотребени 4,9 милиони евра за незаконско финансирање на партијата Фото: Мета

Постои основано сомнение дека вкупно 11 лица сториле кривично дело – Перење на пари и други приноси, од казниво дело по член 273 став 5 вв став 1 од КЗ, при што 9 лица се осомничени како директни извршители, додека две лица се осомничени како помагачи за истото кривично дело.

 

Постои основано сомнение дека вкупно 11 лица сториле кривично дело – Перење на пари и други приноси, од казниво дело по член 273 став 5 вв став 1 од КЗ, при што 9 лица се осомничени како директни извршители, додека две лица се осомничени како помагачи за истото кривично дело.

 

На 22.05.2017 година Специјaлното јавно обвинителство  (СЈО)  на прес-конференција соопшти дека е отворена нова истрага со работен наслов „Талир“, однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, при што според СЈО, постои основано сомнение дека во периодот од 2009 до 2015 година се злоупотребени 4,9 милиони евра . СЈО како резултат на истрагата, бара замрзнување на дел на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ја и новата зграда на партијата. Во овој случај на СЈО се осомничени 11 лица.

Како што објави телевизијата „Телма“ , првоосомничен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а осомничени се и тројцата генерални секретари на партијата во тој период (2009-2015): Мартин Протогер, Кирил Божиновски и Емил Димитриев, лицата одговорни во Центарот за комуникации: Илија Димовски, Иво Котевски и Александар Бичиклиски. Меѓу осомничените се споменуваат и Елизабета Чингаровска, Даниела Рангелова, Игор Есмеров и Леко Ристовски.

Претставувајќи го случајот обвинителката Фатиме Фетаи рече  дека:

Станува збор за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби, при што мотивите на делување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување на целосна контрола над политичката партија.

Постои основано сомнение дека првоосомничениот ги прифатил незаконските средства за финансирање на политичката партија и не ги вратил на лицата од кои потекнувале, ниту пак ги уплатил во Буџетот на РМ, како што предвидува Законот за финансирање на политичките партии, за потоа ваквите средства да се искористат за хуманитарни цели, туку таквите нелегални средствата ги задржал и со тоа овозможил кумулирање на противзаконски капитал за финансирање на политичката партија. Поради тоа постои основано сомнение дека со овие дејствија првоосомничениот како одговорно лице сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

Доказите кои беа обезбедени во текот на предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека првоосомничениот со цел да може, со парите кои потекнуваат од кривичното дело што го сторил, да овозможи финансирање на политичката партија, формирал група на лица која се занимава со перење на пари и заедно со другите осомничени лица овозможиле средства кои потекнуваат од кривичното дело преку месните организации на политичката партија да бидат внесени на жиро сметката на партијата.

Постои основано сомнение дека внесувањето на средствата било извршено преку готовински уплати, при што во уплатниците биле внесувани неточни податоци и преку злоупотреба на личните податоци на членството на политичката партија биле вршени уплати на незаконски стекнатите парични средства, при што во периодот од 2009 до крајот на 2015 година, преку готовински уплати на жиро сметката на партијата биле внесени вкупно 301.531.662,00 денари или речиси 4.900.000 евра.

Воедно, доказите упатуваат и на основано сомнение дека дел од осомничените лица, со цел да го прикријат незаконското потекло на парите, ги прикажувале ваквите уплати во регистарот на донации и во завршните сметки како легални уплати, а незаконски стекнатите парични средства што биле внесени на жиро сметката на политичката партија потоа биле користени за намирување на обврските кои дел од осомничените лица ги преземале во име на партијата, по што следеле и плаќања од жиро сметката…

Поради наведеното, постои основано сомнение дека вкупно 11 лица сториле кривично дело – Перење на пари и други приноси, од казниво дело по член 273 став 5 вв став 1 од КЗ, при што 9 лица се осомничени како директни извршители, додека две лица се осомничени како помагачи за истото кривично дело.

Воедно, постои основано сомнение дека ова не бил единствен начин на незаконско финансирање на политичката партија. Имено, постои основано сомнение дека првоосомничениот како одговорно лице спротивно на законските ограничувања предвидени во Законот за финансирање на политичките партии, овозможил за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да бидат обезбедени услуги од правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, кое во време на обезбедување на услугите имало склучено договори за доделување на јавни набавки.

Целата прес-конференција можете да ја видите тука, а извештаите на медиумите поврзани за овој настан можете да ги прочитате на овој линк.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција