Таравари се премисли и се кандидираше за градоначалник на Гостивар
Таравари вели дека одлуката да се натпреварува за градоначалничката функција во Гостивар била лична. „Јас сум еден од неколкуте клучни луѓе во партијата, и не можам да го избегнам ова, седнавме, разговаравме, никој не ме натера на ова. Ги демантирам сите вести, читам дека ќе изиграм некого, ќе ме стават во машина, напротив, одлуката беше лично моја, да се натпреваруваме и да зајакнеме како партија…
Оцени: Ана Анастасовска
Министерот за здравство Арбен Таравари, на 18.08.2017 година, одржа прес-конференција во врска со употребата на сините картони во здравството. На прес-конференцијата му беше поставено прашање, дали ќе влезе во трката за градоначалник на Гостивар, на кое тој кратко одговори:
Нема да се кандидирам за градоначалник.
[Извор: Њузрум, датум: 19.08.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на министерот за здравство Арбен Таравари, дадена во средината на август 2017 година, ја сметаме за недоследна, бидејќи две недели подоцна – на почетокот на септември, Таравари го смени ставот и влезе во градоначалничката трка за Гостивар.
Името на министерот за здравство Арбен Таравари, во политичките кругови се спомнуваше како кандидат за градоначалник на Гостивар од редовите на Движење за реформи-ДПА. Оттаму и интересот на новинарите да му го постават прашањето дали ќе ја напушти извршната власт и ќе влезе во трката за прв човек на Гостивар.
Иако Таравари на 18.08.2017 година ги негираше ваквите гласини, сепак тие се покажаа како точни.
На 03.09.2017 година, медиумите јавија дека Таравари потврди дека на изборите ќе се трка за градоначалничката фотелја во Гостивар.
Најверојатно, ќе се кандидирам за градоначалник на Гостивар, како кандидат на Алијансата. До почнување на предизборната кампања, останувам во Министерството за здравство. За време на кампањата ќе земам две недели одмор, меѓутоа ќе одам во Министерството за да завршам неопходни работи – изјави Таравари, пренесе Мета.
На 08.09.2017 година, Таравари во интервју за Цивилмедија, на прашањето, зошто решил да се кандидира за градоначалник на Гостивар, тој одговара:
Јас, како Арбен Таравари, никогаш не сум се кандидирал во Гостивар. Сакам да видам колкава е мојата вредност, да видам колку ме вреднуваат моите сограѓани… И, ова е моментот да се вратам во мојата база, да ја добијам пресудата од народот, да формирам таму една екипа. Знам дека јас, како градоначалник на општина, не сум многу соодветен, но мислам дека екипите се тие што даваат резултати.
На прашањето, дали одлуката е лично негова, Таравари вели:
Јас сум еден од неколкуте клучни луѓе во партијата, и не можам да го избегнам ова, седнавме, разговаравме, никој не ме натера на ова. Ги демантирам сите вести, читам дека ќе изиграм некого, ќе ме стават во машина, напротив, одлуката беше лично моја, да се натпреваруваме и да зајакнеме како партија… Ако ние како партија не сме силни, ако ја немаме довербата на народот, тогаш нашата вредност во Владата е ирелевантна.
Имајќи го предвид ова, може да се заклучи дека изјавата на Таравари дека нема да се кандидира за градоначалник на Гостивар, е недоследна.
ИЗВОРИ:
- Сдк.мк (18.08.2017) – Ќе одговара тој што ги врати сините картони, вели Таравари [Пристапено на 20.09.2017]
- Њузрум (19.08.2017) – Таравари нема да влезе во трката за градоначалник на Гостивар [Пристапено на 20.09.2017]
- Плусинфо (19.08.2017) – Таравари: Нема да се кандидирам за градоначалник [Пристапено на 20.09.2017]
- Тајм.мк (03.09.2017) – Таравари потврди дека ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар [Пристапено на 20.09.2017]
- Мета (03.09.2017) – Таравари ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар [Пристапено на 20.09.2017]
- Цивилмедија (08.09.2017) – Таравари: Одлуката за кандидирање за градоначалник на Гостивар е моја! [Пристапено на 20.09.2017]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар