„Таргет“ – УБК незаконски прислушувала речиси 6.000 граѓани

Управата за безбедност и контраразузнавање осум години (2008 -2016) следела политичари, новинари, бизнисмени Фото: Вистиномер

Постои основано сомнение дека осомничените лица, искористувајќи ја својата службена положба и овластување на штета на средствата на државата, преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите, потешко ги повредиле основните човекови права на незаконито прислушкуваните граѓани

 

 

Постои основано сомнение дека осомничените лица, искористувајќи ја својата службена положба и овластување на штета на средствата на државата, преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите, потешко ги повредиле основните човекови права на незаконито прислушкуваните граѓани

На 18.11.2016 година Специјaлното јавно обвинителство (СЈО) на прес- конференција соопшти дека е отворена нова истрага со кодно име „Таргет“  за незаконското следење на комуникациите од 2008-ма до 2015-та година. Осомничени се десет лица од Управата за безбедност и контраразузнавање ((УБК) дека ги злоупотребиле службената должност и овластувања за незаконско прислушување на 5.827 телефонски броеви.

Интересно е и тоа што незаконското прислушување продолжило и по објавувањето на аферата „Прислушување“ на 31 јануари 2015, како и во 2016 година. Според доказите, првоосомничениот, кој бил на раководна позиција во УБК, без законско право пристапувал кон слушање телефонски броеви и на лица што биле во блиски односи со него, на лица од бизнис-заедницата и новинари.

Презентирајќи го новиотј слуај на СЈО, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека основно прашање кое мора да го одговори ова Обвинителство е кој, на кој начин, со кои средства и крајно, со какви мотиви вршел незаконито прислушкување во Република Македонија

Одговорот на ова прашање, освен во делот на мотивите, што е предмет на истрагата, добива слика во дејствијата на 10 лица, тогаш, а дел и сега вработени во УБК на различни работни позиции, од највисоките структури до пониските ешалони, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од Кривичниот Законик.

Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените лица, искористувајќи ја својата службена положба и овластување на штета на средствата на државата, преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите, потешко ги повредиле основните човекови права на незаконито прислушкуваните граѓани.

Доказите со кои во овој момент располагаме, упатуваат на основано сомнение дека преку системите за следење на комуникации во периодот 2008-2015 година незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4.286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби за нивно следење. Следена е комуникацијата и на телефонски броеви во период, пред да биде издадена судска наредба, а истата е следена и по завршување на траењето на наредбата. На ваков начин незаконски била следена комуникацијата на  најмалку 1.541 телефонски броеви или вкупно на најмалку 5.827 телефонски броеви. Притоа, незаконски биле следени и сите лица кои комуницирале со телефонските броеви кои биле таргет на незаконско прислушување во тој период.

Во конкретниот случај предмет на истражување беше работењето на системите за следење на комуникации во период од 2008 година заклучно со 2015 година. Притоа, утврдивме дека во овој период во употреба биле три различни системи за следење на комуникациите. Зависно од тоа кој систем на следење на комуникациите бил во употреба, биле преземани различни дејствија на извршување.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека во текот на 2008 година тројца од осомничените лица, како лица на раководни позиции, спротивно на законските прописи давале налози за внесување, односно и сами внесувале телефонски броеви кои не биле предмет на судски наредби и воедно пристапувале кон слушање на телефонските разговори снимени во системот за следење на комуникации за кои немало судски наредби…

Воедно, од прибраниот доказен материјал произлегува и сомнение дека незаконското следење на комуникациите продолжило и после обелоденувањето на аферата со прислушкувањето и како податок може да Ви презентирам дека на ден 31.12.2015 година незаконски биле прислушкувани вкупно 138 телефонски броеви, а доказите кои ги поседуваме покажуваат дека процесот на злоупотреба на системот за следење на комуникациите продолжил и во 2016 година.

Телевизија „Телма“ објави дека во случајот „Таргет“ се осомничени поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началникот на петтата управа Горан Грујовски и уште неколкумина вработени во оваа служба.

Целата прес-конференција можете да ја видите тука, а извештаите на медиумите поврзани за овој настан можете да ги прочитате на овој линк.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција